Фармацевти
Контакт

<< Назад

ПОДМЛАДУВАЊЕ НА ЛИЦЕТО СО PRP МЕТОДА

мај 1, 2018

Светска револуција во козметиката

Aвтор: Весна Марковиќ

Иако PRP методата е откриена пред речиси половина век, нејзината масовна примена во козметички цели почнала дури во изминатата деценија. Оваа метода нуди можност да добиете освежен и подмладен изглед, без хируршка интервенција и без примена на хемиски препарати.

Не постои поуниверзална тема во човековата историја од тежнеењето за вечна младост. Жените можеби најдобро знаат низ какви сè маки се подготвени да поминат само, макар и кратко, да успеат да ја победат природата и неодминливото минување на времето. Мажите последните години не заостануваат во тие настојувања, а козметичката индустрија подготвено им нуди цела палета производи дизајнирани токму за нивните потреби. Императивот за младешки изглед стана друштвена норма на чие кршење заедницата не гледа благонаклоно. Поради тоа секое решение кое не вклучува употреба на скалпел секогаш е добредојдено, особено ако е засновано на научни методи, а покрај тоа и е сосема природно, без употреба на хемикалии.

Последните десетина години, поточно од 2007, започна планетарното интересирање за PRP методата. Плазма збогатена со тромбоцити (Platelet-rich plasma – PRP) претставува концентриран препарат добиен по центрифугирање на крвта. Со таа постапка се отстрануваат црвените крвни зрнца, а во преостанатата плазма која се применува во рамките на оваа метода се наоѓа зголемена концентрација на тромбоцити.

Практично безболна

Процедурата практично е безболна, нејзините резултати се видливи по неколку недели, а траат и над две години. Најчесто се потребни неколку третмани кои се спроведуваат со растојание од 4 до 6 недели. Оваа техника има голема примена и во спортската медицина, иако најмногу се применува за враќање на волуменот на кожата од лицето. Исто така, често се користи и за подмладување на кожата на рацете, вратот, деколтето, како и на други делови на телото.

Методата е неинвазивна и се состои од вбризгување на PRP препарат во одредена област на кожата. PRP препаратот се подготвува од крвта на самиот пациент, на лице место. Тоа донесува бројни погодности, почнувајќи од зачувување на свежината на сите компоненти, до тоа дека е исклучена можноста за алергиски реакции. Крвните плочки се богати со бројни фактори на раст кои ја стимулираат пролиферацијата на фибробласти и кератиноцити. Ефектот од тоа е зголемено производство на колаген и кератин. Факторите на раст позитивно влијаат и на концентрацијата на хијалуронска киселина и го зголемува тонусот на кожата и ѝ дава затегнатост, младешки изглед. Од друга страна, зголеменото производство на колаген диретко влијае на намалување на брчките.

Доколку се одлучите за овој чекор, ви советуваме прво да го консултирате својот лекар. Тој ќе ве извести дали евентуално постојат одредени контраиндикации поради кои не би требало да го правите третманот. Истражувањата покажале дека користење неадекватна опрема за центрифугирање на крвта за последица има намалување на концентрацијата на крвни плочки во крајниот производ. Тоа, пак, го намалува терапискиот ефект. Затоа добро поведете сметка за референците на установата во која ќе го спроведете овој PRP третман.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>