Превенција и лекувањед-р Ивица Краговиќ
Остео-Про, Скопје
За да имате здрави коски и да ја превенирате појавата на остеопороза, потребна е континуирана грижа за коскениот систем во текот на целиот живот, вежбање, изложување на сонце и исхрана богата со протеини, калциум и витамин Д
Со продолжување на животниот век на луѓето, што се должи на промената на условите на живот и напредокот на медицината, остеопорозата сè повеќе се наметнува како проблем од кој страда голем дел од населението. Оваа болест, покрај субјективните и објективните тегоби кои ги имаат пациентите, претставува и социјален и економски проблем дури и за високоразвиените земји. Сè повеќе се издвојуваат средства од здравствените буџети за лекување на остеопорозата и особено за санирање на последиците, кои често чинат повеќе од самото лекување. Еден дел од пациентите се тешко подвижни, со болен синдром и зависни од помош и нега од други лица. Поради тоа сè поголемо внимание се посветува на превенцијата и промивирање здрав начин на живот, кои во голема мера може да ја спречат или барем да ја ублажат оваа болест.
Генетика: Генетскиот фактор е непроменлив, па превенцијата е насочена кон прифаќање на здравите навики и стил на живот од најраната возраст и нивно практикување во текот на целиот живот со цел одржување на густината на коските. За да имаме здрави коски и за да ја избегнеме остеопорозата, потребна е континуирана грижа за коскениот систем во текот на целиот живот.
Детство и адолесценција: Во текот на детството и адолесценцијата се постигнува максимална густина на коските. Младоста е критичен период за градба на коските, кога тие стануваат поголеми и погусти. Погустите коски во текот на младоста влијаат на тоа луѓето помалку да бидат подложни на остеопороза во понатамошниот живот. Просечно една половина од коскената маса се акумулира во периодот на адолесценција. Максималната акумулација на калциум во коските е во пубертетот, односно со 12,5 години кај девојчињата и со 14 години кај момчињата.
Исхрана и физичка активност
Исхраната и физичката активност се, исто така, важни фактори. Нормалната телесна тежина во текот на детството и адолесценцијата придонесува за постигнување оптимална коскена густина. Луѓето достигнуваат максималната коскена густина од 25 до 30-годишна возраст. За жал, еден дел од луѓето под влијание на многу фактори не ја достигнува максималната коскена густина во младоста и тие се под ризик за развој на остеопороза во текот на животот.
Поради тоа физичката активност и исхраната богата со калциум, витамин Д3 и протеини, како и оптималното изложување на сонце се значајни за постигнување максимална коскена густина.
Одржување нормална коскена густина и спречување прерана загуба: Коскената густина се одржува кај возрасните до 40 година, односно постои баланс на коскената градба и коскената разградба. По 40 година кај некои луѓе коскената разградба станува поинтензивна и се намалува коскената густина. На забавување на овој процес влијаат избалансирана исхрана, вежбање и изложување на сонце, додека за негативни фактори се сметаат прекумерно консумирање алкохол, пушење, некои медикаменти и заболувања.
За одржување на оптимална коскена густина е потребна оптимална стимулација на коските која ќе се обезбеди со редовна физичка активност и доволен материјал за градба преку адекватна исхрана. Критичен период кај жената е менопаузата, кога поради естрогенски дефицит доаѓа до негативен коскен биланс. Поради тоа е значајно достигнувањето на максималната коскена густина во текот на младоста, како и нејзино понатамошно одржување, бидејќи се смета дека 10 % поголема коскена густина го одложува развитокот на остеопорозата за 13 години.
Постари лица: И во третата доба како и во текот на целиот живот, физичката активност и соодветната исхрана го намалуваат ризикот за појава на остеопороза и остеопоротични скршеници. Сепак, нивото на калциум кај постарите лица може да се намали поради намален апетит или други заболувања, како што се намалена цревна ресорпција, недостиг на витамин Д3 и намалена способност на бубрезите да го задржат калциумот.
Витаминот Д3 може да е намален и поради поретко изложување на сонце, намалена способност на кожата за синтетизирање и намалена способност на бубрезите за активирање на витаминот. Протеинската исхрана е значајна за одржување на физичката функција, додека физичката активност е значајна за одржување на мускулната маса, што сè заедно го намалува ризикот од паѓања и скршеници.
Дијагностика и лекување
Понекогаш, и покрај адекватната исхрана, редовната физичка активност и здравиот стил на живот, потребни се медикаменти, како за превенција, така и за лекување на остеопорозата.
Дензитометрија: Кај лица со генетска предиспозиција и присутни ризик-фактори се препорачува дензитометрија, односно снимање на густината на коскената маса. Се препорачува на жени над 65 години, како и на жени кои се во постменопауза и имаат еден или повеќе ризик-фактори за развој на остеопороза, на сите мажи над 70 години, но и на помлади кај кои има клиничко сомнение за остеопороза, на сите возрасни кои имале остеопоротична скршеница, на оние кои имаат секундарни ризик-фактори за развој на остеопороза, како и на сите што се лекуваат од оваа болест за да се утврдат ефектите од фармаколошката терапија.
Медикаменти и суплементи: На лицата на кои им е дијагностицирана остеопороза достапна им е палета на медикаменти и суплементи со кои може да се стопира развојот на болеста и да се подобри коскената густина. Лековите се најчесто во облик на таблети, а постојат и инјекциони и инфузиони форми на лекарства. Во зависност од механизмот на дејствување, постојат лекови за стимулација на коскената градба, кои поретко се користат, и лекови за блокирање на механизмот на коскена разградба.
Покрај медикаментозната терапија, потребен е и сеопфатен пристап кон пациентите со остеопороза, особено кај оние со тешка остеопороза, со цел намалување на ризикот од остеопоротични скршеници: обезбедување сигурни услови во домот (отстранување лизгави површини, обезбедување места за фаќање, отстранување кабли, избегнување када), корекција на видот, лекување придружни заболувања кои доведуваат до вртоглавици, несвестица и ризик од паѓање, вклучување на повеќе специјалности во третманот итн.
По дефиниција скелетот има потпорна, заштитна и движечка функција, која особено доаѓа до израз во третата доба. Грижете се за своите коски, остеопорозата може да се спречи и лекува доколку навреме се преземат мерки.
Статистика
Секоја трета жена и секој петти маж е под ризик во текот на животот да заболи од остеопороза. Како и кај многу заболувања, генетскиот фактор игра голема улога во појавата на болеста. Се смета дека во 60-80 % од случаите остеопорозата се должи на генетскиот фактор, додека во 20-40 % влијание има животниот стил.
Трудници и деца
Важно е трудниците да имаат потребен и доволен внес на калциум и витамин Д3 за да се обезбеди нормален развој на скелетот на плодот и спречување на загуба на коскената густина кај мајката. Кога тој доволен внес не може да се обезбеди, тогаш е потребна суплементација. Исто така, потребна е и суплементација на витамин Д3 кај децата во најрана возраст.