Фармацевти
Контакт

<< Назад

Панталони

октомври 28, 2015

[vc_column width="1/1"]

Револуција во женската облека

Марија Јоксимовиќ

Во 60-тите години на минатиот век Жаклина Оназис, сопруга на грчкиот бродосопственик Аристотел Оназис, сопственик на тогаш најголемата приватна флота со бродови во светот, била замолена да напушти еден њујоршки ресторан каде на вратата имало натпис: „Не примаме жени во панталони“

Во средината на 19 век жените кои работеле како рударки во Шкотска први облекле панталони од практични причини, згрозувајќи ја јавноста навикната ова парче облека да го смета за традиционален дел од машката гардероба. Панталони носела и Јованка Орлеанка, француска национална хероина за које се напишани повеќе од 20 000 книги. Овој типично машки дел од облеката во минатото влегол и во поговорки, па изразот „кога жената носи панталони“, и денес, кога тоа е најнормална работа на светот, и понатаму се толкува дека „таа владее со ситуацијата“ или, пак, дека „жената е главна во врската“.

Панталоните како моден детаљ во женската гардероба ги вовела Коко Шанел, позната по поигрувањата со елементи од машката мода наменети за самоуверени дами, користејќи притоа и жерсеј, материјал не претерано застапен во тоа време. Меѓутоа, жените во панталони не секогаш биле добредојдени, па така во 60-тите години на минатиот век Жаклина Оназис, сопруга на грчкиот бродосопственик Аристотел Оназис, сопственик на тогаш најголемата приватна флота со бродови во светот, била замолена да напушти еден њујоршки ресторан каде на вратата имало натпис: „Не примаме жени во панталони“.

Гали и Римјани
Историчарите на модата велат дека првите панталони ги измислиле древните Гали, кои живееле на територијата на денешна Франција. Во војувањата со Римјаните се покажало дека поради кожените панталони биле во предност, бидејќи ги чувале од ладните зими, па почнале да ги носат и римските војници, ширејќи ги по светот. Според друга верзија, први панталони носеле азиските коњаници, за полесно  јавнување на коњите.

Кројот на панталоните варирал низ вековите. Во средниот век биле отворени напред и назад. За време на барокот стануваат пократки, со должина малку под колената. Морнарите, пак, носеле панталони со широк крој. Во 19 век во машката мода влегуваат долги панталони, слични на денешните. Во втората половина на 20 век и мажите и жените носеле пантолони од сите должини, почнувајќи од шорц, преку бермуди и  ¾ должина, до оние кои се до или ги покриваат чевлите.

Вечниот џинс
Иако во текот на историјата панталоните се правеле од најразлични материјали, од кожа, свила, жерсеј, разни видови штофови, памук, лен, па дури и од тантела, вистинска револуција предизвикало грубото платно, денес познато како „тексас платно“, кое за време на златната треска на запад го донел Леви Штраус.

Во 1853 година, 24-годишниот германски доселеник Леви Штраус, тргнал од Њујорк кон Сан Франциско, носејќи со себе грубо платно за шатори и покривки за запрежни коли. Имал намера во Калифорнија да отвори огранок од текстилната фабрика на својот брат, бидејќи златната треска била во полн замав, привлекувајќи огромен број луѓе, па недостигала стока за секојдневна употреба. Меѓутоа, кога еден копач на злато го прашал „што продава“, а тој одговорил дека има материјал за шатори, копачот разочарано му рекол: „Требало да донесеш панталони“. За недостигот на панталони придонел и фактот дека брзо се кинеле, а џебовите пукале по рабовите, бидејќи трагачите по злато работеле во тешки услови и им била потребна робустна облека која тешко се кине.

