Фармацевти
Контакт

<< Назад

Одвикнување од пелени

февруари 25, 2016

[vc_column width="1/1"]

Трпение кое вреди

д-р Радмила Косиќ

Повеќето деца пред третиот роденден стануваат целосно сигурни во вршење голема и мала нужда на прифатливо место во сопствениот, познат простор

Во првите месеци од животот на вашето бебе, работата на системот за варење ќе се усогласува со останатите телесни функции. Ќе научите да го препознаете типот и зачестеноста на извршување мала и голема нужда. Ако бебето се храни само со мајчино млеко, веројатно нема да страда од никакви пречки во варењето, а педијатарот ќе ви објасни дека е потполно нормално „да ги наполни пелените“ по секое доење, како и дека изметот може да изостане неколку дена. Ни едно, ни друго не е причина за загриженост доколку има добар апетит, напредува во тежина и е добро расположено.

Децата кои се хранат со адаптирани млечни формули обично имаат пообилен, потврд измет со потемна боја и поинтензивен мирис. Ако доенчето има проблем со запек, прво проверете дали го подготвувате оброкот според упатствтото на производителот, му нудите ли одвреме-навреме вода, особено лете.

Позначајни промени во изгледот на изметот ќе се појават кога ќе воведете мешана, немлечна храна. Следете ги упатствата на педијатарот за постепено воведување разни видови храна приспособена на возраста. Појавата на крв или слуз во пелената секогаш треба да ве предупреди дека некоја храна не му годи, дека можеби детето е алергично на кравјо млеко, а појавата на несварена храна е знак „да забавите“ со почетниот ентузијазам дека вашето дете сè јаде.

Необичниот мирис или боја на мочта може да потекнуваат од видот на храната (риба, цвекло), а доколку промените се јават со покачена температура треба да се мисли на можна инфекција на мочните патишта. Во секој случај, пелените треба да се менуваат редовно, да се негува пеленската регија со нежни сапуни и креми, да не се користат влажни марамчиња, а во случај на појава на силно црвенило или пликови побарајте совет од педијатар.

Кон крајот на првата година повеќето деца го совладале исправеното седење и речиси по правило, ја извршуваат нуждата во одреден дел од денот. Ова е вистински предизвик за родителите да почнат со развивање „тоалетни навики“. За жал, детето уште не е подготвено во тоа свесно да учествува и да соработува – едноставно сте го ставиле на нокшир во време кога има потреба и сте заштедиле една или две пелени. Ако почнете со овој „тренинг“ околу седмиот месец, нема да се противи долго да седи на нокшир (како и што било каде да го ставите). По неколку недели ќе му здодее, многу поинтересно ќе му биде лазењето и седењето на места каде нешто се случува: ако седне на стол за ранење ќе добие ручек, ако седне во одалка ќе стигне до омилената полица за играчки, ако седне на нокшир – нема да добие ништо!

Ако ги почитувате неговите интересирања, ќе го одложите „тоалетот“ за неколку недели или месеци. Ако тврдоглаво бидете упорни, ризикувате да имате секојдневна војна која не можете да ја добиете – детето едноставно не разбира што  очекувате од него. Учењето на прифатливи тоалетни навики за детето е многу потешко отколку прифаќање на однесувањето на маса или ритуали за заспивање. Свесното убаво однесување кое ги задоволува родителите не е јака страна на штотуку прооденото дете, затоа имајте трпение.

До втората половина на втората година мокрењето и изметот се речиси автоматски дејства – детето не знае кога ќе се случат, ниту дека се случиле. Набљудувајте го кога мокри без пелени – воопшто нема да му обрати внимание на вирот што го направило, ниту е свесно дека има некаква врска со него. Кога ќе ги забележи влажните гаќички и ќе почне да се фаќа за нив или за телото, уште не е подготвено за користење нокшир, но е подготвено да се запознае со него. Покажете му како го користат постарите браќа и сестри, објаснете му за што служи и како ќе го користи кога уште малку ќе порасне. Оставете го во близина на местото каде го поминува времето преку ден – веројатно набрзо ќе посака да седи во него (во пелени) –  засега само сака да види како е да се седи во него.

