Динамична и возбудлива
Ова е една од летните активности за која се потребни доста вештина, енергија и спортски дух, но кога еднаш ќе ја пробате, сигурно ќе ви се допадне.
Автор Душко Шашиќ
Приказната за одбојката почнува на крајот на 19 век, кога во 1895 година Вилијам Џорџ Морган ги измислил правилата за нов спорт и му го дал името минтонет. Името на новиот спорт е изведено од тогаш веќе популарната игра бадминтон, а целта на играта била да се префрли топката преку мрежа со рацете, така што противникот нема да успее да ја врати пред топката да го допре тлото. Неколку години порано Морган, за време на студиите на Спрингфилд колеџот, го запознал Џејмс Нејсмит, изумител на модерната кошарка. Иако воодушевен од играта на Нејсмит, Морган трагал по екипен спорт кој не би вклучувал директен контакт на играчите, па со самото тоа би бил попогоден и за малку постари спортисти. Самиот Морган многу брзо донел одлука за промена на називот минтонет во одбојка (англиски volleyball), затоа што сметал дека новото име подобро ја опишува суштината на играта. Така е родена модерната одбојка.
Освојување на плажите
Играта на Морган набрзо стекнала доста приврзаници на американските колеџи, а останало забележано дека Џорџ Дејвид бил првата личност која ја распнала одбојкарската мрежа на плажа. Ова се случило во 1915 година на хавајската плажа Ваикики, на песочните терени на локалниот кану клуб. Новиот вид забава наскоро станал толку популарен што терените почнале да никнуваат долж плажата преку ноќ како печурки после дожд.
Почетокот на 20-тите години на минатиот век донел уредување на брегот во градот Санта Моника во Калифорнија. Градежните работи, покрај шеталиштата долж брегот, создале и големи површини покриени со песок. Не било потребно многу време за калифорниската младина да го сфати ова како идеално место за распнување мрежи. Првите клубови кои ги собирале вљубениците во одбојка на плажа овде се појавиле во 1922 година, а веќе две години подоцна се одржани и првите меѓуклупски натпреварувања.
Настанок на тим од двајца играчи
Во текот на првите години одбојката на плажа се играла во класична постава преземена од обичната одбојка – на терен излегувале два тима со по шест играчи. Веројатно таа традиција би продолжила до денешни дни да не бил Пол Џонсон, наречен Пабло. Ова момче бил член на еден од клубовите од Санта Моника, и не бил баш познат по своето трпение. Изнервиран од доцнењето на поголем број учесници на договорен натпревар, тој се решил со преостанатите тројца спортисти, кои се појавиле на време, да одигра натпревар во форма два на два. Се покажало дека оваа игра на ваков начин е далеку подинамична, како и дека двајца луѓе во тимот се сосема доволен број. Набрзо играта два на два се проширила на останатите калифорниски плажи, а оттаму и на остатокот од светот. Професионалните натпреварувања и денес се одвиваат исклучиво во тој формат, додека рекреативната одбојка понекогаш се игра по поопуштени правила, со учество на повеќе членови на тимот.
Професионални натпреварувања
Како што минувале годините, популарноста на одбојката на плажа сè повеќе растела. Со оглед на тоа дека не се барале големи вложувања во опрема, овој спорт станал исклучително широко прифатен во текот на тешките години на Големата депресија, по падот на берзата во 1929 година. Меѓутоа, првиот турнир кој им понудил некаква награда на победниците е одржан дури во 1948 година во Лос Анџелес. Победниците освоиле пакет со популарен освежувачки газиран напиток. Следната деценија донела одржување на првите турнири во Бразил, земја која покрај САД е водечка велесила во овој спорт. Во текот на 60-тите интересирањето за овој спорт продолжува да расте, па е забележан и натпревар кој го следел и американскиот претседател Џон Ф. Кенеди. Дополнително интересен податок за тој натпревар се однесува на фактот дека натпреварувачите на терен биле членовите на легендарните Битлси. Во тоа време е одржан и првиот отворен турнир на Менхетн, а ова натпреварување многумина и денес го нарекуваат Вимблдон на одбојка на плажа.
Наградите за победниците на турнирите со текот на време станале поголеми, спонзорите почнале да се вклучуваат финансиски во покривање на трошоците и сето тоа довело до одржување на првото вистински професионално натпреварување на терените Вил Роџерс на плажа во местото Санта Моника во 1976 година. Осумдесеттите донеле понатамошен развој на натпреварувањата, а во организацијата се вклучило и новооснованото здружение на професионални играчи AVP (Association of Volleyball Professionals). Одбојката на плажа станала олимписки спорт на игрите во Атланта во 1996 година, откако е претставена на олимписката публика на претходните игри во Барселона.
Терен и правила
Тимовите се натпреваруваат на терен со правоаголен облик, со димензии 16Х8 метри, а ограничен со ленти со ширина 5 см. Од секоја страна на теренот е неопходно да се обезбедат уште 3 метри слободен простор. Минимално пропишаната висина на слободниот простор над теренот е 7 м. Мрежата со должина 8,5 м и ширина од 1 метар е растегната на висина од 2,43 м за мажи и 2,24 м за натпреварувања во женска конкуренција. Од двете страни на мрежата се поставени антени кои 0,8 м штрчат над мрежата и го означуваат просторот во кој топката мора да помине.
Димензиите на теренот се нешто помали во однос на димензиите на теренот за класична одбојка, што е разбирливо кога ќе ја погледнеме разликата во бројот на играчи. Подлогата на која се игра се состои од ситен просеан песок, за да се избегне можноста за повреди при присуство на камења и други објекти. Би требало песокот да биде што поидеално израмнет пред почетокот на натпреварот. Натпреварувачите најчесто настапуваат боси, а песочната подлога придонесува за зголемена потрошувачка на енергија со оглед на тоа дека движењето по неа е потешко од она по цврсто тло. Од друга страна, песокот ја намалува можноста за повреди при доскок и паѓања.
Играчите ја сервираат топката наизменично, со правила не е дефинирана позицијата која мора да ја заземат во текот на играта. Тоа значи дека двајцата играчи може на себе да преземат и напаѓачки и одбранбени потези. Допирот на топката при блок се смета како прв, така што на тимот му преостануваат уште два потега (вкупно е дозволено да се допре топката три пати од страна на едниот тим пред префрлување на противничката страна на теренот). За комуникација играчите користат знаци кои ги покажуваат со двете раце поставени зад грбот, така што противничкиот тим не би можел да види што планираат. Покрај стандардниот сет знаци некои тимови имаат развиен и сопствен систем за комуникација со помош на кој одредуваат како ќе реагираат на претстојниот напад на противникот.
Тимовите се состојат од два члена, може да бидат машки, женски или мешани. Во текот на траењето на натпреварот не е предвидена можност за замена на играч, исто така, не е дозволена ни комуникација со тренерот.
Топка и гардероба
Пропишаните димензии на топката се малку поинакви од оние за класична одбојка, така што обемот на топката мора да биде 66 – 68 см, масата 260 – 280 г, а внатрешниот притисок да се движи во вредности 0,175 – 0,225 кг/см2.
Играчите настапуваат во костими за капење, мажите се во шорц, а жените во бикини, иако во последните години оваа регулатива е променета во смисла на дозволена употреба на облека која го покрива поголемиот дел од телото. Со овие измени се обидело да се излезе во пресрет на различни културолошки сфаќања. Независно од тоа, повеќето играчи на игрите во Лондон во 2012 година настапиле потопло облечени за време на студеното и врнежливо време тоа лето.