Фармацевти
Контакт

<< Назад

ОСОГОВСКИ ПЛАНИНИ

декември 1, 2018

Еколошкиот бисер на Македонија

 

Зелени шуми, карпести врвови, кристални планински реки, диви јагоди, боровинки, сето тоа може да го најдете на Осоговските Планини, бисер на убавината на Источна Македонија и посебна еколошка средина. Подрачјето на Осоговските Планини изобилува и со археолошки наоѓалишта, цркви, манастири, селски средини со посебна етнографија, народни носии и препознатлива домашна кујна.

 

Ивана Коцевска

Фотографии Љубинка Ајтовска и Сашко Стефановски

 

Осоговските Планини се втора по површина и девета по височина планина во Република Македонија. Се протега на територијата на две држави, Македонија и Бугарија. Поголеми градови во подножјето на планината се Кочани и Крива Паланка, во Македонија, и Ќустендил, во Бугарија. Овој планински масив припаѓа на родопската зона, која претставува најстаро копно на Балканот. Тектонските движења со кои била зафатена планината условиле да биде издигната, раседната и раздробена, при што е формирана како хорст. За време на терцијарот се одвивала интензивна вулканска активност, што овозможило создавање големи резерви на олово-цинкова руда.

 

И токму рудата е поврзана со името на Осогово. Легендата вели дека на ова подрачје старите саксонски рудари во минатото ископувале злато и сребро, па со спојување на зборовите од старогерманскиот јазик osso (господ) и gov (место), се добило Осогово или „Божјо место“.

 

Рељефот на Осоговскиот планински масив е претставен со високи, зарамнети и долги планински била, меѓу себе расчленети со длабоки речни долини, вулкански купи и кратери. Флората се разликува според вертикалната разместеност: така се среќаваат даб, брест, габер, јасен, леска на надморска висина до 1000 метри во потпланинска зона; буката на висина 1000 ‒ 1800 метри во планинска зона и трева и грмушки од смрека во субалпска зона.

 

Осоговските Планини се дом на ендемични видови растенија, на многу ретки видови папрати, некои од нив живеат единствено овде. Шумите имаат природен изглед, речиси девствен. Месноста Раткова Скала заедно со Орлов Камен е еден од најрепрезентативните карпести предели на Осогово, каде можат да се сретнат типично карпести растенија, како што е црвената чуваркуќа, која кај нас ја има уште само на Беласица. Тука гнездат неколку интересни видови птици, еребица камењарка, египетски мршојадец, сив сокол, глувчар, црн штрк. Раткова Скала беше еден од последните локалитети каде гнездеше црниот мршојадец во Македонија.

 

Високите врвови на Осогово

Осогово припаѓа во групата на високи планини во Република Македонија, со врвови   кои се издигаат над 2000 метри надморска висина. Љубителите на пешачењето сигурно ќе се воодушеват од возбудливото качување до врвовите на Осоговските Планини, Руен и Царев Врв. Највисокиот врв Руен на 2252 метри надморска висина се наоѓа на границата со Бугарија, додека во централниот дел на масивот доминира Царев Врв или Султан Тепе. Други високи врвови над 2000 метри се: Мал Руен, Калин Камен, Сокол и Петрово Брдо.

Високи врхови Осогова

 

Осоговските Планини имаат добро развиена речна мрежа. Главен хидрографски јазол е врвот Руен, од кого кон исток се формираат притоките на реката Струма, а кон запад притоките на Вардар. Покрај него, многу значајна положба има и Царев Врв, кој е хидрографски јазол на поголемите водотеци на македонската страна од масивот. Во реките живеат инсекти, некои од нив се ендемични за Осогово или пошироко, за Балканот. Во реките познато е дека живеат 11 видови риби: белвичка, тврда мрена, мека мрена, караш, бојник, крап, кркушка, клен, чергур, црвеноперка и попадика.

 

Речните долини се одликуваат со клисури. Присутни се повеќе брзаци, слапови и водопади, од кои најголемиот, кај вливот на Јамишка Река, е висок 12 метри. Некои водопади се скалесто наредени во вид на слапови ‒ таков е повремениот слап на Куновска Река, со вкупна висинска разлика од околу 250 метри. Во густа букова шума, во северниот дел на Осоговските Планини, на Козја Река, на 1160 метри надморска висина, се наоѓа Станечкиот Водопад, кај селото Станци. Протекува низ огромни карпести блокови што му дава посебна убавина. Неговата вкупна височина изнесува 14 метри и е најголем постојан водопад на Осоговските Планини.

 

Кундинското Езеро е мало природно езеро кое се наоѓа 1километар североисточно од селото Кундино кај Пробиштип, на 1297 метри надморска висина. По прокопување на одводен канал во 70-тите години од минатиот век езерото е речиси целосно уништено и денес тоа има повремен карактер и повеќе наликува на блато, со бујна вегетација од трска и шавар. За време на интензивни врнежи, најголемата длабочина му изнесува до 3 метри. Езерото добива вода речиси исклучиво од атмосферски врнежи од неговото сливно подрачје, а ја губи преку истекување од споменатиот канал и со испарување. Кундинското Езеро изобилува со различни видови од флората и фауната. Покрај водните растенија, во езерото живеат повеќе видови водоземци, вилини коњчиња и други водни инсекти.

 

За посетителите кои сакаат традиционална атмосфера интересно е селото Полаки, место во кое времето, меѓу рустичните камени куќи, го изгубило своето значење. Во близина на селото е ловиштето „Полаки“, богато со високотрофеен дивеч: елен лопатар, срни муфлони и диви свињи. Осоговските Планини се вистински предизвик за велосипедистите или off road авантуристите.

 

Пониква

На 20 километри северно од Кочани, во прегратките на Осоговските Планини, на 1580 метри надморска височина, во предел со густа букова шума и разновидна вегетација, се наоѓа туристичкиот локалитет Пониква. На Пониква има повеќе сместувачки капацитети и спортски објекти. Природните убавини, еколошки чистата средина и поволната клима, се одлични предуслови за голема посетеност. Пониква е најпосетена во зима, а за љубителите на белите спортови на располагање се два ски-лифта и сноу-борд патека. На Пониква постојат идеални услови за планински велосипедизам, но и параглајдерство и други екстремни спортови. Туристичкиот центар Пониква се препорачува на љубителите на природата кои уживаат во благодетите на цивилизацијата.

 

Од рана пролет до доцно лето високите врвови на Осоговските Планини се прошарани со најубави бои од разновидни лековити билки, со содржина и одлики кои тешко може да се најдат на друго место. Рузмарин, нане, диво нане, тимијан, како и некои малку познати билки, боровинки, ги има во изобилство, потребно е да се има желба да се посетат.

 

Чистиот воздух, и во лето и во зима, дејствува како еликсир за белите дробови. Секоја година во зимските денови во Осоговијата има големи дебели слоеви од снег.  Велат дека на планините повисоки од 1500 метри снегот се задржува по речиси шест месеци во годината, а честопати повеќе месеци се задржува снежна покривка од барем триесетина сантиметри. Нека оваа зима Осоговските Планини бидат ваш избор за зимски одмор.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>