Добрите обувки ја чуваат главатаАлександар Вучковиќ
Безбедното заминување на планина подразбира да се оди организирано, во група или со водич, во организација на планинарски сојуз или клуб, да се избере тура во склад со кондицијата. Планинарска опрема, вода и храна се задолжителни
Планинарењето е спорт за сите четири годишни времиња во кој кондицијата се стекнува во природа со пешачење по угорнини и удолнини, по полош или подобар терен, кој може да биде шумска стаза, ливада или, пак, каменити ридови и карпи. Само најискусните планинари во освојување на некој врв одат сами, по необележана рута и неорганизирано, бидејќи во природа лесно може да се изгубите, но и тие носат GPS уреди, се подготвуваат со проучување на мапите на теренот пред заминување, а во случај на незгода ја повикуваат Горската служба за спасување. Незгодите во планина не се ретки, времето одеднаш се менува, а некогаш теренот е таков што и мало невнимание или немање концентрација може да доведат до повреда.
Солидарност
Поради тоа на планинарење се оди организирано, во група, со водич кој води сметка за секој планинар и така што на крајот на колоната секогаш има некој кој јавува дали се сите на број, а ако некој заостанал, тогаш се причекува или се испраќа поискусен планинар да го бара. Во планината функционираат солидарноста и заемното помагање, но се подразбира дека секој кој ќе се одлучи на ваков излет ќе се придржува на некои основни правила.
Планинарско друштво
Првото правило се однесува на вистински избор на планинарска рута, добро е секој да избере пат според своја мера. Планинарот-почетник со неголема кондиција сигурно не треба да оди на планина која многу бара, туку е попримерно да почне со оваа активност така што ќе се определи за заминување во попитом амбиент, одење по ниски падини и ливади. Зачленувањето во планинарско друштво или клуб е од голема помош, бидејќи сите тие организираат еднодневни, тури за викенд и повеќедневни тури многу прецизно, давајќи точни описи каде се оди, каков е теренот и која опрема е потребна. Кој е несигурен, секогаш може пред поаѓање да го повика водичот преку телефон и со него да се посоветува дали избрал излет соодветен на своите можности.
Кондиција
Покрај освојување врвови, целта на планинарењето е и уживање во природата и во друштвото. Кога неискусен планинар со недоволно кондиција ќе се најде во јака планинарска група, уживањето изостанува, зашто рутата е преамбициозна за него, па заостанува и така го ремети ритамот на цела група. Поради тоа е важно да се избере тура по своја мера. Она што е добро е што во планина искуство и кондиција лесно се стекнуваат, па не е проблем за неколку месеци планинарење да се стекнат услови за заминување на потешки потфати. Многу планинари кога ќе се одлучат за некоја поамбициозна тура имаат и дополнителни подготовки, кондициски тренинзи во теретана, на пример, пливаат и трчаат за да бидат подготвени за предизвиците кои си ги поставиле.
Опрема
Друго важно правило на планинарењето е да не се оди во природа без соодветна опрема. Основната опрема подразбира добри планинарски чизми со ѓон кој не лизга, кои обично имаат ознака „vibram“. Исто така, чевлите би требало да не пропуштаат вода, што се бележи со ознака „gore-tex“. Добрата планинарска чевла ја чува главата, па не е необично искусен и строг водич да не сака да води неискусен планинар кој тргнал на пат во платнени, плитки патики, на пример. Квалитетни, спортски чорапи, исто така, се важни зашто чорапите кои се крпени на места може да предизвикаат големи проблеми на стапалата, рани и плускавци, бидејќи дури и на турите кои не се многу тешки се пешачи по 15-20 км.
Облеката треба да биде во слоеви, и за топло и за ладно, а во ранецот задолжителни се резервна маица, резервни чорапи и мантил за дожд. Во планина секогаш се носат долги панталони, а често и гамаши, поради влажна трева, змии или трње. Кој може да си дозволи може да купи облека од т.н. активен материјал, која пропушта пот и за момент е сува. Во планина многу се корисни и планинарските стапови. Тие се потпора при качување и спуштање, добра се поддршка на лизгав, каллив терен, а исто така, ги растоваруваат зглобовите. Добро е да се понесе и батериска ламба, бидејќи некогаш теренот е таков што движењето е побавно, а се стемнува рано, па ламбата може да биде од голема помош.
Вода и храна
Во планина никогаш, ама баш никогаш не се оди без вода во ранецот. Дури и ако турата е кратка, на пр., 2-3 часа, задолжително е да се носи литар и пол до два литра вода. Подолгите тури бараат и повеќе вода, како и информирање за изворите со вода за пиење. Од храна обично се носат сендвичи или суво овошје, јаткасти плодови и семки, кои даваат енергија и не заземаат многу место во ранецот.
Сето опишано важи, пред сè, за „ливадарење“ но не и за „високогорство“ и алпинизам, кога подготовките и опремата се многу посериозни и подразбираат различни системи за осигурување (карабинери, цепин, дерези, јажиња) и слично.
Психичка подготовка
Дури и питома планина може да биде непредвидлива (ненадеен снег, дожд, магла, ветер), па планинарот треба да биде психички подготвен да не паничи, да остане прибран, да прифати и да даде помош на останатите членови во групата за акцијата на планинарење и во неповолни околности успешно и безбедно да приврши.
Кодекс на честа
Планинарскиот кодекс на честа, меѓу останатото, подразбира дека природните убавини на планините се богатство и природата треба да се штити. Должност на планинарот е да се грижи за природата, со лично однесување да биде пример и да придонесува за зачувување на природата. На планинарските стази, врвови, одморалишта и видиковци, планинарот никогаш не остава и не фрла отпадоци и остатоци од храна, амбалажа, туку ги собира, става во ранец или во посебно кесе и ги носи до првото ѓубриште. Планинарот води сметка за тоа и да не предизвикува бучава, да не крева камења кои може да го загрозат животот на луѓето или животните, да не пали оган во шума или блиску до шума, да не кине цвеќе и гранки, без оглед на тоа дали е заштитено или не, да не ги оштетува планинарските пасишта. Планинарот секогаш има предвид дека и оние кои во планина ќе дојдат по него имаат право на чиста и незагадена животна средина.