Нитни и патенти
Така досетливиот Леви Штраус почнал да прави панталони од јако платно, прво наменето за покривање на запрежни коли. Кројачот и клиент Џејкоб Дејвис дополнително му предложил генијална идеја да патентираат нитни кои ги зајакнуваат аглите на џебовите. Патентот е одобрен во 1873 година, а 13 години подоцна Штраус креира и лого на брендот со два коња, кое и денес се втиснува во парче кожа и се зашива на задната страна на неговите модели. Вака дотераните панталони, кои имале и мало џепче за часовник, фирмата Levi Strauss & Co. ги лансирала на пазарот кој сè повеќе се ширел, бидејќи неговите панталони ги сакале работниците, посебно рударите и каубоите. Кога во 1890 година поради идентификација почнал да се користи бројот на серијата 501, легендата е родена, а Штраус станува милионер. Постои податок дека неговите фармерки со трегери во 1885 година чинеле 1,25 долари. Се шиеле од 1,6 м платно, 195 м конец, 5 копчиња и 6 нитни.

Сè до 50-тите години на 20 век немало значајни промени во дизајнот на добитната комбинација, а потоа се стеснуваат трегерите и ногавиците, а  во 1955 година се воведуваат и метални патенти, и светло сина боја на платното, што значело дека компанијата влегува и на теренот на спортска облека. 3 години подоцна Levi Strauss & Co. го воведува и моделот spikes, панталони од полиран памук за мажи и момчиња, со боја на лимон, лимета и портокал. Меѓутоа, индиго сините фармерки остануваат ненадминати. Ги носат мегаѕвездите на филмската индустрија, Џон Вејн, Гари Купер, Марлон Брандо и Џејмс Дин, но и обичните луѓе од сите возрасти, како мажи така и жени. Првиот производ кој Levi Strauss & Co. го направил за дамите е наречен Freedom-Alls (широки трегери), а подразбирал едноделно парче наменето и за работа и за играње со деца и активен одмор. Љубителите на фармерки можат во Левисовиот музеј во Сан Франциско да ја видат култната облека која ја носеле филмските ѕвезди, кадри од филмовите, како и модели од времето кога фармерките се работени како работнички панталони.

Фармерките се веројатно единствена облека за која повеќе од 100 години се гарантира дека проверено ќе се собере, стутка и избледи, а тоа на сите им се допаѓа.

Денес се продаваат и фабрички „соџвакани“, искинати и избледени варијанти, кои се моден тренд. Жените ги обожаваат во сите изданија, тесни и широки, кратки и долги, со висока половина или спуштени на колкови. Всушност, тешко и дека може да се најде една жена која не купила барем едни фармерки во животот. Откако ги освоија панталоните, жените ги носат во секоја прилика, а модните креатори секоја сезона смислуваат нови модели за на работа, за свечени моменти, спорт и рекреација.

Парижанки во панталони
Дури пред 2 години, во 2013, законот од 18 век, стар повеќе од 200 години, кој на жените во Париз им забранувал да носат панталони без одобрување на полицијата, конечно во целост е укинат. Оваа забрана делумно е повлечена во 1892 и 1909 година, кога на жените им било дозволено да носат панталони, но како што пишувало во законот, под одредени услови, на пр., „ако барем со една рака се држат за велосипед или за уздите на коњ“.

Приказна за 22 век
Во 1827 година младата писателка Џејни Веб напишала СФ роман, Мумија – приказна за 22 век, во кој предвидела многу фантастични и шокантни работи, како што се машина за еспресо и клима-уред, но најмногу ги фрапирала читателите со тврдењето дека жените во иднината, во 2126 година ќе носат панталони!

Шанел јавачки панталони
На почетокот на 20 век панталони носеле само мажите, но поради љубовта кон јавањето Коко Шанел тоа го изменила засекогаш. Во тоа време жените јавале во долги здолништа и седеле на коњ на една страна, со собрани нозе. Коко сметала дека жените треба да имаат еднаква слобода како и мажите, па креирала јавачки панталони за жени, за да може на коњ да седат во нормална положба. Меѓутоа, на креацијата £ претходела анегдота, според која Коко Шанел, кога сфатила дека не може да јава во долго здолниште, буквално ги соблекла панталоните од машкиот јавач и ги облекла. Инаку, славната креаторка најмногу сакала да носи тричетврт панталони во комбинација со класичен џемпер преку ден, а широките панталони кои ги креирала ги прославила прочуената Марлен Дитрих.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>