Превенција и прва помошд-р Немања Биџиќ, хирург
Пред заминување на скијање важна е физичката подготовка, а на ски-терените е битно загревањето пред скијање, почитување на безбедносните правила, избор на адекватна стаза и препознавање на замор. Во случај на повреда важна е имобилизацијата на повреденото место и посета на лекар кој ќе го утврди степенот на повредата и ќе ја одреди терапијата
Скијањето е популарен вид спорт и рекреација со позитивни ефекти по здравјето, бидејќи го јакне имунитетот и ја подобрува координацијата и кондицијата. Се скијање се занимаваат почетници, професионалци и рекреативци. Сите тие заедно на уредени скијачки стази, спуштајќи се низ снежните падини, поминуваат прекрасни моменти. Меѓутоа, скијањето е и ризичен спорт, со широк спектар на повреди, најчесто предизвикани од паѓања кои се случуваат на ски-терените. Бројот на повреди последниве години е намален, благодарение на подобрата опрема и подобро уредените скијачки стази. Посериозни повреди обично се јавуваат кај искусни скијачи како резулатт на агресивно возење. Многу често тие повреди изискуваат посериозно лекување.
Факторите и причините за повреди при скијање се временските услови, слабата видливост, квалитетот на стазата, изборот на стази кои не одговараат на скијачот, несоодветна опрема за скијање, пребрзо возење, замор, лоша техника на скијање и паѓање.
Најчести повреди
Некогаш најчести повреди биле скршеници на потколеницата. Денес е намален процентот на овие повреди поради подобро дизајнирани скии и везови, но зголемен е бројот на повреди на колената.
Повредите на колената се многу чести и сочинуваат 40 насто од сите повреди при скијање. Често настануваат на стрмни, заледени стази и се случуваат на почетници кога возат „плуг“, односно при вкрстување на скиите, како и кога скијачот ќе се обиде да стане, но и понатаму се лизга по стазата. Најчесто доаѓа до повреди на предниот колатерален лигамент. Оваа повреда обично е здружена со повреда на менискусот и предниот вкрстен лигамент. Се манифестира со болка од внатрешната страна на коленото. Интензитетот на болка се зголемува при наслонување на ногата. Се јавува оток на зглобот на коленото, нестабилност и неможност за исправање на коленото. Времето за кое зглобот отекува може да укаже и на тежината на самата повреда на коленото. Ако зглобот силно отече во првите два часа по повредата, тоа укажува на фактот дека постои крвавење во коленото и тешки повреди на предниот вкрстен лигамент. Полесна отеченост и појава на симптоми во првите 24 часа зборува за полесна повреда на коленото.
Дијагнозата се поставува врз основа на анамнеза, физикален преглед, РТГ снимка на зглобот на коленото и нуклеарна магнетна резонанца.
Веднаш по повредата се применува RICE принцип: R – rest (одмор), I – ice (лед), C – compression (еластичен завој), E – елевација на повредениот екстремитет. Имобилизација со гипс се применува кај руптура на медијалниот коларетален лигамент, а оперативно лекување кај руптура на предниот вкрстен лигамент. Во случај на болка може да се земат нестероидни интиинфламаторни лекови.
Повредите на рамото може да бидат во вид на дислокација на зглобот, исчашувања, скршеница на клучната коска, скршеница на надлактицата која најчесто се случува во пределот на „хируршкиот врат“, повреди на мускулите и тетивите. Може да настанат при пад на испружена шака, со директен удар или пад на рамо. Настанува болка во зглобот на рамото, оток, подлив, ограничена подвижност во сите правци.
Повредата на рамото се дијагностицира врз основа на анамнеза, физикален преглед, РТГ и ехосонографија, НМР и артериографија.
Веднаш е потребно да се прекине оптоварувањето на зглобот на рамото и да се стави мраз на местото на болка. По поставувањето дијагноза, лекувањето се состои од местење на зглобот и имобилизација. Обично терапијата е конзервативна. По вадење на имобилизацијата се применува физикална терапија, а во исклучителни случаи и хируршко лекување.
Повреди на палецот настануваат кога скијачот паѓа на затворена рака во која го држи скијачкиот стап. Ова е многу честа повреда при скијање. Доаѓа до поместување на метакарпофалангеалниот зглоб (зглоб во коренот на палецот) наназад. Како резултат на силно дејство на силата доаѓа до истегнување или пукање на лигаментот, кога се јавува болка која постепено се засилува. Потребно е да се имобилизира повредениот дел од телото и пациентот веднаш да се јави на лекар.
Повредите на главата може да се манифестираат на бројни начини – од мали гребнатинки до сериозни повреди кои се причина за трагични последици при скијање. Тоа може да бидат повреди на лицето и скалпот. Скршениците на черепот може да се поделат на повреди на сводот и на базата на черепот, како и повреди на мозокот. Зависат од брзината на движење на скијачот. Првата помош опфаќа поставување на скијачот во соодветна положба, стабилизација на главата, запирање на крвавење, следење на виталните функции.
Превенција на повреди
Бидете сигурни дека физички сте подготвени пред да заминете на скијање. Потребна е физичка активност два до три пати неделно. Се препорачува брзо одење, трчање, возење велосипед, пливање, тенис. Скијањето ги активира сите мускули. Најголемо оптоварување трпат мускулите на натколеницата, задната ложа, мускулите на грбот. Секојдневно истегнување на мускулите ја зголемува флексибилноста. Поранешни повреди и болести треба да се санираат.
Не одете на стази за кои не сте подготвени. Постепено градете го патот до стазите кои се предизвик. Одвојте неколку минути за загревање и истегнување. Истражувањата покажале дека мускулите кои нема да бидат подготвени за соодветен спорт се склони кон повреди.
Повеќето повреди се јавуваат на крајот на денот. Запрете и одморете се доколку сте заморни или чувствувате болка во мускулите.
Пијте доста вода. Дехидратацијата може да влијае на физичката способност и издржливост.
Обезбедете соодветна ски-опрема. Везовите мора да бидат приспособени на вашата висина, тежина и способност за скијање. Носете соодветна заштитна опрема, како што се заштитни очила и кацига.
Почитувајте ги сите правила за безбедност при скијање, запирање, спојување со други стази. Следете ги и не ги загрозувајте другите скијачи. Дознајте колкава е сигурноста на ски-лифтот.
Останете на означените стази, обратете внимание на предупредувањата, внимавајте на карпи и лед.
Доколку доживеете хипотермија или смрзнатини, веднаш затоплете се и побарајте медицинска помош.