Предизвикувачи и лекувањеНевена Кесер
Постојат многу причини за црвенило во очите. Во едни случаи црвенилото во очите не е опасно и е со минлив карактер, но доколку е проследено и со болка во очите или пречки во видот, потребно е да посетите лекар, задолжително и без одложувања. Црвенилото во очите може да биде предизвикано и од сув воздух во просториите, престој во простор во кој има прашина, алергиска реакција, силен ветар, туѓо тело во окото, повреда на окото, несоодветна шминка, но и напрегање, на пример, при силна кашлица и повеќечасовно непрекинато гледање во компјутер. Во случај на безопасно црвенило во очите помагаат и млаки облоги од чај од камилица и одмор.
Кај црвенилото во очите многу е важно да се одреди причината, па се препорачува посета на лекар, кој врз основа на симптомите и прегледот ќе одреди што е во прашање и ќе препише терапија и лекување. Некогаш црвенилото во очите е индикатор за сериозна медицинска состојба, како што е, на пример, улкус во рожницата, или глауком, кои мора веднаш да се лекуваат.
Конјунктивитис може да биде предизвикан од вирусна или бактериска инфекција, алергија или некоја иритација во окото. Се манифестира со црвенило, солзење, јадеж, болка. Треба да се одржува хигиена на рацете, да се избегнува допирање на окото, за да не се прошири инфекцијата. Не треба да се користи шминка.
Блефаритис се манифестира со црвенило, пецкање, отечени капаци, солзење, јадеж и „суви очи“. Станува збор за воспаление на рабовите на капаците, кое може да се закомплицира, да се појават чиреви, а трепките да опаднат.
Суво око е симптом на намалено производство на солзи, кои ја штитат површината на очите. Се манифестира со црвенило и непријатно чувство на сувост. Помагаат капките за очи, а треба да се консултирате со лекар или фармацевт.
Очите се чувствителен орган, и на црвенило во едното или во двете очи треба секогаш да се реагира така што ќе се консултирате со фармацевт и ќе посетите лекар. Причината може да биде и висок притисок, но и користење некои лекови. Ако лекарот специјалист одреди терапија, која може да се состои и од антибиотски капки и креми, таблети, па дури и инјекција, важно е терапијата да се спроведе до крај, а пациентот да се јави на контролен преглед.
Лекувањето на црвенило во очите на своја рака може да ја влоши состојбата и никако не треба да се практикува. Во безопасни случаи (ако нема болка, замаглен вид, исцедок, мачнина), треба веќе првиот ден кога ќе се забележи црвенилото да се консултирате со фармацевт и да ја одржувате хигиената на рацете и пределот околу очите. Ако црвенилото не помине за ден-два, или се јават други симптоми, како чувствителност на светло, потребна е итна посета на лекар.