Ана Николиќ
Штитната жлезда е многу важна за нашето севкупно здравје, зашто учествува во производството на хормони кои се битни за функционирање на метаболизмот (тироксин или Т4 и тријодотонин или Т3). Ако штитната жлезда неправилно функционира, нерегуларностите во нејзината работа се регулираат со специфичен режим на исхрана, кој, заедно со терапијата која ја препишува лекар, помага во лекување и оптимизирање на здравјето. Во зависност од тоа дали штитната жлезда работи забрзано па имаме зголемено производство на хормони (хипертиреоза), или работи забавено па производството на хормони е намалено (хипотиреоза), лекарот препишува и специфичен начин на исхрана.
ХИПЕРТИРЕОЗА: Последица од забрзаното производство на хормони е губење на мускулната маса и тежина, слабеење, па важно е исхраната да биде урамнотежена и калорична. Се препорачува храна богата со протеини, месо, риба, јајца, млеко, сирење, јогурт, како и користење нерафинирани масла. Месото и рибата треба да се консумираат со зеленчук и салати (кељ, зелка, брокули, блитва, моркови, домати и сл.). Многу е корисно и консумирање свежо и суво овошје, како и јаткасти плодови (ореви, бадеми, лешници). Шеќерот треба да се избегнува и во што поголема мера да се замени со мед. Јаглехидратите треба да се користат со мерка, а житните растенија што повеќе од цело зрно. Едно до две парчиња интегрален леб се доволни за оброк. Треба да се јаде почесто, на мир, и не заборавајте ги ужинките, кои може да бидат јогурт со овошје, колач со мед и суво овошје и слично – здрави, вкусни и калорични намирници.
ХИПОТИРЕОЗА: Поради забавената работа на штитната жлезда и намалено производство на хормони лесно доаѓа до зголемување на телесната тежина и дебелина, па соодветната исхрана е многу важна, како и начин на подготовка на намирниците. Треба да се избегнуваат похувани и пржени јадења, а намирниците што повеќе да се приготвуваат на пареа, односно со што помалку масло. Се препорачуваат пилешко и мисиркино месо, бела и сина риба (која содржи омега-3 масни киселини), обрано млеко, бели сирења со низок процент на масти. Многу умерено треба да се консумираат житни растенија, ориз, компир, а да се избегнуваат пици, пасти, пекарски производи, шеќер, колачи, слатки. Секој ден на трпезата треба да има зеленчук – подготвен на пареа, динстан или во облик на салата.
Генерално се препорачува намирниците како што се кељ, прокељ, келераба и карфиол да не се користат во суров облик, туку термички да се обработат.
Во случај да забележите дека губите од тежината или дека станувате дебели, задолжително обратете се на лекар, кој во случај да се посомнева на неправилна работа на штитната жлезда ќе ве упати на специјалист ендокринолог. Специјалистот ќе го провери хормонскиот статус на штитната жлезда и ќе ви препише терапија. Во ординацијата како дел од терапија ќе добиете и прецизни совети за режимот на исхрана кон кој треба да се придржувате. Во регулирање на здравствениот проблем со штитната жлезда помага и соодветна исхрана, па важно е да не се отстапува од диетата.