Важно е редовното мерењед-р Радмила Косиќ
педијатар
Децата растат со одредена динамика, во првата година се мерат 6-7 пати, во втората најмалку двапати, а во следните години барем еднаш. Секое значајно отстапување од очекуваната висина или забавување на растот бара испитување на причината од страна на педијатар и ендокринолог, а дијагностичките процедури и лекувањето се бесплатни
Растот на детето е сложен процес на менување на телесната маса, висината, обликот и пропорциите на телото. Новороденото дете има релативно голема глава (1/4 од должината на телото), а лицето е мало, со слабо развиена долна вилица. Градниот кош е валчест, стомакот испапчен, средината на телото е над папокот, рацете и нозете се кратки, а горниот дел од телото изгледа несразмерно долг во однос на долниот. Просечно новороденче е долго околу 52 см и тешко околу 3,4 кг. Просечните вредности варираат во зависност од полот, националната и расната припадност. Во текот на детството и адолесценцијата детето ќе расте и ќе го менува обликот на телото додека не ја достигне својата конечна висина и стане возрасно лице.
БРЗИНАТА СО КОЈА ДЕТЕТО РАСТЕ зависи од висината на мајката и таткото (генетски потенцијал за раст), правилната работа на жлездите со внатрешно лачење, хронични болести, употреба на некои лекови и емоционалната клима во која детето расте. Хипофизата, ситна жлезда која се наоѓа на долната страна на мозокот, е „диригент во оркестарот на ендокрини жлезди“. Таа дава почетни импулси за раст на другите жлезди, а и самата лачи хормон за раст кој е одлучувачки хормон за раст на сите ткива. На растот во должината и зрелоста на коските, влијаат и хормоните на штитната и надбубрежните жлезди.
Акутните болести не влијаат на растот ‒ тие во детската возраст се краткотрајни и не оставаат последици. Хроничните болести може неповолно да влијаат на правилниот раст и на конечната висина, посебно доколку во текот на лекувањето се користат лекови кои неповолно влијаат на растот (на пр., кортикостероиди). На нашето поднебје денес не гледаме деца кои толку лошо се хранат за тоа да може да биде причина за низок раст.
МЕРЕЊЕТО НА ВИСИНАТА И ТЕЖИНАТА е дел од секој превентивен педијатриски преглед. Врз основа на мерењето голем број деца од одреден пол и возраст се конструираат табели и графикони (карти за раст). Педијатарот после правилно мерење ја запишува измерената вредност на картата и ја споредува висината и тежината на детето со очекуваните вредности. Најдобро е детето да се мери наутро, со што помалку облека. Во првата година од животот масата е подобар показател на добро здравје и правилна исхрана. Во првите шест месеци детето ја дуплира родилната тежина, а на година дена таа станува три пати поголема. Во втората година зголемувањето на тежината се забавува, а индексот за телесна маса се пресметува и толкува во однос на висината.
Обично во првите две години висината се мери во лежечка положба („должина“), а потоа во стоечка. Брзината на растот е најголема во првата година (околу 25 см), во втората е околу 12 см, во третата околу 8 см, а потоа 5-7 см годишно сè до пубертетот. Околу четвртата година детето „зазема место“ во својот канал на раст кој се очекува врз основа на висината на родителите и расте во истиот канал до завршувањето на растот. Секое значајно отстапување од очекуваниот раст, а посебно секое забавување на растот, изискува чести мерења и утврдување на причината за пореметување во растот.
ВИСОКИОТ РАСТ ретко предизвикува загриженост кај родителите и педијатарот. Високи ќе бидат децата на високи родители. Патолошки високиот раст е редок и обично настанува поради зголемена функција на жлездите, генетски аномалии или метаболистички болести. Порано поради висината страдале девојчињата во пубертетот. Денес високиот раст е посакуван кај двата пола, а загриженост треба да предизвика само наглото растење пред пубертетот или по завршениот раст.
НИСКИОТ РАСТ е измерена висина која врз основа на картата на раст значајно се разликува од висината на родителите или од деца со ист пол и возраст. Нискиот раст може да биде патолошки или физиолошки. Со мерење на висина на двата родители и детаљни, целни разговори за динамика на раст на двата родители, педијатарот може да заклучи дали и тие самите се ниски или бавно растеле во однос на врсниците. Овие деца побавно растат, подоцна влегуваат во пубертет, подолго растат и ја достигнуваат висината одредена со генетскиот потенцијал. Ваков образец за раст е почест кај машките деца во семејството. Со исклучување на други причини за низок раст се завршува испитувањето – терапија не е потребна, детето ќе има нормална конечна висина. Нискиот раст кој е придружен со генетски, метаболистички или хронични болести се лекува во рамките на лекување на основните болести.
НЕДОСТИГ НА ХОРМОНОТ ЗА РАСТ е најчеста причина за патолошки низок раст. Често причината за ова пореметување не може да се открие. Со внимателно следење на растот и развојот овие деца може рано да се препознаат – детето е ниско во однос на родителите, со пропорционална градба, доцни растењето на заби, постои зголемена дебелина, куклест израз на лицето, мали шаки и стапала. Доколку лекувањето не започне навреме детето сè повеќе заостанува зад врсниците, пубертетот доцни, а достигнатата висина е неприфатлива за детето и околината. На пазарот постојат фармацевтски облици на хормонот за раст кои се идентични со природниот, па и овој недостиг успешно се лекува.
„МАЛИ БЕА, МАЛИ ОСТАНАА“ често се зборувало за децата кои се родени „ситни“, со мала тежина и должина. Некои од овие деца многу брзо надоместуваат и ги стигнуваат врсниците, а некои после четвртата година и понатаму значајно заостануваат. Овие деца ќе останат ниски и лесни во возрасните години доколку не се примени адекватна терапија. Денес е докажано дека може да им се помогне со давање хормон за раст: во текот на неколку години терапијата со забрзан раст ќе ги надомести сантиметрите и килограмите и ќе се продолжи растот до очекуваната висина во однос на родителите.
Според важечките препораки, доенчето се мери 6-7 пати во текот на првата година, два пати во втората и потоа најмалку еднаш годишно до завршување на редовното школување. Секое значајно отстапување од очекуваната висина и/или забавување на растот бара испитување на причината. Детето мора да расте со одредена динамика во очекуваниот канал на раст. За одложување на испитувањето додека не изостане пубертетско забрзување нема оправдување – ако детето нема патолошка причина за низок раст, сте ја отстраниле причината за грижа; ако причината постои, лекувањето ќе биде започнато навреме. Педијатрите и ендокринолозите се достапни, а дијагностичката процедура и лекувањето бесплатни. Најголем број на ниски деца се потполно здрави деца, а мал број кои имаат патолошки низок раст треба да бидат навреме (во период од четвртата до шестата година) упатени на испитување.