Одлично за здравјето
Бројни се позитивните страни од пливањето за нашиот организам, а покрај тоа, исто така, е и многу забавно.
Автор Душко Шашиќ
Почетокот на летото нè потсетува на сите убавини кои ги носи престојот на плажа. Пливањето, секако, е една од најинтересните летни активности. Меѓутоа, сите кои имаат прилика редовно да пливаат во текот на целата година, би требало тоа и да го искористат. Без разлика дали со пливањето активно се занимавате како спорт, и учествувате на натпревари, или уживате во рекреативното плескање по водата, она што е сигурно е дека после секој престој во вода се чувствувате подобро.
Нурнување во историјата
Според археолошките откритија, луѓето почнале да се занимаваат со пливање уште во камена доба. Оваа активност била составен дел од потрагата по храна, но научниците не ја исклучуваат можноста дека нашите предци влегувале во вода и од чиста забава. Најстарите литературни записи, како Епот за Гилгамеш, Илијада и Одисеја, сведочат за познавањето на пливачките вештини. Пливале и Асирците и Египќаните, а римските историчари Тацит и Касије Дион опишуваат како војниците на некои варварски племиња биле способни да пливаат под полна воена опрема и на тој начин да ги изненадат неподготвените противници.
Развој на модерните техники
Денешните пливачки натпреварувања се одвиваат во четири основни дисциплини: слободен стил, градно, грбно и делфин. Исто така, се одвиваат и натпреварувања во мешан стил и штафетни трки. Пливачите се натпреваруваат на различни дистанци од 50 до 1500 метри. Пливањето е составен дел на други спортски дисциплини, како што е триатлонот, а на Олимписките игри е присутно од 1896 година, кога почнала модерната историја на ова спортско натпреварување.
Натпреварите во граден стил се одигрувале во Англија веќе од почетокот на 19 век. Џон Артур Траџен во 1873 година на натпреварите ја претставил својата техника на пливање која се смета за претходник на денешниот слободен стил (или краул, како уште се нарекува). Светската популарност на краулот му ја донел Хавајчанецот Дјук Паоа Каханамоку. Тој ја докажал супериорноста на оваа техника со победите на Олимписките игри во 1912 и 1920 година, па многу луѓе го поврзуваат настанокот на краулот со неговото име. Меѓутоа, истражувањата покажуваат дека слична техника со векови порано користеле полинезиските рибари и ловци на школки. На Каханамоку, сепак, му останува признанието дека е втемелувач на еден друг воден спорт – јавање на бранови, додека Траџен останува запишан како некој кој им го претставил краулот на западните школи за пливање.
Делфинот (познат и како пеперутка стил) настанал во 30-тите години на минатиот век, но како одделен стил е признат дури во 1953 година. Овој стил, покрај атрактивноста, се смета за исклучително физички напорен. Директна последица на тоа е и дека најбрзо влијае на развојот на мускулите.
Постојат модификации на стиловите и се применуваат од различни причини. Спасувачите имаат посебни техники на пливање кои им овозможуваат, додека им помагаат на луѓето во опасност, што подобро да ја извршат својата благородна задача. Понекогаш спортистите, за да развијат одредени групи мускули, намерно пливаат користејќи ги само рацете или само нозете. Ватерполистите, исто така, имаат свои пливачки трикови, како и сите кои се занимаваат со други водени спортови.
Позитивни здравствени ефекти
Потисокот на водата прави, кога сме потопени до вратот во неа, речиси и да не ја чувствуваме сопствената тежина. Од друга страна, движењето низ вода подразбира дека мораме да го совладаме отпорот кој е дванаесет пати поголем од отпорот на воздухот. Пливањето го активира целото тело, спаѓа во аеробни активности кои имаат исклучително позитивно влијание на кардиоваскуларниот систем. Мускулите на пливачите се вретеновидни и издолжени, телото станува пофлексибилно, а вкупниот тонус на организмот се подобрува.
Поради релаксирачкото дејство на водата се намалува можноста за изведување движења кои би довеле до повреди на зглобовите или тетивите, па пливањето се применува како исклучително благотворна рехабилитациска метода. Редовното занимавање со пливање, освен што ги јакне мускулите, ја зголемува и густината на коските, што игра посебна заштитна улога кај жените во превенција на остеопороза.
Оваа активност, исто така, ја намалува нервозата и ги отстранува последиците од стресот. Концентрирањето кон правилно и ритмично дишење доведува до намалување на нивото на хормонот на стрес, кортизол, а придонесува за лачење на ендорфинот. Пливањето има позитивно влијание и на подобрување на менталните способности, па не е реткост да се сретнат пливачи во поодминати години кои немаат никакви проблеми со помнењето.
Во текот на пливањето нашиот организам засилено ги троши калориите, што, пак, доведува до забрзано губење на вишокот килограми. На тој начин пливањето нè штити од настанок на преддијабетичен синдром, како и од појава на хипертензија. Се препорачува и како рекреативна активност погодна за луѓе кои имаат проблеми со астма. Праксата покажала и бројни позитивни страни кои пливањето ги има за трудниците.
Школи за пливање
Сè побројни се поборниците на праксата бебињата да се подложат на пливачка обука во првите месеци од животот. Меѓутоа, не е доцна ни ако децата со вода се сретнат и на пет или шест години. Многу земји во светот пливањето го ставиле во списокот на вештини кои децата мораат да ги совладаат во текот на основното образование. Оваа пракса е повеќекратно корисна, бидејќи модерниот начин на живот доведува сè повеќе до почести појави на деформитети на ’рбетниот столб кај најмладите, а пливањето претставува идеална корективна активност во тој случај. При изборот на школо важно е да се проверат референците на тренерот, а доколку вашите деца со радост го очекуваат следниот тренинг, тогаш знаете дека сте на добар пат да пропливаат.
Пливањето и филмот
Историјата на филмската уметност бележи случаи на премин на пливачи од победничките пиедестали на црвените теписи. Можеби најпрочуен таков пример е филмскиот јунак Тарзан. Еден од највпечатливите толкувачи на овој лик бил Џони Вајсмилер, кој својата спортска супериорност ја докажал со победите на бројни натпревари. Она што на љубителите на филмови им е помалку познато е дека Бад Спенсер, прочуениот симпатичен брадина од шпагети-вестерн, под своето вистинско име Карло Педерсоли ги бранел боите на Италија на летните Олимписки игри во 1952, 1956 и 1960 година, како член на пливачкиот тим.