Фото Славица Панова
Ивана Коцевска
Секоја посета на Охрид е едно ново доживување, затоа што во овој наш бисер покрај езерото има толку многу убавини на кои не можете да останете рамнодушни. За јунската прошетка ви ги предлагаме едни од најубавите локации во Охрид и околината, манастирот Свети Наум и црквата на Плаошник, првите познати словенски споменици на црквената архитектура во охридскиот крај. Тие се вечните почивалишта на свети Наум, првиот словенски монах, и на свети Климент, прв словенски епископ, верните ученици на светите Кирил и Методиј
Плаошник
Во срцето на древниот Охрид, откако ќе се искачите по тесните и калдрмисани улички, меѓу Самоиловата тврдина и црквата Свети Јован богослов Канео, пристигнувате на археолошкиот локалитет Плаошник. Прекрасна локација од каде езерото се гледа како на дланка. За Плаошник се вели дека е едно од најсветите места во Македонија. Името потекнува од зборот „плаош“ со значење белење, плавење алишта, и преносно – место за прочистување на душата.
Плаошник е познат како религиозен локалитет уште од почетоците на
христијанството, а веројатно и пред тоа. Се поврзува со ликот и делото на словенскиот епископ свети Климент, ученик на светите Кирил и Методиј. Свети Климент ја подигнал црквата во 893 година и ја посветил на свети Пантелејмон – лекар исцелител, заштитник на Охрид и на цела Македонија. Тој ја водел и Охридската книжевна школа и се смета дека го основал првиот Словенски универзитет во Европа, во 10 век. Плаошник припаѓа на разни археолошки периоди, кои можат да се поделат на климентов, предклиментов и поклиментов период.
На централното место на Плаошник со својата големина доминира црквата. Тоа е обновената Климентова црква, врз темелите на старата црква од 9 век. Црквата била обновена во 12, а потоа уште еднаш во 13 век. Со текот на годините биле доградувани капели, а во 14 век била изградена припрата и надворешна припрата со камбанарија. По доаѓањето на Османлиите била претворена во џамија, позната како Имарет џамија, која денес не постои. Верниците за да ги заштитат моштите на светецот и чудотворец свети Климент Охридски, ги засолниле во малата еднокорабна црква „Мал Свети Климент“, а потоа биле пренесени во црквата „Света Богородица Перивлепта“ во стариот дел на градот, близу Горна порта, каде почиваа до 2002 година.
На 11 август 2002 година, по 530 години, во новоизградената и осветена црква која е реплика на Светиклиментовата црква, а на истите темели, се пренесени моштите на светецот Климент, кој го ширел христијанството, просветувал и го лекувал народот. Моштите се сместени во ковчеже кое се наоѓа под мермерниот саркофаг, во гроб кој во новиот храм е на старата гробна конструкција, целиот под стакло. Во гробницата која Климент сам ја направил и во која бил погребан во 916 година. На јужната страна на гробот поставени се икони на свети Климент и на свети Пантелејмон, а од другата, во ниша се наоѓа дрвена скулптура на свети Климент од 13 век. Во и околу новоизградената црква има стаклени подови за да се гледаат остатоците од стариот храм. Храмот е прогласен за споменик на културата. На надворешниот, северен дел, оставени се белези од Султан-Мехмедовата (Имарет) џамија.
Во 2002 година била пронајдена монументална и богато декорирана ранохристијанска крстилница, каква што досега не е најдена во Македонија. Денес црквата е наречена „Светите Климент и Пантелејмон“, во чест на свети Климент Охридски, кој првобитно го изградил храмот на ова место и работел, и на свети Пантелејмон, на кого првобитно црквата била посветена.
Овој комплекс е еден од најзначајните археолошки локалитети во Охрид и во Македонија и едно од најсветите места кај целиот словенски род.
Свети Наум
На околу 30 км од Охрид, во непосредна близина на македонско-албанската граница, на висока карпа над езерото, во националниот парк Галичица, се наоѓа црквата Свети Наум и истоимениот манастир. Го изградил епископот Наум на крајот на 9 и почеток на 10 век. Подрачјето на кое се наоѓа манастирот Св. Наум е едно од најубавите на Охриското Езеро. Иако до него води асфалтен пат, сепак, ако сте во можност, допловете со брод, доживувањето е посебно. Пловидбата започнува од пристаништето во Охрид и трае 2 часа по совршено чистото езеро.
Манастирот е основан од свети Наум, соработник на свети Климент Охридски. Собирајќи околу себе голем број монаси тие во овој манастир ги преведувале светите книги, го изучувале православието и заминувале на мисионерски пат, прво низ јужниот Балкан. Свети Наум бил ученик на словенските апостоли Кирил и Методиј и еден од петтемина кои најревносно соработувале со нив. Манастирската црква, оригинално посветена на светите архангели Михаел и Габриел, подигната е во 900 година. Свети Наум во манастирот ги поминал последните години од својот живот, починал на возраст од 80 години и бил погребан лично од свети Климент во манастирската црква. Легендата вели дека неговото срце и денес чука во ковчегот. Над неговата гробница се наоѓа композиција која ја прикажува неговата смрт.
Во основата црквата е градена како трилисна детелина, ѕидовите се со прекрасни фрески насликани во 19 век. Многу импресивните сцени се од животот и чудата кои во текот на животот ги правел свети Наум Охридски. Иконостасот е од 1711 година од непознати автори. Особено големите икони се значајно остварување на барокната уметност, настанати под влијание на светогорската традиција и претставуваат вистинско ремек-дело и едно од најголемите уметнички остварувања во 18 век.
Првобитната црква е урната за време на Турците. Со археолошки ископувања и проучување на манастирот е утврдено дека на темелите на првата црква, во периодот помеѓу 16 и 17 век е изградена денешнава црква, која е доградувана во 4 фази.
Списите зборуваат дека Наум бил мудар учител, единствен раководител на монасите, одлучен подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Посебно се посветил на преведување на Светото Писмо и останати црковни книги, од грчки на словенски. За Наум се тврди дека правел чудеси и за време на животот и по смртта, а на неговите мошти и денес им се припишуваат чудотворни моќи, особено исцелувања од тешки болести, како лудило. Овде е изградена и првата болница, во 17 век, во непосредна близина на гробната капела на свети Наум.
Оваа локација е популарно место за излет, со уредена плажа. Манастирот веќе не е во верска функција, претворен во музејско-туристички објект, само манастирската црква се користи како верски објект. Во дворот на манастирот, покрај стариот бунар и две црквени ѕвона, слободно шетаат пауните – заштитен знак на манастирот.
Изворите на Црн Дрим
Стотина извори го полнат Охридското Езеро со свежа вода. Најпознат извор е, секако, изворот на реката Црн Дрим или Билјанини извори. Овој извор се наоѓа кај црквата Свети Наум, каде реката извира од песокот во карпите во вид на 45 поединечни извори, создавајќи впечаток на песок кој врие, потоа се влева во езерото, а потоа на другиот крај на езерото кај Струга, водата се излива во коритото на реката Дрим. На овој начин, со природна филтрација, водата во езерото во целост се менува за 12 часа.
Според легендата која потекнува уште од времето на Римјаните, тоа се изворите каде преубавата Билјана го белела платното и несреќно се вљубила во водачот на карванот кој на изворите полнел вода. Оваа приказна е испеана во познатата песна „Билјана платно белеше“ – химната на Охрид.