Современ тераписки пристап во лекувањето
Полицистичниот оваријален синдром (PCOS) или полицистични јајчници претставуваат едно од најчестите ендокринолошки пореметувања во текот на репродуктивиот период кај жената.
Автор д-р Невена Пајовиќ
PCOS, во својата вообичаена форма, е здруженост на хиперандрогенизам (зголемено создавање машки полови хормони – андрогени) со ановулација (изостанок на овулација), тогаш кога се исклучени други предизвикувачи. Епидемиолошките истражувања укажуваат дека преваленцијата на овој синдром е помеѓу 4 и 8 насто, во зависност од испитуваната популација жени. Причините за настанок на полицистични јајчници се комплексни и недоволно јасни. Генетските фактори (на пр., фамилијарно оптоварување за дијабетес мелитус тип 2) може да влијаат за настанок на синдромот, а во поголем број случаи тесно е поврзан со дебелината и инсулинската резистенција.
Кога PCOS најчесто се појавува?
PCOS се јавува кај жени во адолесцентен и репродуктивен период. Дебелината претставува еден од главните ризик-фактори за настанок и одржување на овој синдром и условува настанок на хиперинсулинизам и инсулинска резистенција кои имаат важна улога во појава на зголемена секреција на андрогени и развој на ановулација. Во основа на хиперинсулинизмот е претерано лачење хормони на инсулинот поради присутната инсулинска резистенција, состојби во кои клетките на организмот (посебно скелетните мускули) се помалку чувствителни на дејството на инсулинот. Ова пореметување може да се јави и кај нормално ухранети и слаби жени кај кои хиперинсулинизмот и инсулинската резистенција се присутни поради прекумерна употреба на концентрирани шеќери (слатки).
Симптоми и последици
Симптомите кои укажуваат на полицистични јајчници се нередовна менструација, зголемена влакнетост (хирзутизам), акни, дебелина, промени на кожата како acanthosis nigricans и неможност за зачнување (инфертилитет). 70 % од инфертилните жени имаат PCOS. Како последица на неадекватно препознавање и лекување полицистични јајчници, овие жени се во зголемен ризик за развој на дијабетес мелитус тип 2, покачен крвен притисок, атеросклероза, дислипидемија, спонтани абортуси, нерегулирани крвавења од матката, анемија и рак на матката и јајчниците.
Дијагностика
Дијагнозата полицистични јајчници се поставува врз основа на клинички и ултразвучен преглед и лабораториски наоди на хормоните. За поставување сигурна дијагноза најдоверлив е ултразвучниот преглед (еден или двата јајчници се зголемени и е присутен поголем број на помали фоликули). Со лабораториски наод на хормоните се проценува дисбалансот на женските полови хормони, како и пораст на машките полови хормони – тестостерони и останати андрогени. Се прави и тест за оптоварување на шеќер (OGTT), како и анализа на метаболистичкиот статус на жената (холестерол, триглицериди, LDL, HDL).
Лекување
Лекувањето на полицистични јајчници е комплексно, долготрајно и има мултидисциплинарен пристап во однос на предоминантната симптоматологија, возраста и во однос на очекувањата кои жената ги има по терапијата. Со редукција на телесната маса за 5-10 % доаѓа до подобрување во клиничките, метаболистичките и репродуктивните карактеристики, може повторно да се воспостави нормален менструален циклус и да се намали инсулинската резистенција. Најважна е здравата исхрана без слатки, престанок на пушење и консумирање алкохол, со редовна умерена физичка активност (прошетка, возење велосипед, пливање). На тој начин хигиено-диететскиот режим доведува до намалување или нормализација на андрогените, воспоставување менструална регуларност и овулации, регулирање на метаболистичките пореметувања.
Кај жени кај кои ќе се јави и изостанок на овулација – ановулација, се врши и стимулација и индукција на овулација со техники на асистирана репродукција, како вонматерична инсеминација (IUI), оплодување ин витро (IVF), инјектирање сперматозоиди (ICSI), што претставува посериозен вид на лекување.
Фармакотераписки мерки
Лекувањето се спроведува исклучиво според терапија која ја поставува лекар. Од лекови се применуваат орални контрацептиви, антиандрогени, гонадотропини, кломифен, а во поново време и инсулински сензитајзер метформин. Овој лек првобитно бил наменет за превенција и лекување предијабетес и дијабетес мелитус тип 2, но нашол своја примена и кај полицистични јајчници, а со неговата примена се намалува инсулинската резистенција и присонесува за загуба на телесната тежина. Исто така, овие лекови најчесто се користат во комбинација со различни природни суплементи кои во себе содржат комплекси од витамини, и дополнително придонесуваат за подобрување на симптомите. Природните суплементи може да се користат сами или во комбинација со веќе постоечка конвенционална терапија.
Превенција
Здрав начин на исхрана (многу овошје, зеленчук, житни растенија, умерен внес на протеини, без слатки), оптимален внес на течности и редовна рекреација, со намалување на стресот, кој е еден од основните причини за пореметување на ендокринолошкиот систем, претставуваат најдобра алтернатива во спречување на настанок на полицистични јајчници.