Милена Исаковиќ
Најважно е лекар да утврди дали причина за отекување на нозете е симптом на некоја болест на срцето, црниот дроб, бубрезите или белите дробови, или се јавува како резултат на начинот на живот, топлина, замор и недвижење
Отечените нозе некогаш биле тегоба на постари луѓе, но денес тоа е проблем кој ги погодува сите возрасти, пред сè, поради седечкиот начин на живот, недвижење и физичка неактивност, неадекватна исхрана, тесни обувки или доготрајно носење превисоки потпетици. Високите летни температури, исто така, погодуваат на отекување на нозете, но и презагреани простории зиме, како и долго седење во автомобил со вклучено греење.
Синдром на болест: Отекувањето на нозете, исто така, може да биде синдром на некоја сериозна хронична болест, како што се кардиоваскуларни, или тегоби со црниот дроб, белите дробови, бубрезите, штитната жлезда. Поради тоа многу е важно да се консултирате со лекар и да не се земаат лекови на своја рака, бидејќи ако причината, на пример, е срцева слабост, докторот е тој кој открива што довело до отекувањето, одредува дали пациентот има вишок или недостиг на течности во организмот и пропишува адекватна терапија, чија цел е не само да го ослободи пациентот од отоците, туку и да го лекува отекувањето за тоа да не се повтори.
Меѓутоа, зад отекувањето на нозете не мора секогаш да стои некој здравствен проблем. Причина може да биде повеќечасовно стоење кај одредени професии (фризер, продавач, стоматолог), менструален циклус, па дури и гравитација. Ако наутро нема отоци туку се развиваат во попладневните часови, ако се повлече отокот кога ќе ги подигнеме нозете и на тој начин ги одмориме, тогаш најдобар совет е да се слуша телото и да не се форсира, да се прават паузи кај занимања кај кои се стои, а кај седечките да се применуваат вежби кои ја поттикнуваат циркулацијата. Консумирање диуретици, лекови за исфрлање течности, во вакви случаи кога отокот поминува по одморање на нозете, е целосно погрешно, бидејќи може да предизвика хидратација на организмот, како и загуба на електролити.
Совети: Наместо медикаменти, подигнете ги нозете така што стапалата ќе ви бидат во повисока положба од колковите и одморајте ги во таа положба 20 минути. Природните диуретици кои го поттикнуваат уринирањето и со тоа ја исфрлаат водата од организмот се краставица, морков, кромид, сок од лимон, па консумирајте ги секојдневно. Пијте билни чаеви и земајте витамин Ц. Секојдневно вежбајте така што ќе ги истегнувате листовите (помага кај отечени зглобови), одете боси наизменично на прсти и на пети, а додека седите пред ТВ-екран или пред компјутер, со стапалата тркалајте тениско топче.