Фармацевти
Контакт

<< Назад

ЖЕЛЕЗО

март 1, 2018

Минерал кој дава енергијаНаташа Филиповиќ

Најважна состојка на крвниот пигмент хемоглобин е железото, кое се наоѓа во секоја клетка на нашето тело. Овој драгоцен минерал го врзува кислородот од белите дробови и го транспортира до сите наши органи, од кои најголеми потрошувачи се нашето срце и мозокот.

Недостиг од железо: Доколку во нашиот организам нема доволно од овој минерал симптомите може да бидат бледило, исцрпеност, хроничен замор, поспаност, нервоза, недостиг на концентрација, чувство дека немате доволно воздух, болни и обилни менструации, чукање на срцето, анксиозност, синдром на немирни нозе (цупкање кое не можете да го контролирате), главоболки, болен јазик, паѓање на косата и друго.

Жените почесто од мажите страдаат од недостиг од железо, посебно за време на менструалниот циклус, во текот на бременост и доење. Недостигот од железо може да се јави и кај занимавање со физичка активност и спорт, бидејќи преку потење од организмот се исфрлаат поголеми количини минерали, а со самото тоа и железо. Недостигот од железо може да се јави како проблем и кај лица кои се на веганска, односно вегетаријанска исхрана, бидејќи не консумираат месо, при драстични диети, но и во случај на пореметена апсорпција на овој минерал во желудникот и цревата, кај луѓе кои имаат хемороиди и различни крвавења.

Анемија: Недостигот од железо се нарекува анемија или слабокрвност и од овој проблем страдаат голем број луѓе во некој период од животот. Анемијата се дијагностицира со лабораториска анализа на крвта, а показател е пад на вредностите на хемоглобинот од 14 грама (на  100 мл крв) на 12 грама.

Исхрана богата со железо: Најмногу железо има во месото (пилешко, говедско, црн дроб, риба). Го има и во зеленчукот, но потешко се искористува. Треба да се консумира зелен зеленчук, јаткасти плодови, пченични никулци, зрнесто и сушено овошје, како и намирници богати со витамин Ц (пиперка, зелка, агруми), бидејќи така апсорпцијата на железо е подобра. Кафе, црн чај, газирани пијалаци, алкохол, па дури и млеко, ја намалуваат апсорпцијата на овој минерал во цревата.

Препарати со железо: Во терапија на слабокрвност, покрај урамнотежана исхрана, се користат и препарати со железо. Тие во многу случаи на анемија просто се неопходни, па за нивната употреба треба задолжително да се консултира лекар и фармацевт. Мана им е што понекогаш тешко се поднесуваат и можат да предизвикаат болка во желудникот, па се препорачува да се консумираат по јадење. Исто така, изметот може да биде со изразито темна боја. Многу е важно, ако земате препарат од железо и чувствувате дека не ви годи, да не се откажете, туку за тоа да разговарате со вашиот лекар и фармацевт. Со оглед на тоа дека постојат различни препарати со железо, тој може да ви го препорача оној кој нема да ве иритира. Дозата, исто така, е битна – прекумерен внес на железо не е добар, бидејќи за овој препарат не важи правилото „повеќе е подобро“, па и за дозирањето договорете се со лекар и фармацевт.

 

 

 

 

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>