Причини и терапијад-р Јелена Биџиќ
Во просек едно лице има околу 100000 влакна на главата, а нормално е дневно да паднат до 100 влакна при чешлање, миење, фенирање. Доколку губењето влакна е поголемо во период подолг од три месеци, треба да се јавите на лекар
Опаѓањето на коса се јавува кај мажите во 85%, а кај жените во 30% од случаите. Во прашање не е само естетски проблем, со оглед на тоа што влијае и на самодовербата. Една од четири жени има проблем со опаѓање и проретчување на косата до 35 година, најчесто во пределот на централниот дел на главата. На мажите обично косата им паѓа на темето или на залистоците, најчесто поради генетска предиспозиција. Опаѓањето на косата може да биде трајно и минливо, како и локализирано и тотално.
Причини за опаѓање на косата: Генетски фактор, хормонски промени (менопауза, бременост, породување, контрацептивни таблети, пореметување на функцијата на штитната жлезда), неправилна исхрана (недостиг од железо, витамини, низок внес на јаглехидрати и протеини), стрес (обично косата паѓа 3-4 месеци после стресот, процесот на опаѓање трае 2-3 месеци, за потоа постепено да се обнови), некои лекови (за терапија од гихт, артритис, срцеви болести, покачен притисок), инфекции, неправилна нега на косата (цврсто врзување, агресивно чешлање, хемиски третмани), некои болести (карцином, шеќерна болест, системски болести, зголемена простата), хемотерапија и зрачење (по завршувањето на терапијата косата повторно расте), дебелина.
Андрогена ќелавост: Ова е генетски детерминирана, прогресивна загуба на коса која настанува поради зголемена чувствителност на фоликулите на андрогени (машки полови хормони). Се наследува, а за настанување најмногу е „одговорен“ тестостеронот. Се јавува обично во период помеѓу 18 и 25 година кај лицата од двата пола, почесто кај мажите.
Ќелавост и себореа: Можат да се јават заедно, но заемно влијание помеѓу нив нема. Цел овој процес кај мажите се случува со нормална ведност на машките полови хормони, додека кај некои жени можат да се најдат зголемени вредности на тестостерон. Не може да се исклучи ни имунолошкото влијание. Пределот на опаѓање на косата кај мажите е обично кај челото и се шири кон слепоочниците, за потоа овие линии да се спојат. Во најтешки случаи останува тилно-слепоочен венец. Косата прво е проретчена и многу важен дијагностички знак е „феноменот патец“, а се јавува и тотално губење на косата. Терапијата има за цел да ја забави прогресијата на опаѓање на косата. Ефектот од терапијата се јавува после неколку месеци во вид на подобрување на растот. Трајно излекување нема.
Алопеција: Зборот потекнува од грчкиот збор „алопекиа“, што значи „лисичја шуга“. Alopecia areata (ареа, лат. ‒ празно место) е термин кој дефинира ограничено опаѓање на косата во вид на плочи на кои влакната целосно недостигаат. Генетската предиспозиција е значајна за настанување на ова заболување, а големо влијание има емоционалниот стрес. Се сугерира и автоимуна природа на болеста. Почесто се јавува кај жените, може да се јави во раното детство и кај атопичари. Обично, прво се јавува на косата. Може да ги зафати веѓите, трепките, брадата, како и останатата кожа. Влакна недостигаат, додека кожата е отечена и со боја на слонова коска.
Офијаза: Опаѓањето на косата кое се шири долж тилната линија се нарекува офијаза (ophis – змија) и е знак за тежок облик на болеста, кога можат да се јават промени на ноктите и катаракта. Текот е непредвидлив. Опаѓањето на косата кое е ограничено после шест месеци има добра прогноза, а потешките случаи можат да преминат во тотална (потполно губење на влакната на косата) и универзална алопеција (опаѓање на косата, веѓите, трепките, влакната на брадата и телото). Терапијата е симптоматска. Поради тенденција болеста повторно да се јави, неопходна е редовна контрола кај дерматолог, во потешки случаи и психолог. Локално се применуваат повеќе лекови, но терапискиот ефект не може да се процени затоа што кај некои пациенти доаѓа до спонтано излекување.
Дифузно губење на косата: Telogene effluvium (effluvium – истакнување) претставува нагло, дифузно губење на косата поради траума, кое се јавува како последица од емоционален или физички стрес. Причината може да биде високофебрилна состојба, операција, породување, потешки психички стресови. Влакното порано влегува во период на мирување. Може да опадне и до 50% од косата, а почнува да расте после два месеца. Терапија не е потребна. Неопходно е да се смири пациентот или се користи плацебо.
Алопеција со лузни: Настанува како последица на инфекција (габички, бактерии), одредени имунолошки процеси, изгореници, радиотерапија или операција.
Превенција: Не можеме да влијаеме на гените, но со правилен начин на живот можеме да ги намалиме ризик-факторите за настанување на заболувањето. Разновидната исхрана со урамнотежен внес на сите хранливи продукти е многу значајна. Внес на витамини, јаглехидрати, протеини и железо го намалува опаѓањето на косата. Треба да се консумираат продукти богати со омега-3 масни киселини: лосос, туна, кељ, спанаќ, грав, ореви, маслиново и ленено масло, алги. Важно е да се внесува доволно зеленчук и овошје и да се пијат доста течности. Помагаат и суплементи и витамини од Б-групата, железо, цинк. Да се избегнуваат чести третмани на косата, цврсто врзување и затегнување на косата. Косата треба да се суши природно. Престанување со пушење, физичка активност и намалување на стресни ситуации се важни фактори во превенција за опаѓање на косата. Се препорачува и користење шампони без сулфати.