Болест на штитната жлездаПочесто се јавува кај жени, и тоа помеѓу третата и петтата деценија од животот, а симптоми се отежнато голтање, зарипнатост, чувство на „грутка“ во грлото, поспаност, заборавеност, забавеност на говорот и мислите, сува кожа, раслојување и пукање на ноктите, зголемување на телесната маса, подуеност, запек, чувство на студ
прим. д-р Душанка Стевовиќ-Гојгиќ
супспецијалист на ултразвук во клиничка медицина
Штитната жлезда е најголем ендокрин орган. Се наоѓа на предната страна на вратот, пред душникот. Изградена е од два латерални лобуси кои во централниот дел се споени со ткивен мост кој се нарекува истмус. Просечната тежина на штитната жлезда кај возрасно лице е околу 20-30 грама.
Хормони и функција на штитната жлезда
Преку хормоните кои ги создава и излачува, штитната жлезда регулира многу процеси во организмот. Таа влијае на базалниот метаболизам, растот и созревањето, регулирањето на телесната температура, синтезата на протеини, разградбата на масти, функционирањето на нервниот систем, работата на срцето и друго.
Тиреоидеата може да продуцира премалку или премногу хормони, да биде хронично зголемена (локализирано или дифузно), а релативно често е и место за локализација на бенигни и малигни тумори.
Заболувањата на штитната жлезда може да се поделат во неколку групи: вродени малформации, пореметувања на функцијата, воспаленија на жлездата или тиреоидитиси, тумори на штитната жлезда.
Што е Хашимото тиреоидитис?
Поимот Хашимото тиреоидитис потекнува од далечната 1912 година, кога ова заболување прв пат го опишал д-р Хакару Хашимото.
Хашимото тиреоидитис (исто така, наречен и автоимун или хроничен лимфоцитен тиреоидитис) почесто се јавува кај жени отколку кај мажи, главно помеѓу третата и петтата деценија од животот. Општата зачестеност на Хашимото тиреоидитис во светот покажува тенденција на пораст.
Во основата на ова заболување е имунолошко пореметување, односно создавање на антитела насочени кон клетките на жлездите кои лачат тиреоидни хормони. Улогата на имунолошкиот систем е одбрана на организмот од туѓи агенси како што се бактерии, вируси и друго. Имунолошкиот систем кај лица со Хашимото тиреоидитис погрешно ги препознава нормалните тиреоидни клетки како туѓо ткиво и создава антитела кои доведуваат до нивно оштетување. Последица на тоа е намалена функција на штитната жлезда, односно недоволно создавање хормони.
Симптоми
Болеста некое време може да биде асимптоматска. Како таква најчесто се открива при рутински преглед на хормоните во крвта, каде се бележи нивна намалена концентрација, или при преглед на вратот со ултразвук, кој укажува на пореметување на изгледот на жлездата.
Првите симптоми на ова заболување може да се јават како последица на притисок на компензаторно зголемената жлезда на околните структури на вратот или како последица на намалени концентрации на хормоните во крвта. Зголемената жлезда локално може да предизвика отежнато голтање, отежнато дишење, зарипнатост, чувство на „грутка“ во грлото.
Како резултат на ниската концентрација на хормоните во крвта доаѓа до низа на неспецифични симптоми. Главно пациентите се жалат на поспаност, заборавеност, забавеност на говорот и мислите, сува кожа, раслојување и пукање на ноктите, зголемување на телесната маса. Подуеност, запек и постојано чувство на студ, исто така, може да бидат присутни како резултат на забавен метаболизам, како последица на намален ефект на тироидните хормони на ткивата. Срцевата работа е забавена кај речиси сите пациенти, а кај 20 насто од нив постои и дијастолна хипертензија.
Дијагноза
Дијагнозата Хашимото тиреоидитис лекарот ја поставува врз основа на земена анамнеза, клинички наод и специфични лабораториски анализи, а некогаш и со биопсија на штитната жлезда.
Основните карактеристики на лабораториските наоди се намалена концентрација на хормонот на штитната жлезда (T3 – тријод-тиронин и T4 – тироксин), и зголемена вредност на TSH – тиреостимулирачки хормон (хормон на хипофизата).
TSH е многу битен показател за хипертиреоидизам со оглед на тоа дека реагира и на најмали измени во концентрацијата на тироидните хормони во крвта. Меѓутоа, најзначаен лабораториски параметар за Хашимото тиреоидитис е висок титар на анти-TPO антитела (антитела насочени кон тироидна пероксидаза). Неретко во лабораториските наоди кај овие пациенти се уочуваат забрзана седиментација и анемија.
Терапија
Терапијата на Хашимото тиреоидитис е медикаментозна, насочена кон корекција на нивото на хормони. Се подразбира секојдневно земање левотироксин во соодветна доза, посебно приспособена на секој пациент. Терапијата се зема наутро, најмалку половина час пред појадок.
Пациенти со тежок облик на хипотиреиодитис, постари пациенти и пациенти со кардиоваскуларни заболувања може да имаат зголемена сензитивност на тироидни хормони. Поради тоа кај нив терапијата започнува со мали дози, со постепено зголемување, до дози на одржување во текот на 6-12 недели. Кај помлади пациенти и пациенти со полесни облици на хипотиреоидитис терапијата може да се започне со нешто помали дози.
Со оглед на прогресивната природа на Хашимотовиот тиреоидитис неопходно е да се проверува концентрацијата на хормони во крвта, а според неа и да се коригира терапијата тогаш кога тоа е потребно.
Доколку дозата на лек не е адекватна, симптомите на болеста и понатаму ќе перзистираат и може да дојде и до зголемување на жлездата и влошување на претходно постоечките симптоми поради прогресија на тиреоидитис.
Наспроти тоа, доколку дозата на лек е преголема, може да дојде до манифестирање на симптоми на зголемена функција на штитната жлезда. Пациентот станува забележително хиперактивна, раздразлива личност, се жали на тешко поднесување топлина. Кожата е топла и влажна, дланките често се црвени. Апетитот обично е зголемен, но проследен со загуба на телесна тежина. Често е присутна и забрзана срцева работа, замор при напор, несоница, емоционална лабилност, фин тремор (тресење на рацете).
Дозата треба да се нагоди така што серумското ниво на TSH ќе се одржува во нормален опсег, а субјективните тегоби на пациентот постепено ќе се елиминираат.
Хируршото лекување се спроведува кај многу големи струми, појава на компресивен синдром или изразит сомнеж на малигнитет, а пациентот поради тоа се упатува на хирург-ендокринолог.