Фармацевти
Контакт

<< Назад

Остеопороза

септември 29, 2015

[vc_column width="1/1"]

Витаминот Д во превенциjа и терапиjа

д-р Ивица Краговиќ
Остео-Про, Скопје

Витаминот Д учествува во коскениот метаболизам, во регулацијата на невромускулната спроводливост и одржување на мускулната маса и сила. Неговиот недостиг кај децата може да предизвика рахитис, а кај возраснит остеопороза

Остеопорозата е системско скелетно заболување кое се карактеризира со намалена коскена маса и промени во микроархитектурата на коскеното ткиво, што води до зголемена фрагилност на коските и ризик од појава на скршеници, особено на ‘рбетот, на колковите и подлактицата. Се нарекува и тивка епидемија, бидејќи загубата на коскената маса е асимптоматска и најчесто прв знак за остеопорозата е појава на остеопоротична скршеница.

Според Интернационалната фондација за остеопороза, повеќе од 200 милиони луѓе во светот имаат остеопороза. Секоја трета жена и секој петти маж е под ризик да заболи од остеопороза или приближно 30% од жените после 50-тата година од животот имаат остеопороза.

Ризик-фактори
Идентификувани се многу ризик-фактори кои придонесуваат за појава на остеопороза, од кои некои се променливи, а други се непроменливи. Променливи ризик-фактори се: намалено внесување на калциум и витамин Д3, намалена физичка активност, намален индекс на телесна маса (BMI), прекумерно внесување на алкохол, пушење, неадекватна исхрана и други. Непроменливите ризикфактори кои во голема мера придонесуваат во развој на заболувањето се: женски пол, бела раса, рана менопауза, позитивна фамилијарна историја на болеста, возраст над 65 години итн.

Со развојот на медицината и осознавањето на патофизиолошките механизми кај повеќето заболувања, дефинирани се многу заболувања и состојби кои негативно влијаат на коскено-минералната густина и предизвикуваат секундарна остеопороза. Такви заболувања се: хиперпаратиреидизам, хипогонадизам (аменореја), хипертиреоидизам, дијабетес, ревматоиден артритис, малапсорпција, хронична бубрежна инсуфициенција, долготрајна имобилизација и друго.

Дефинирани се и голем број медикаменти кои негативно влијаат на коската, меѓутоа поради значајноста на примарното заболување пациентите мора да ги користат. Такви се: долготрајна употреба на кортикостероиди, долготрајна употреба на антикоагуланти, хемотерапија, имуносупресиви, антиконвулзиви, хипнотици и други.

Најчест тип на остеопороза е примарната постменопаузална остеопороза, која се јавува кај жените по менопауза како последица на естрогенскиот дефицит во организмот. Како и кај сите заболувања, најзначаен пристап во борбата со ост опорозата е превенцијата. Тука, пред сè, се мисли на: исхрана со доволен внес на калциум и витамин Д3, зголемување на физичката активност, избегнување алкохол, престанок со пушење, правилно изложување на сонце, превенција од падови итн.

Витаминот Д, регулатор на коскениот метаболизам
Оваа година светскиот ден на остеопорозата, 20 октомври, во целост е посветен на тема исхрана богата со калциум и витамин Д3. Особено големо внимание во последниве години се посветува на витаминот Д3 како еден од регулаторите на коскениот метаболизам. Витаминот Д3 е липосолубилен витамин кој се внесува преку храна или се создава со ендогена синтеза од прекурзори во кожата под дејство на УВ-зраците. Вака синтетизираниот пре-витамин Д3 понатаму во црни- от дроб и во бубрезите се претвора во активна форма на витаминот.

Клучните функции на витаминот Д3 во коскениот метаболизам се: подобрување на интестиналната ресорпција на калциум и одржување на нормални концентрации на калциум и фосфор.

Витаминот Д3 преку повратна спрега влијае на нивото на паратироидниот хормон. Покрај учество во коскениот метаболизам, витаминот Д3 учествува во регулација на невромускулната спроводливост, зачувување и одржување на мускулната маса и сила, кои се важни фактори во координацијата на движењата и превенирањето нa падови, особено кај повозрасната популација.

Доколку недостигот на витаминот Д3 се јави во најраната возраст, може да предизвика рахитис, доколку се јави во адултна доба може да предизвика остеопороза. Причината е, што поради неговиот недостиг, калциумот од храната не може адекватно да се ресорбира, поради што доаѓа до мобилизација на калциумот од коските, за да се овозможат доволни количини за физиолошките процеси.

Концентрациите на витамин Д3 во организмот се варијабилни и зависат од бројот на сончеви денови во годината и од поднебјето. Постојат и сезонски варијации на серумските концентрации на витамин Д3. Тие се највисоки во септември, а најниски во април. Резервите на витаминот Д3 во организмот главно се одржуваат преку ендогена синтеза во кожата и преку внес на храна богата со витамин Д3 (риба, рибино масло, црн дроб). Поради тоа од исклучително значење е изложувањето на сонце во сончевите периоди од годината и адекватна исхрана.

Недостигот на витаминот главно се јавува кај повозрасната популација поради намалено движење и поретко изложување на сонце, како и поради намалената ефикасност на кожата за ендогена синтеза со текот на годините. Ова е особено изразено кај стари пациенти сместени во болници и геријатриски домови. Поради тоа постои потреба за перорална суплементација на витаминот Д3 кај луѓето со ниски серумски концентрации и кај оние кои ретко се изложуваат на сонце.

Витаминот Д3 заедно со калциумот е вклучен како суплементација во сите протоколи при лекување на веќе дијагностицирана остеопороза. Се користи и во превенција на остеопороза кај пациенти со остеопенија (намалена густина на коските) или кај пациенти кај кои постојат ризик-фактори за развој на остеопороза (неадекватна исхрана, користење кортикостероиди итн).

Квалитетот на живот значително е намален кај пациентите со остеопороза, особено кај оние кои претрпеле остеопоротична скршеница. Повеќето вертебрални скршеници се проследени со изразит болен синдром, деформации на ’рбетот, загуба на висината и ги прават пациентите зависни од други лица. Фрактурата на колкот, како најтешка последица од остеопорозата, во одреден процент е и
животно загрозувачка состојба, а неретко завршува и со инвалидитет. Се смета дека здравствениот сектор после кардиоваскуларните заболувања на второ место најмногу средства издвојува за лекување на остеопороза и за санирање на последиците од истата.

Златен стандард: дензитометрија
Кога станува збор за остеопорозата од дијагностички аспект треба да се напомене дека DXA методот или дензитометријата е златен стандард во дијагностиката на остеопорозата. Тоа е брз, едноставен и неинвазивен метод кој не бара претходна подготовка на пациентот, а со кој се добива увид во густината на коската со голема прецизност. Исто така, како метод се користи и во мониторирање на одговорот на терапијата кај пациенти со остеопороза.
Кому му се препорачува дензитометрија?
- на сите жени над 65-годишна возраст,
- на сите постменопаузални жени под 65-годишна возраст кои имаат еден или повеќе ризик- фактори за развој на остеопороза,
- на сите мажи над 70-годишна возраст и помлади кај кои има клиничко сомнение за остеопороза,
- на сите возрасни кои имале остеопоротична скршеница,
- на сите кои имаат секундарни ризик-фактори за остеопороза (заболувања и медикаменти)
- на сите што се лекуваат од остеопороза со цел мониторирање на ефектот на фармаколошката терапија
Остеопорозата се спречува и се лекува доколку навреме се преземат мерки.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>