Фармацевти
Контакт

<< Назад

Осаменост

септември 21, 2016

Потреба за поврзаност со други луѓеМилан Радовановиќ
психолошки советник и тренер

Нема личност која некогаш не доживеала минлива осаменост, но кај еден број луѓе тоа чувство се повторува, константно е присутно во различен интензитет и е од хроничен карактер, па за негово надминување е потребна стручна помош и поддршка

Развојот на информатичките технологии му овозможи на човекот преку виртуелните социјални мрежи да се поврзе со други луѓе од кој било дел од светот и во секој момент да биде во контакт со нив. Со време таквиот начин на комуницирање стана составен дел на голем број луѓе. Само преку Фејсбук активно комуницираат над милијарда и седумстотини илјади лица во светот.

Интернетот отуѓува
Корисниците на виртуелни друштвени мрежи (FB, Instagram, Tviter и др.) пронаоѓаат стари пријатели и познаници кои долго не ги виделе, запознаваат нови луѓе, разменуваат податоци, размислувања и фотографии, се договараат за средби и во реалниот живот. Нема сомнение дека со размена на информации на таков начин се остварува еден вид поврзаност со другите луѓе, но и прашање колку комуницирањето преку интернет навистина ја задоволува човековата психолошка потреба за контакт, дружење, внимание и препознавање.

Последниве години често може да се слушне како луѓето никогаш не биле толку поврзани, но и дека истовремено никогаш не биле толку отуѓени и осамени. Современите информациски технологии и модерни апарати (компјутер, смартфон, таблет) донесоа нови облици на комуницирање преку интернет, но и своевидна отуѓеност во реалниот живот. Разговорот лице в лице сè повеќе се заменува со размена на кратки пораки, наместо дружење со други луѓе и членови на семејството, седиме пред екранот на компјутерот. Исто така, често можеме да слушнеме од луѓето околу нас како велат дека се чувствуваат незадоволно и осамено.

Причини за осаменост
За да ја разбереме осаменоста и проблемите кои ги предизвикува, неопходно е прво да се дефинираат неколку поими кои се многу слични и поврзани. Осаменоста е непријатно чувство кое се јавува во ситуации кога не сме во можност да го оствариме саканиот контакт со други лица од социјалното опкружување.

Причините за осаменост може да бидат физички, психолошки, социјални, технолошки и други, па како резултат на тоа може да се јават во различни ситуации, како што се проблеми во комуникација во семејството или со пријателите, раскинување љубовна врска, промена на работно место, преселба во друг град, многу професионални обрвски и слично.

Обликот и интензитетот на осаменоста може да варираат во зависност од факторите кои довеле до тоа чувство. Да земеме за пример личност која доживеала повреда или се разболела. Оваа состојба трае подолг временски период и таквата личност ќе почне да се чувствува осамено, односно отуѓено бидејќи ѝ недостига повеќе и почесто да комуницира со другите.

Слично може да се чувствува студент за време на испитен рок кога повеќе време поминува во учење, или вработено лице кое секојдневно останува прекувремено на работа. Во сите тие ситуации личноста не остварува контакт со други луѓе и како резултат на тоа не успева да ја задоволи својата психолошка потреба за комуникација, поддршка, разбирање, поврзаност...

Меѓутоа, чувството на осаменост може да се јави дури и во ситуации кога личноста има контакт со други, кога има развиена социјална мрежа и кога е вклуена во различни социјални активности, но како резултат на одредени проблеми се чувствува како да не  е поврзана со луѓето со кое е моментално, како и дека од комуникацијата со нив не го добива она што ѝ е потребно. Таквата личност не е во состојба на самотија, но чувствува осаменост.

Чувство на самотија
Имено, состојбата на самотија не е нужно поврзана со чувството на осаменост. Самотија е состојба во која личноста се повлекува од социјалното опкружување и интеракција со другите, се свртува кон себе и остварува контакт со себе. Во таква состојба личноста не чувствува осаменост ниту која било друга непријатна емоција. Напротив, во самотија личноста се стреми да постигне внатрешен мир, да се спознае себе, да воспостави контрола над себе, своите мисли, чувства и однесување.

Осаменоста е емоција која секој од нас одвреме-навреме ја почувствувал во некои животни ситуации. Кај одредени личности чувството на осаменост се јавува почесто отколку кај некои други, што зависи од типот на личноста, како и од човековата способност да се адаптира на надворешни влијанија.

Минлива и хронична осаменост
Кај некои личности осаменоста е привремено чувство или, како ја нарекуваме поинаку, минлива осаменост. Таа трае пократок временски период и најчесто е предизвикана од надворешни фактори.

Меѓутоа, кај еден број луѓе чувството на осаменост е нешто што постојано се повторува, чувство кое одново и одново се јавува. Интензитетот на осаменоста кај нив варира во зависност од околностите, но чувството константно е присутно. Овој облик се нарекува хронична осаменост  и најчесто е последица на внатрешни фактори, односно психолошки карактеристики на поединецот.

За кој вид на осаменосот да се зборува, минлива или хронична, последиците се многубројни и може да имаат исклучително јак ефект на животот и здравјето на човекот.

Некои истражувачи ја доведуваат осаменоста во врска со бројни здравствени проблеми и тегоби. Пред сè, чувството на осаменост се доведува директно во врска со болестите на зависност, потоа со депресија, суицид, и други проблеми кога е во прашање менталното здравје.

Последици од осаменоста
Чувството на осаменост ја намалува способноста за реагирање на стрес, може да доведе до кардиоваскуларни проблеми, влијае на квалитетот на сонот, па сонот е пократок, со чести прекини во текот на ноќта, а со време може да се јави и инсомнија.

За да се избегнат овие или некои други последици, неопходно е да се борите со осаменоста. Тоа особено важи за оние кои имаат проблем со хроничната осаменост, со оглед на тоа дека таа доаѓа од самиот човек и произлегува од неговите психолошки особини.

Излегување од осаменоста
Првиот чекор во борбата е да се прифати фактот дека постои проблем со чувството на осаменост. Анализирајте ги своите мисли и однесувања во врска со ова чувство: што го предизвикува и какви ефекти има на вас.

Променете ја вообичаената рутина! Обидете се вие да тргнете кон другите луѓе наместо да се осамувате. Еден од проверените начини е вклучување во клуб или група луѓе кои имаат хоби или интересирања слични на вашите. Тоа може да биде спортски клуб, планинарско друштво, играње шах, риболов, шетање домашно милениче и дружење со други сопственици на домашни миленици.

Вклучување во група луѓе кои имаат слични интересирања на вашите ќе ви овозможи брзо и лесно да влезете во контакт со другите и во комуникација со нив да вежбате и да ги усовршувате социјалните вештини и полесно да ги надминете проблемите на осаменост.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>