Фармацевти
Контакт

<< Назад

Оригано

јануари 1, 2018

Благотворен за воспаленија и ревматизамOriganum vulgare L. – риган

(фамилија усноцветни – Lamiaceae)

проф. д-р Радиша Јанчиќ

Риганот е повеќегодишно  зелјесто растение со хоризонтален ризом, ароматичен мирис и вкус. Стебленцето во основата делумно лежи на земја, со останатите делови е исправено, високо меѓу 20 и 50 сантиметри, темнозелено, лилаво или црно. Листовите се со лисна дршка, лиските јајцевидни со цел обод, на лицето и опачината со втиснати жлезди. Брактеите се седечки, јајцевидни, пурпурни. Цветовите градат сложени соцветија. Чашката е ѕвонеста, цветното венче има од светлоцрвена до темноцрвена боја, некогаш нечисто бела, а затворените плодови се  мазни. Цвета од јули до септември. Расте на сушни места, во честаци, до 2000 м надморска височина.

Се користи врвот на растението во цвет, а се суши во ладовина, на провев. Маслото се добива со дестилација на сува херба.

Риганот најчесто се користи како чај за опуштање на грчеви на органите за варење, кај отежнато лачење на жолчката и послаби проливи. Влијае на излачување на мочта. Исто така, благотворно дејствува кај настинка, грип и кашлица. Надворешно се користи за разни воспаленија на кожата и слузницата, а особено за испирање  хемороиди. Од етеричното масло  се изработуваат препарати кои дејствуваат на излачување на мочта и на воспаление на мочните патишта. Во комбинација со масло од рузмарин, се употребува надворешно за масирање за лекување ревматизам и заболени зглобови.

Ориганото е омилен зачин за пица и додаток на масни јадења. Составен дел е на чили зачинот.

Сродни билки

O. majorana и O. heracleoticum

Origanum majorana L. – мајоран

Едногодишна или повеќегодишна билка со пријатен мирис. Стебленцата се високи меѓу 20 и 60 сантиметри, исправени, голи. Листовите се јајцевидни или елипсовидни, сиви, долните на кратки дршки, останатите седечки. Цутовите се со јајцевиден облик, групирани на врвовите на изданоците во сложени цветови. Цветовите се двоусни, бели, розеви или светлолила, собрани во мали топчести цутови. Плодот е затворен. Цвета во јули и август. Расте на многу топли места, чувствителен е на мраз. По потекло е од просторите од Мала Азија до Индија, а се користи како зачин, и тоа цела билка, свежа или исушена.

Origanum heracleoticum L. – оригано

(Origanum vulgare subsp. heracleoticum)

Повеќегодишна зелјеста билка, стебленцата се зелени, листовите распоредени едни спроти други. Листовите се со многу жлезди. Брактеите се обично зелени, во пазувите на секој од нив се наоѓаат по три цвета сложени во седечки цутови. Цветовите се двоусни, бели или розеви. Расте на камењари во медитеранскиот регион, а се користи како зачин и во ароматерапија, слично како планинскиот чај.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>