Фармацевти
Контакт

<< Назад

Опасности од изложување на сонце

јуни 1, 2017

д-р Тамара Маравиќ
дерматолог

Природните механизми за заштита од сонце денес се неефикасни, па покрај ладовина и соодветна летна облека, треба задолжително да се користат и SPF  препарати, а евентуалните промени на кожата треба редовно да се прегледуваат кај дерматолог

Иако сонцето е извор на живот, опасностите од изложување на неговите зраци се бројни: од изгореници, пореметувања на пигментацијата, фотостареење, актинични кератози и карцином на кожа, до појава на промени на кожата од тип на полиморфна светлосна ерупција.

Кожата поседува сопствен заштитен механизам кој кај денешното сончево зрачење е неефикасен. Тоа се пигментација, задебелување на кожата, репарација на ДНК, создавање сопствени УВ-филтри и активација на антиоксиданти.

УВ-зрачењето е одговорно за пореметувања на молекуларно ниво, структурални клеточни оштетувања и создавање слободни радикали. Слободните радикали предизвикуваат разградба на колагенот, оштетување на клеточните мембрани (липидна пероксидација) и како резултат на сето тоа настанува фотостареење (foto-aging).

Пореметувањата на пигментацијата се последица на зголемена меланогенеза – синтеза на пигментот меланин во кожата, фотооштетувања предизвикани од ултравиолетовото зрачење и зголемени синтези на меланин во меланоцитите.

Актинични кератози и канцери се последица од директно ДНК оштетување со УВБ-зрачење и индиректно ДНК оштетување со УВА-зрачење, што за последица има создавање слободни радикали. Актиничните кератози се површински лезии во вид на црвено-кафени дамки кои може да се лупат или да имаат на себе промена во вид на рог. На допир се рапави. Се јавуваат на регии изложени на сонце: деколте, шаки, лице, ушна школа, глава. Се сметаат за преканцерозни и треба навреме да се отстранат за да не преминат во карцином на кожа.

Полиморфна светлосна ерупција (PSE) е зголемен имунолошки одговор на кожата, поради кој се ослободуваат медијатори на воспаленија, а настанува поради влијание на УВ-зрачењето и создавањето слободни радикали. Претставува реакција на имунолошкиот систем на сончева светлина во вид на алергиски црвен исип кој е проследен со јадеж. Обично се јавува на деколтето, на надворешната страна на рацете или нозете. Околу една петина од жителите страдаат од PSE. Промените настануваат ден-два по изложување на сонце и може да се манифестираат почнувајќи од појава на слаб исип до иритација со плускавци.  Се лекува кај дерматолог.

УВБ и УВА-филтри
Филтрите функционираат со рефлексија, односно со одбивање на зрачење со пигменти, како и со апсорпција или впивање. Меѓутоа, УВ-филтрите не можат целосно да го апсорбираат зрачењето, а треба да бидат ефикасни и безбедни. УВБ-филтрите го апсорбираат УВ-спектарот  (290-320 nm), а УВА-филтрите спектарот од  320 до 400 nm, како и филтри кои го апсорбираат поширокиот спектар (титаниумдиоксид).

За подобра фотопротекција филтрите се збогатуваат со активни биолошки состојки, како што е licocalchone A од коренот на растението  Glycyrrhiza Glabra. На тој начин се остварува подобро дејство во борба против слободните радикали, антиоксидативно и антивоспалително дејство, а и се поттикнуваат механизмите за обнова на кожата.

Фотопротекција
Фотопротекцијата подразбира и ладовина, соодветна летна облека и шапки, како и препарати за заштита од сонце.

Тип на кожа: За сува кожа се препорачуваат креми, а за помрсна кожа и кожа склона кон акни – емулзии. Во некои препарати се додадени и бои, така што функционираат и како тонери за кожа, а во поново време поради додаток на хијалуронска киселина, тие воедно имаат и функција во борба против брчките.

Дијагностицирање кожни промени
Денес дермоскопијата како неинвазивна и брза метода се применува кај редовни прегледи на младежите и при контрола на евентуално ризични и изменети промени на кожата. Дермоскопот е апарат со лупа која зголемува и сопствен извор на светлина, кој овозможува подобра in vivo визуелизација во епидермисот и дермисот, како и забележување на оние кои со око не се достапни. Значењето на дермоскопијата се гледа во зголемување на точноста и дијагностиката на пигментните кожни промени и меланоми.

Младежите се бенигни израстоци на кожата, обично потемни од околината, некои се во рамнина на кожата, или над кожата, а може и да висат.

Меланомот е малиген тумор на меланоцитите, чија зачестеност драстично се зголемува во последните три децении. Може да настане на претходно постоечки младеж или како нов тумор. За појава на меланомот е значаен  бројот на атипични младежи кои може да бидат во рамнина на кожата или подигнати, боја на кожа до темнокафена или црна, големина од неколку мм до неколку см. т.н. диспластични невуси, како и вкупен број младежи (над 100), големи вродени младежи (поголеми од 20 см), изложување на УВ-зрачење, машки пол, постари од 50 години, како и позитивна семејна анамнеза.

Поради сè поголемата зачестеност на различни тумори на кожата советуваме најмалку еднаш годишно да направите дермоскопски преглед кај својот дерматолог.

Историја на заштита од сонцето
Првите препарати за заштита од сонце се појавиле во далечната  1933 година, но само од УВБ-зрачење. Во 1962 година настанува SPF како концепт на мерки за ефикасност на препарати, за дури по 16 години, во 1978, да биде креиран првиот препарат со деклариран SPF. Десет години подоцна, во 1988, се појавува првиот препарат со УВА-заштита. Меѓутоа, дури во 21 век видливата светлина се поврзува со фотооштетувања (2006), а три години подоцна Светската здравствена организација го сврстува УВ во карциногени 1 група. Во 2011, СЗО укажува и на опасноста од солариум и зголемени ризици од појава на меланоми. Денес се знае дека инфрацрвеното зрачење создава фотооштетувања.

Степени на УВ-заштита на препаратите
Нивото на УВБ-заштита се изразува со SPF (sun protection factor). Нивото на заштита УВА се изразува со УВА PF. Заштитен фактор SPF 50+ пропушта само 1,7% од УВБ-зрачењето, што значи дека апсорбира околу 98 насто од УВБ-зрачењето.

Во 2006 година ЕУ пропишала регулативи со кои се дефинирани четири нивоа на заштита: ниска протекција SPF 6, SPF 10, средна протекција SPF 15, SPF 20 и SPF 25, додека висока е SPF 30, SPF 50, а многу висока SPF 50+.

Во 2006 година ЕУ издава и препорака за односот помеѓу УВА  PF и SPF, кој треба да биде минимум во однос 1:3.

Децата и сонцето
Децата се посебно изложени од ризик од прекумерно изложување на сонце во детството и адолесценцијата. Тоа може да придонесе за развој на рак на кожа во постара доба. Поради тоа е неопходно да се заштити нежната детска кожа со препарати со висок SPF, посебно наменети за деца.

Дермоскопски преглед
Дермоскопскиот преглед се прави со помош на апарат дермоскоп со кој дерматологот следи одредени параметри, при што при набљудување на промените од значење е правилото ABCDЕ.

A означува асиметрија, B е граница (border), C е боја (color), D е дијаметар, a E е елевација – подигнатост. На малигна промена укажува и крвавење во младежот или промената на кожата, појава на краста, болка, јадеж. Повреда на младеж не е опасна, иако кај народот постои верување дека е. Исто така, младежите може да се отстранат, но е потребно пред интервенција да се прегледаат со дермоскоп.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>