Препознавање на симптомите и терапијаЗа воспоставување хормонска рамнотежа важен е внесот на здрави масти, контрола на апетитот, избегнување штетни хемикалии, уредно спиење и вежбање кое помага во регулација на телесната тежина, ослободување од стрес и подобрување на имунолошкиот систем
д-р Љиљанка Михајловиќ
спец. по интерна медицина
Хормоните се органски соединенија кои дејствуваат во мали количини и влијаат на регулација на основните метаболистички процеси во организмот, обезбедувајќи раст и развој на различни ткива и на целиот организам. Улогата на хормоните е метаболистичка, продуктивна и репродуктивна. Зборот хормон значи да се „покрене“, „надразни“, „поттикне“.
Ендокрините жлезди лачат хормони. Најмало пореметување во функцијата на овие жлезди може да ја наруши хормонската рамнотежа и да доведе до заболување. Во нашето тело се случуваат хормонски промени, но кога ќе дојде до неурамнотежено дејство на хормоните кое има за последица нарушување на здравјето, тоа го нарекуваме хормонски дисбаланс. Причините за хормонски дисбаланс се пореметувања предизвикани од комбинација на повеќе фактори, како што се генетика, стрес, прекумерна телесна тежина, физичка неактивност, алергија на храна и проблеми со цревата, токсични материи.
Симптоми: Многу е важно да се препознаат симптомите, првите гласници кои укажуваат на тоа дека дошло до пореметување на хормонската рамнотежа. Симптомите се разновидни и се манифестираат со различен интензитет. Затоа треба да ги следите знаците кои ви ги испраќа телото, и навреме да посетите лекар. Хормонскиот дисбаланс повеќе ги погодува жените. Симптомите на хормонски дисбаланс варираат во зависност од видот на пореметувањето. Хормонскиот дисбаланс кај жените најчесто е предизвикан од пореметувања на нормалните вредности на половите хормони. За нормален менструален циклус на жените се задолжени естрогенот и прогестеронот.
Дисбаланс на естроген и прогестерон: Се манифестира со промени во циклусот. Како последица имаме болни, нередовни, обилни менструации или нивен изостанок. Доминантноста на естрогеност предизвикува промени во сонот и телесната тежина, како и забавен метаболизам. Ниско ниво на естроген – намален сексуален нагон, реподуктивни проблеми, промени во расположението. Прогестеронот е хормон кој својата улога ја манифестира во периодот на бременост, а симптомите кои укажуваат на недостиг на прогестерон се отежнато одржување на бременоста, спонтано пометнување, прерано породување.
Дисбаланс на тестостеронот и андростеронот: Кај мажите тестисите лачат тестостерон и андростерон кои се задолжени за продукција на сперматозоиди. Ниското ниво на тестостерон се карактеризира со еректилна дисфункција, зголемена телесна тежина, замор, проблеми во расположението, како и неплодност. Вишокот тестостерон се манифестира со нагони и агресивно однесување. Зголемено ниво на андростерон доведува до дијабетес, болести на срцето, покачен притисок, покачен холестерол. Кога кај жените е присутен вишок на машки хормони, симптомите се: акни, зголемена влакнетост, пореметување на менструалниот циклус и полицистични јајчници.
Дисбаланс на штитната жлезда: Се карактеризира со замор, заборавеност, запек, нервоза, обилно потење, неподнесување на топлина, чукање на срцето, чувство на стегање во вратот. Пореметувањето во вид на зголемено лачење на паратироидните жлезди може да доведе до кршење на коски, создавање камен во бубрезите, а намалена работа на паратироидната жлезда се карактеризира со појава на грчеви како резултат на намален калциум, чувство на страв, болки во мускулите, чувство како да ве лазат мравки, печење, трнење.
Надбубрежните жлезди лачат хормони од групата на минералокортикоиди (кои ја регулираат циркулацијата на минерали и вода во организмот и овозможуваат одржување на хомеостазата) и од групата гликокортикоиди (ја регулираат циркулацијата на протеини, јаглехидрати, липиди, создавање глукоза, спречување појава на воспалителни процеси во организмот). Дефицитот на минералокортикоиди се манифестира со хипотензија, понекогаш и со несвестица.
Панкреасот со своите хормони го регулира нивото на шеќер во крвта, а како последица на дисбалансот на хормоните на панкреасот настанува дијабетес. Карактеристични симптоми за шеќерна болест се жед, сува уста, заматување на видот, парестезија, слабост, замор. Докажано е дека со дијабетесот е здружен централниот тип на дебелина со зголемен обем на половината, поголем од 88 см кај жени и поголем од 102 см кај мажи.
Хормонска рамнотежа: Вистинската дијагноза е клучна за воспоставување хормонска рамнотежа. Планот на лекување може да комбинира лекови, синтетички хормони и промени во начинот на живот.
Основен начин да ја зголемите способноста на вашето тело да создаде и да одржи хормонска рамнотежа е внес на доволно здрави масти: кокосово масло, путер, маслиново масло, извори на омега-3 масни киселини, како што се риба (лосос, туна), чија семе, ореви, тиква, ленено семе. Контролирајте го апетитот, одржувајте адекватен внес на влакна и хранливи материи, намалете го внесот на слатки и бел шеќер.
Ограничете го кофеинот, намалете со кафето или заменете го со корисни билни чаеви, ограничете ја употребата на алкохол, престанете да пушите. Избегнувајте штетни хемикалии, чување и одлагање на храна во пластични садови, пронајдете органски производи, немојте да користите хемиски пестициди.
Вежбањето ќе ви помогне во одржување на телесната тежина, ослободување од стрес, подобрување на имунолошкиот систем. Спијте доволно од 8 до 9 часа дневно – тоа помага во балансирање на стресните хормони, гради енергија, доведува до побрзо заздравување на телото. Промените во начинот на живот може да помогнат и да го забрзаат постигнувањето хормонска рамнотежа.
Мрежа од жлезди
Ендокриниот систем е мрежа од жлезди кои произведуваат и ослободуваат хормони кои помагаат во контрола на многу важни функции во телото. Секоја жлезда ослободува специфични хормони во крвотокот.
Хипофиза – главна жлезда, влијае на многу други.
Епифиза – ги регулира будноста и спиењето.
Тимус – помага во развојот на имунолошкиот систем кај децата, а по пубертетот почнува разградбата на нејзиното функционално ткиво кое се претвора во масно. Пореметувањата во нејзината функција доведуваат до некои автоимуни болести.
Штитна жлезда – го контролира метаболизмот.
Паратироидна жлезда – има улога во развојот на коските.
Надбубрежна жлезда – го ослободува хормонот на стрес.
Клетки на панкреас – ослободуваат инсулин и глукагон.