Фармацевти
Контакт

<< Назад

Љубомора

март 1, 2018

Како да се победи стравот од напуштањеЉубомората е поврзана за три лица, или љубовен триаголник, во кој третото лице кое го загрозува љубовниот однос на двајца луѓе може да биде вистинско или измислено, а опасноста по љубовта реална или исконструирана, што зависи од степенот на самопочитување и самодоверба, кои се основни елементи на стабилност и градење однос на доверба

Марина Брашиќ, ОЛИ интегративен психодинамиски психотерапевт

Љубомората е природно чувство, само е прашање на кој начин ќе се носите со неа. Тоа е сложена емоција поврзана со спектар од различни чувства, како што се страв од губење љубов или наклоност на друго лице поради постоење на некое трето, посесивност, лутина, несигурност, ривалитет, страдање итн. Чувството на љубомора ги движи луѓето кон активности или однесувања со кои ќе се заштити или зачува односот за кој мислат дека е загрозен. Иако најчесто се поврзува за романтични, љубовни односи, љубомората може да дојде до израз и во други меѓучовечки односи.

ЗАВИСТ: Често љубомората се меша со чувството на завист. Меѓутоа, во случај на завист едно лице сака нешто што другото го има и на што му завидува. Кога станува збор за љубомора, секогаш се вклучени три лица – едно кое има страв од напуштање или губење на друго лице, додека причината е вистинско или замислено постоење на трето лице кое се доживува како опасност. Значи, постои триаголник кој го сочинуваат љубоморното лице, неговиот партнер, или третото, измислено или вистинско лице, кое е реален или нереален причинител на љубомора.

ОПАСНОСТ: Чувството на опасност е причинител за љубомора. Некогаш опасноста е реална и љубомората е соодветно чувство (на пример, кога партнерот флертува со некој и покажува наклонетост кон трето лице). Меѓутоа, опасноста не мора секогаш да биде реална. Таа е нереална кога не постои повод или кога не постои реална можност односот да биде загрозен.

НЕСИГУРНОСТ: Кога нема реална опасност, љубомората е израз на несигурност. Во такви ситуации љубоморната личност може да бара потврда од партнерот дека ја сака или очекува од партнерот на некој начин да „докаже“ дека нивниот однос е сигурен. Кај самоуверените луѓе чувството на љубомора обично има помал интензитет и побрзо поминува. Самоуверената личност ќе ги преиспита реалните околности и врз основа на тоа ќе работи на односот или ќе го прекине.

Меѓутоа, проблемот настанува кога љубоморната личност не може да увиди дека опасноста е нереална, иако партнерот „со сите сили“ се труди да ја увери дека греши. За љубоморната личност, третото лице, без разлика дали е вистинско или измислено, претставува опасност и таа останува „заробена“ во вителот на сопствената љубомора. Ваков вид на љубомора е сериозна закана за партнерскиот однос, причина за прекинување на односот, но и деструктивно однесување.

ИНТЕНЗИТЕТ НА ЉУБОМОРА: Постојат различни интензитети на искажување  љубомора, но и различни степени на нејзино толерирање. Интензитетот на искажување љубомора е во склад со личните карактеристики на љубоморната личност. Често се случува интензитетот на љубомора да не е во склад со објективните околности зашто психолошките карактеристики го одредуваат доживувањето на ситуацијата.

САМОПОЧИТУВАЊЕ И САМОДОВЕРБА: Кога личноста е несигурна во себе,  верува дека не е доволно добра за да биде сакана од партнерот. Таквата личност е несигурна и во другите, таа нема верба дека другите ќе ја сакаат таква каква што е, туку постојано очекува дека ќе биде изневерена и отфрлена. Ниското самопочитување и самодовербата градат лоша слика за себе, личноста ниско ги вреднува своите квалитети, поради што секогаш се сомнева дека постои можност некој друг да го заземе нејзиното место во односот.

НЕСАМОСТОЈНОСТ: Зависноста од други и потпирање на други е карактеристика на помалку самостојни личности, кои често другата личност ја доживуваат како објект за задоволување на сопствените потреби. Кога постои зависност од партнерот, односно кога партнерот е „средство“ за задоволување на потребите, тогаш и стравот од губење е поголем, а љубомората поинтензивна.

ПОСЕСИВНОСТ: Посесивните лица се многу тешки за партнерот, зашто му ја загрозуваат слободата на личноста, имаат потреба да бараат докази за неверство и го контролираат партнерот во различни аспекти од животот, па дури и да го изолираат за да си осигураат место само за себе. Посесивноста е поврзана со патолошка љубомора.

ТОЛЕРИРАЊЕ НА ЉУБОМОРА: Некои луѓе сосема погрешно ја поврзуваат љубовта и љубомората и мислат дека чувството на љубомора го докажува постоењето на љубовта, според системот колку личноста е пољубоморна толку повеќе сака. Во таквиот однос љубовта станува сложена вртелешка во која постојано се бара доказ за љубов низ љубоморни сцени.

Друг екстрем на (не)толеранција на љубомора е раздвојување на претставата за љубов и љубомора. Кај лица кои имаат раздвоен став за љубов и љубомора, секој, па и најмал знак на љубомора значи непостоење на љубов, односно претставува посесивност и болна љубомора. Таквите лица имаат црно-бела слика за љубовниот однос, сметаат дека љубовта не постои таму каде што е љубомората, не прифаќаат ни најмали знаци на љубомора и го прекинуваат контактот.

Екстремно толерирање дури и на патолошка љубомора, како и екстремно нетолерирање на безопасна љубомора се решава со искрен разговор, можат да укажат на постоење на некои други емоционални проблеми.

Соочување

Кога љубомората ќе почне да го ремети вашиот партнерски однос, потребно е да се запрашате што можете да направите. Соочување со љубомората подразбира признавање за нејзино постоење и соочување со чувствата кои водат до неа, што е прв чекор во надминување на љубоморниот однос. Неопходно е да се работи на себе, да се развијат своите потенцијали и да се сакаме себеси баш такви што сме. Побарајте стручна помош – психотерапијата може да биде делотворна за надминување на личните граници и развивање на потенцијали. Дури кога ќе се сакате себеси, емотивно сте отворени да сакате некој друг без страв од напуштање, отфрлање и загуба. Блискост и поврзаност може да постои и кога партнерите имаат слобода да прават што сакаат и да се дружат со кого сакаат. Преку запознавање на својата љубомора можете да имате двојна корист; ќе се развивате себеси, а ќе добиете и нови квалитети во партнерскиот однос, заснован на доверба.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>