Брзина, вештина, концентрација
Без оглед на тоа дали станува збор за борба за олимписко злато или попладневен дуел на двајца соседи во гаража, овој спорт неизоставно носи возбудување и скок на адреналинот.
Автор Душко Шашиќ
Пинг-понгот спаѓа во најмасовните индивидуални спортови во светот. За тоа веројатно може да заблагодари на својата популарност во Кина, меѓутоа не постои дел од планетата каде не се одвива борба за победа во игра со рекети и мало топче. Иако често (и погрешно) се смета за рекреативен спорт, фактите укажуваат на тоа дека ова е активност која исклучително многу бара, која изискува врвна кондиција, максимална концентрација и брзи рефлекси.
Настанокот на спортот и влегувањето во олимпиското семејство
Различни верзии на спортови со топка во кои целта е префрлање преку мрежа со помош на удар со рака, стап, рекет или нешто слично, се спомнуваат уште во античките списи. Низ историјата опстанало интересирањето за ваквиот вид забава, за во 19 век конечно да се формираат претходниците на денес познатите спортови. Таква била ситуацијата и со тенисот. Со оглед на тоа што тенисот е игран на отворено, играчите наидувале на проблем кога времето не им дозволувало да ја практикуваат својата омилена активност. Намалената верзија на големиот тенис подразбирала поголема маса да го замени игралиштето, а улогата на мрежа врз себе ја преземале книгите наредени една до друга. Користени биле разни видови топчиња, најчесто оние кои инаку биле употребувани на голф терените.
Според некои извори, играта прво ја развиле британски офицери лоцирани во Индија. Тие ја пренеле назад во Англија, а пинг-понгот набргу стекнал голема популарност кај повисоките општествени слоеви. Играта е наречена минијатурен тенис. Под името тенис на маса прв пат се спомнува во еден каталог со спортска опрема од 1884 година. Новата мода наскоро се проширила и преку Атлантикот, така што во САД расте бројот на поклоници на овој спорт. Во тоа време се појавил и вториот вообичаен назив за тенис на маса: пинг-понг (ова име настанало како ономатопеја на звуците кои ги произведува удирањето на топчето со рекет). Авторството на терминот пинг-понг се припишува на англискиот инженер Џејмс Гиб. Меѓутоа, неговиот придонес во оваа игра е далеку позначаен поради воведувањето на целулиодна топка. Пред крајот на 19 век било вообичаено пинг-понг да се игра со топчиња направени од плута. За време на престојот во САД инженерот Гиб наишол на топчиња направени од нов материјал – целулиод. Овие топчиња отскокнувале побрзо и подобро и ја направиле играта многу подинамична. Тоа пак се одразило на порастот на популарноста, па наскоро почнале да се одржуваат и првите турнири. Развојот на натпреварувањето траел до 1912 година, а бил запрен од воените случувања. Продолжението на организирани меѓународни турнири уследило дури од 1925 година, а веќе наредната година во Англија е оформена и Меѓународна пингпонгарска федерација – ITTF. Пинг-понгот станал постојан дел на олимписките натпреварувања на игрите одржани во Сеул во 1988 година.
Развој на опремата
Следниот дел од опремата кој, по воведувањето на целулоидното топче, доживеал унапредување бил рекетот. Веќе во 1901 година се појавил рекет пресвлечен со тенок слој гума. Меѓутоа, вистинска револуција се случила половина век подоцна, кога помеѓу дрвото и гумата е вметнат слој тенок сунѓерест материјал. Оваа промена довела до тоа играчите да можат подобро да ја контролираат патеката по која топчето по ударот ќе се упати, како и да ја зголемат брзината со која тоа се движи. Исто така, придонела и за непредвидливоста на неговото движење, при т.н. спинување. Тоа дополнително ја забрзало играта и ја заострило борбата на професионалните натпреварувања.
Денешните рекети, покрај традиционалното дрво како основа, се изработени и од алуминиум, влакна, композитни материјали... Правилата кои ги пропишува ITTF налагаат рекетите кои се користат на официјални натпревари да мора да имаат основа која најмалку 85 % е направена од дрво. Видот на дрво кое најчесто се користи е балза, лимба и во Јапонија многу популарен хиноки. Дозволена е употреба на ламинирано дрво што прилично ја зголемува цврстината и издржливоста на рекетот. Двете страни на рекетот може да бидат пресвлечени со различни материјали, што на играчот му овозможува да бира со која страна ќе зададе удар и согласно со тоа каква патека ќе има топчето. Според правилата, едната страна на рекетот на официјални натпревари мора да биде обоена во црвено. Играчите имаат право пред почеток на мечот да го проверат рекетот на противникот, за да сфатат какви карактеристики има секоја страна. На играчот во текот на мечот му е дозволено да го замени рекетот исклучиво ако дојде до оштетувања кои го спречуваат продолжението на играта со првибитно избраниот реквизит. Просечните димензии на рекетот се 17 см должина и 15 см ширина, но постојат отстапувања бидејќи секој од играчите има право донекаде да го модифицира рекетот според мерките кои најмногу му одговараат.
Димензиите на масата се 2,74 м x 1,525 м, а висината е 76 см. Мрежичката ја дели масата на две половини и е поставена на висина од 15,25 см. Тоа и е димензија која означува колку мрежичката ги преминува рабовите на масата од секоја страна. ITTF одобрува користење маси направени од дрво или сродни материјали (шперплоча и слично). Во парковите често може да се наиде на бетонски маси, но вистинските вљубеници во оваа игра, сепак, најмногу го сакаат звукот на удар на топчето од дрвена површина.
Нови топчиња за нови правила
Развојот на опремата и техниката на игра довеле до тоа на просечниот набљудувач на крајот на 20 век да му биде многу тешко да ги следи случувањата на масата во текот на мечот. Топчињата се движеле со неверојатна брзина и само извежбано око можело да види зошто играчите така жестоко маваат со рекетите. Тоа довело до пад на интересирањето за овој спорт. Од 2000 година настапиле бројни промени во правилата. Наместо стариот начин на бодување (до 21, во промена на сервисот на пет поени) воведено е ново бодување (се игра до 11 постигнати поени, играчите се менуваат на сервис после два поена).
Дополнителната измена се однесувала на топчето. Наместо дотогашните топчиња со пречник од 38 мм, воведени се топчиња со пречник од 40 мм. Иако може да ни се причини дека 2 мм не е голема разлика, сепак, дошло до намалување на брзината со која топчето се движи, како и до брзината на спинување. Материјалот од кој се изработуваат веќе не е целулоид туку модерен полимер, а на натпреварувањата се користат и бели и портокалови топчиња (во зависност од бојата на масите на кои се игра мечот).
Она што е сигурно е дека пинг-понгот е омилена занимација на милиони луѓе ширум планетава кои го играат рекреативно. Што се однесува на професионалните спортисти, и тука доаѓаат на сцена млади сили така што не постои страв за иднината.
Кинеска доминација
Уште во текот на триесеттите години на минатиот век, известувачите од Кина сведочеле за популарноста која пинг-понгот ја има кај борците кои во граѓанската војна учествувале во комунистичките одреди. Интересно е дека во тогашниот СССР овој спорт не стекнал таква популарност, можеби и поради со ништо непотврдените гласини дека е штетен за срцето. Кинеската страст кон пинг-понгот и денес е изразито силна, така што нивните спортисти се оние кои сè уште се качуваат на победничките пиедестали на меѓународни натпреварувања.