Милица Алексиќ
Акните се непријатен воспалителен процес кој ја зафаќа кожата на лицето, вратот, деколтето, надлактиците и грбот и може да нè следи и во четириесеттите години, па и подоцна, предизвикувајќи психолошки проблеми и пад на самодовербата. Поради тоа важно е на време да посетиме дерматолог и доследно да ги следиме неговите упатства. Несоодветен третман на воспалителниот процес, особено нестручно истискување на акните, уште повеќе ја влошува состојбата, па се создаваат видливи рани и лузни, што негативно влијае на психичката состојба и го нагрдува физичкиот изглед.
Лузните можат да се отстрануваат со различни методи чија цел е да го намалат формирањето на сврзното ткиво и да го поттикнат растот на здравите клетки. Треба да се знае дека зараснувањето на лузните се забрзува со храна богата со витамини Ц и Е, како и нежна масажа и пилинзи кои ги отстрануваат мртвите слоеви на кожата. Од природните средства за надворешна употреба се препорачуваат гел од алое, сок од лимон, јаболков оцет, маслиново масло и масло од чајно дрво.
Фиброзното ткиво може да се отстрани со хемиски пилинзи кои ги прави стручно лице, најчесто пет пати месечно. Во козметичките салони и дерматолошките ординации се користи и метод на дермоабразија, со кој се отстранува површинскиот слој на кожата и главно се применува кај санација на длабоки лузни. Со третманот со дерморолери (валјаци со иглички со должина до 2 мм) може да се допре до подлабоките слоеви на кожата. Една од најсовремените методи во лекување лузни е и ласерската метода, која се покажа како многу успешна. Третманот со хијалуронска киселина дава исклучително добри резултати и се смета за еден од најдобрите третмани. Меѓутоа, лузните не се отстрануваат преку ноќ, треба да се биде трпелив и упорен и редовно да се советувате со дерматолог, кој ќе го одреди видот на третманот.
Алое, лимон, кокос, јаболков оцет
Алоето е природен лек кој дејствува антивоспалително и помага оштетената кожа да зарасне. Гелот од алое можете да го направите и сами така што од листовите од растението ќе ја отстраните обвивката, а внатрешниот дел ќе го изгмечите и нанесете на лузната, држете половина час, па исплакнете. Гелот од алое никогаш не се нанесува на отворени рани.
Сокот од лимон помага мртвите клетки од кожата да се отстранат, ја подобрува нејзината еластичност и регенерација. Доколку кожата е пречувствителна, се разблажува со масло или вода во сооднос 1:1. Се држи десетина минути, па се измива.
Кокосовото масло спречува формирање нови лузни и помага старите да избледат. Потребно е да се загрее за да биде во течна состојба, па нежно со прсти се втрива во кожата повеќе пати во текот на денот.
Јаболковиот оцет го поттикнува растот на здравите клетки и се нанесува на лузната разблажен со вода во сооднос 1:1, се држи пет минути, па потоа се измива. Неговата кисела природа прави рамнотежа на pH на кожата и спречува создавање нови лузни.