Вистински час за започнување на тренингот е кога и самото ќе почувствува дека нешто се случува со неговите црева – правењето карактеристични гримаси, црвенило на лицето, напнување, криење во омиленото ќоше е знак дека детето ќе оди по нужда во следните неколку минути, но, сепак, потребна е емоционална и интелектуална зрелост да се согласи во вистинскиот момент да седне на вистинското место.

Воздржете се од присила, подмитување или инсистирање да изврши нужда онака како што вие сакате – на оваа возраст се противат на сугестии, а успехот зависи само од детето. Ублажете ги своите реакции – толерантен и опуштен став кога „ќе успее“ или кога „нема да успее“ е сигурен пат до успехот, неколку недели ништо не значат во развивање на навиките. Добро е овој тренинг да го направите на лето кога детето е помалку облечено, кога можете брзо да му ги тргнете пелените и кога вие сте дома за да можете навреме да ги видите првите знаци кога сфаќа дека нешто му се случува во стомачето.

Нешто подоцна ќе стане подготвено и за контрола на мокрењето, иако  процесот од „ми се мочка“ до вирче на подот е многу пократок и тешко се увежбува. Детето мокри многу пати во денот, често е зафатено со игра, неуспесите ќе бидат многу чести. Изберете ден кога ќе се рабуди по дневното спиење со суви пелени и понудете му да седне на нокшир. Ако одбие, оставете го голо или по гаќички – секое поврзување на чувството на полн мочен меур и гледање на чинот на мокрење ќе му помогне да ја сфати врската и да посака истото да го повтори. По неколку дена на „случајни успеси“ тргнете му ги пелените кога е будно и е дома. Кажете му дека полесно ќе игра без нив, но и дека нокширот е тука кога ќе посака.

Покажете разбирање за честите неуспеси. Целта е согледување на врската помеѓу она што го чувствува, она што се случува и она што ќе го види дека го направило. Тоа е единствен начин да ја совлада оваа вештина. Не жалете поради дополнителната работа околу чистење на вирчето кое го остава зад себе –  размислувајте дека тоа е сега и засекогаш и радувајте се на заштеда при купувањето пелени.

Пофалете го секој успех

Не го карајте детето и не го потсетувајте дека мора да седи при вршење нужда. Целта е да го поврзе чувството во своето тело со дејството кое следува и кое е покорисно да се направи „како што мама ќе каже“, бидејќи пресоблекувањето ќе трае пократко и нема да има непријатно, влажно чувство меѓу нозете. Ако го карате поради неуспехот, ќе помисли дека животот бил многу поедноставен со пелените. Вие се обидувате да му помогнете да ја препознае сопствената потреба за празнење на стомакот, да го научите само нешто да преземе како што прават и останатите во семејството. Да се пофали секој успех и да се помине преку неуспехот и овде важи како златно правило во воспитувањето. Кога ќе порасне ќе биде неважно дали ги тргнало пелените пред вториот или пред третиот роденден. Кога преку ден ќе стане доволно сигурно, отфрлете ги пелените како дел од вообичаената облека – може да ги задржите преку ноќ или за време на дневното спиење, но не повеќе од тоа. Ако и поматаму одвреме-навреме ги носи (затоа што вам ви е полесно на пат или во парк), нема лесно да научи дека секое чувство на полн мочен меур бара одење во тоалет.

Суви пелени

Изметот обично предизвикува многу поголемо внимание на родителите од мокрењето. Современата нега подразбира носење еднократни пелени кои течноста ја претвораат во гел, газето на детето е суво, а вие имате многу помалку обврски околу перење и пеглање. Обично се загрижуваме дури кога пелената е долго сува. Со зголемена температура, пролив или повраќање тоа може да биде знак на претерана загуба на течности. Кај многу малите бебиња недоволното мокрење може да укаже на недоволен внес на млеко. Задолжително треба да се следи количината на внесено млеко и напредувањето во тежина на неделно ниво.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>