Дава сила, го јакне имунитетот
Juglans regia L (фамилија ореви – Juglandaceae)
Во народната медицина оревот има важна улога. Листот од орев има извесни антисептични својства, а плодот често се користи и во комбинација со мед како средство против исцрпеност.
Автор проф.д-р Радиша Јанчиќ
Оревот е долговечно листопадно дрво. Достигнува висина до 30 метри, пречник на стеблото до еден метар и старост до 400 години. Кората на младите гранки е мазна, сива, додека на постарите делови кората е речиси црна, испукана. Листовите се непарно сложени во вид на перја. Ливчиња има 5-9, со цел обод.
Оревот е еднодомно растение (машките и женските цветови се на една единка). Машките цутови се во облик на реси, седечки, цветовите се со три ливчиња на периентот и голем број прашници, се појавуваат на врвовите на минатогодишните безлисни гранчиња. Женските цутови се со по еден-два седечки цветови без цветна обвивка со видлив толчник. Жигот од толчникот се два резени во вид на перја. Женските цветови растат на врвот на овогодишниот изданок. Плодот од ова корисно растение е орев. Надворешниот сочен дел е зелен, горчлив, станува црн како што плодот созрева. Внатрешниот дел, цврста лушпа, се раздвојува на две половини. Јадливата јатка е изградена од никулец со два дебели котиледони. Цвета во текот на мај и јуни. Плодот созрева во септември.
Каде расте?
Се одгледува како поединечно дрво во домаќинства, било на плантажи, а самоник расте на топли места во дабови шуми на некои подрачја на Балканскиот Полуостров. Чувствителен е на доцни мразови. Римјаните го сметале за свето дрво, а за неговото ширење од југ кон север на Европа е заслужен Карло Велики кој вовел обврска за одгледување лековити растенија. Се сади подалеку од куќа, бидејќи се верува дека неговите корења може да го поткопаат темелот.
Делови од растението кои се користат во лековити цели
Листот и зелената „лушпа“ на оревот се честа состојка на народните рецепти. Се собираат млади листови, без дршка и се сушат на места со сенка и провев за да останат зелени. Од уште незрелите плодови се вади „лушпата“ и се суши слично како листот да не поцрни.
Природен антисептик
Листот од орев има извесно значење како средство за лекување инфекции и воспаленија на кожата и слузокожата, како и антисептик. Обично се користи топол раствор од лисја од орев за испирање на устата, грлото и вагиналната слузокожа. Напиток од лисја од орев се пие кај воспаленија на слузокожата на органите за варење и проливи. Во поново време, листот од орев се додава на чаеви кои се користат за зголемување на одбранбените способности на ослабен и исцрпен организам. Од лист и свежи лушпи се изработува боја за коса. Оревот е ценет поради своите јадливи плодови, и поради извонредно квалитетното дрво. Плодовите се користат како десерт, но и за добивање многу ценето јадливо масло. Јатките од оревите, покрај масло, содржат и белковини, јаглехидрати, витамини Б и Ц, калиум, магнезиум, фосфор и железо. Исто така, се богати и со омега-3 масни киселини.
Ликер од ореви, популарен домашен пијалак
Состојки:
25 млади ореви
мед или шеќер
1 л природна ракија од грозје
Подготовка:
Младите ореви добро да се измијат и да се измерат. Потоа се засекуваат со нож, секој на неколку места. Во текот на работата со млади ореви ви советуваме да носите заштитни ракавици. Одмерете ја количината мед или шеќер еднаква на масата на измерените ореви. Оревите наредете ги во тегла, полијте ги со мед или шеќер и прелијте ги со ракија. Затворете и оставете да стои изложено на сонце следните 40 дена, со мешање на содржината одвреме-навреме. Потоа процедете ги во шише и чувајте на ладно и темно место.