Чистотата е половина здравје
Кога од болница бебето ќе си дојде дома, една од првите дилеми на неискусните родители е како и колку често треба да го бањаат своето новороденче.
Автор: д-р Радмила Косиќ
педијатар
Возрасните уживаат во мирисот на разни средства, шампони, лосиони, пудри, масти и креми за разни делови од телото. Овие производи секојдневно се рекламираат, секој има свој омилен сапун, бабите се колнат во беби-сапуните од домашно производство. Вечерното бањање на бебето е омилен семеен ритуал во кој сите учествуваат, по кој следува доење и спиење. Преку ден строго се води сметка за редовното менување пелени, на што обично му претходи миење со сапун, ставање крем или пудра. До пред десет години ваков вид на одржување хигиена бил советуван, а се спроведувал на голема радост на родителите кои уживале во мирисната чистота на своето бебе. За жал, претерувањето во секојдневниот контакт на нежната детска кожа со тврдата вода и агресивната козметка полна со хемија, сè почесто предизвикува сува и испукана кожа. Сувоста и црвенилото лесно преминуваат во егзем. Сè почесто родителите се определуваат за поретко бањање, посебно кај деца со сува, атопична кожа.
Правилна хигиена на мало дете
Ова бара многу помалку време и пари отколку што мислат повеќето родители. Целта на бањањето и миењето е од кожата да се извади сето она што би можело да ја иритира или да ја оштети. Најголем дел од денот новороденчето го поминува во спиење и во јадење. Доколку редовно му менувате пелени, ја миете пеленската регија после изметот, лицето и вратот доколку поврати, размислете од што останатиот дел на телото толку се извалкал за да му е потребно темелно бањање во кадичка полна со миризливо средство. Соочени со сè почеста појава на оштетување на кожата кај бебињата, педијатрите и патронажните сестри советуваат бањање секој втор, трет ден. Во топлите, летни месеци и прегреаните станови нередовното бањање може да предизвика исипување во пеленската регија и превоите. Правило е дека правило не постои. Вечерниот ритуал на бањање може да биде добар начин за опуштање и воведување на бебето во смирување пред последниот оброк тој ден, потоа следува сон во затемнета просторија. Доколку го бањате бебето секојдневно, максимално намалете ја количината на средството за бањање и избегнувајте ставање отприлика. Мала количина нанесена на дланка ќе биде доволна за цело бањање. Дозволете му да се опушти во топла вода со што помалку сапуница, потоа темелно исплакнете го, исушете го и намачкајте го со неутрални креми по препорака на педијатар.
Доколку вашето бебе не сака да се бања во кадичка, обидете се со други варијанти за секојдневна нега на лицето, рацете, превоите и пеленската регија. Неколку пати неделно бебето треба да го избањате, без разлика на негодувањето ‒ многу вода, малку сапуница и добро плакнење „на брзина“ ќе биде доволна хигиена за возраста кога престојува само во чистото креветче или во вашите раце. Без разлика на начинот на бањање избегнувајте влажни марамчиња. Не се обидувајте со чистење на внатрешноста на ушите со стапчиња. Ушната маст ја штити кожата на ушниот канал и не е потребно да ја вадите со стапчиња за уши. Испирајте го носот со солен раствор само доколку забележите дека отежнато дише на нос. Кивањето и секретот со себе ќе ја однесат нечистотијата од носот, солзите ефикасно ќе ги измијат очите. Нека при рака ви биде сето што ви треба во текот на бањањето и непосредно по него, а температурата на водата, а и собата, треба да биде проверено пријатна за бебето.
Со растењето следува и задолжително вечерно бањање
Со растењето детето сè повеќе време ќе поминува на под. Кога ќе почне да лази и ќе прооди многу повеќе ќе се валка од порано. Вечерното бањање ќе стане задолжително. Седењето во када е најсигурна положба. Доколку сака да си игра во водата, не го оставајте ниту еден момент без надзор. Некои деца имаат изразена одбојност спрема миењето коса. Обично се плашат водата да не им влезе во очите, така што немојте да прскате и не се обидувајте да го разбиете стравот со агресивно триење на косата со обилна сапуница. За среќа, постојат специјални шеширчиња кои спречуваат слевање на водата и сапуницата од лицето. Надевајте се дека првото бањање во море во плитко ќе го разбие стравот од капките. Миењето на коса проретчете го колку што можете, честото четкање и кратење на косата ќе помогне во одржување на хигиената на главата.
Исипување од пелени
До негова појава може да дојде во секоја возраст, нежната кожа е затворена во топла и влажна средина. Не е потребно да го миете детето секој пат кога му менувате еднократни пелени, измијте го само после измет со топла вода и сапун. Влажните марамчиња користете ги само кога одите на лекар или на гости, бидејќи содржат хемикалии кои со претерано користење ја оштетуваат кожата. После миењето намачкајте ја пеленската регија со дебел слој заштитен крем. Во топлите денови можете бебето да го оставите и без пелени на заштитена подлога, посебно ако веќе има исипување. Доколку исипувањето не помине, јавете се на педијатар, можеби дошло до бактериски или габични инфекции.
Хигиена на рацете
Кратките нокти се важни за хигиена и сигурност. Сечете ги редовно. Обично се остри како жилет, па може да предизвикаат непријатно болни гребнатинки, посебно на лицето и очите. Доколку се противи на ножичките или грицкалката нема да ви биде лесно, па пробајте тоа да го направите што понежно додека спие. Миењето раце ќе му се допадне ако прво вие ги насапуните, потоа земете ги неговите во своите. Внимавајте да не стави насапунети прсти во очи, зашто тогаш за миењето раце ќе го врзуваат болни спомени. Двегодишно дете брзо совладува самостојно миење раце, а столче или клупа на која безбедно ќе се качи ќе биде од помош. Контролирајте ја температурата на водата, подобро да ги измие со ладна вода отколку со врела. Темелното миење на рацете, пред јадење и после користење тоалет, едно е од ретките и строги правила од кои не треба да се откажете. Тоа е многу подобра заштита од болести отколку што е темелното секојдневно бањање.