Фармацевти
Контакт

<< Назад

ОПАСНОСТИ ЗА КОЖАТА НА ЛЕТУВАЊЕ

јули 1, 2018

Уживајте со внимание

 

Одењето на летување е она што многумина желно го исчекуваат во текот на целата година. Не дозволувајте невнимание да ви го расипе одморот.

 

Автор Весна Марковиќ

 

Долго очекуваниот одмор е пред вас. Без разлика дали сте се упатиле кон морски, езерски или речен брег, или можеби сте тргнале кон планинските врвови, ве очекуваат сите предности на промената на опкружувањето. Меѓутоа, постојат одредени ризици кои секое патување ги носи со себе. Посебно загрозена во летниот период е нашата кожа, како резултат на меѓусебна спрега на повеќе различни влијанија.

 

Сонце виновник број 1

Заштитата од сончевото зрачење е неопходен дел од секојдневната нега на кожата уште од пролетните денови. Консултирајте се со својот фармацевт околу изборот на препарати за заштита. Не заборавајте дека на кожата во текот на летото ѝ е потребна поддршка во вид на хидратантни креми и останати средства за нега.

 

Ветер годи, но и исушува

Како резултат на исушувањето кожата станува помалку еластична, но со примена на соодветни козметички препарати ова штетно дејство може да се поништи. Скриената опасност лежи во тоа што под влијание на ветерот имаме впечаток дека сонцето не е премногу силно, така што се случува да станеме свесни за неговата силина дури кога ќе изгориме.

 

Плажа извор на забава и понекоја зараза

Чест несакан придружник на летното буричкање во вода се кожните инфекции. Импетиго е површна бактериска инфекција предизвикана од бета-хемолитички стрептокок од групата А или златна стафилокока. Се јавува кај децата од претшколска возраст, но е можна појава и кај возрасните. На развојот на инфекцијата му годат сите состојби кај кои кожата веќе е оштетена: исеченици, рани, егземи, каснувања од инсекти, изгореници и слично.

 

Облека и обувки

Облеката која не е изработена од природни материјали, како и онаа која е тесно припиена за телото, дополнително ѝ ја отежнува борбата на кожата против неповолните климатски услови. Зголеменото потење во содејство со несоодветна гардероба може да доведе до појава на исипувања, јадеж, како и до развој на габични инфекции. Затворените обувки може да придонесат за појава на атлетско стапало и други тегоби.

 

Шминка

Доколку не можете да се откажете од шминкање додека сте на летување, ви советуваме да избегнувате тешки подлоги и пудри. Изберете препарати кои не ги затвораат порите, а навечер задолжително исчистете го лицето и нанесете хранлив крем. Избегнувајте пилинзи кои содржат овошни киселини.

 

Инсекти

Каснувања од комарци, оси, пчели или стршени може да го упропастат летувањето. Избегнувајте парфеми кои имаат слатка нота и консумирање слатки, нивниот мирис ги привлекува инсектите. За изборот на репеленти и средства за ублажување на последиците од каснувања консултирајте се со фармацевт.

 

Медузи

Отровот од медузи на кожата предизвикува црвенило, меурчиња, исипување, отоци и болка слична на онаа од изгореници. Првата помош се состои од испирање со солена вода. Потоа на местото кое било во допир со медузата треба да се стави оцет или сок од лимон. Кожата не смее да се трие и да се чеша, а повреденото место не смееме да го испираме со алкохол. Во консултација со лекар и фармацевт локално да се стави препарат со антихистамиско дејство, или да се испие некој од препорачаните антихистаминици.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>