Фармацевти
Контакт

<< Назад

T-shirt

јуни 2, 2016

Повеќе од маицаМарија Јоксимовиќ

Вљубениците и колекционерите на маици, како и истражувачите на културата на облекување, се согласуваат дека девет од десет луѓе имаат барем една маица која од сентиментални причини никогаш не ја отфрлиле, без оглед во каква состојба е, избледена, искината или истргана од носење и многубројни перења...

Историјата на морнарската маица е долга и славна, а се протега до 19 век кога француската морнарица го прогласила ова парче облека со тегет и бели пруги за дел од униформата. Оригиналната маица за морепловците во тоа време имала 21 пруга, по една за секоја Наполеонова победа. Дополнителната улога на овој пругав дизајн била таа морнарите да бидат полесно уочливи ако паднат во море. Наводно во битката кај Трафалгар, која се случила на 21 октомври 1805 година, помеѓу британската флота предводена од адмиралот Нелсон и Наполеоновата француско-шпанска војска, војниците на воените морнарици од двете страни биле облечени во пругави маици.

Во првата половина на 20 век, во 1917 година, познатата француска дизајнерка Коко Шанел (1883-1971), инспирирана од морнарите, на светот на висока мода му презентирала морнарска маица како незаобиколен моден детаљ кој се носи во монденските летувалишта. Неколку децении подоцна, во средината на 20 век, благодарение на гледаноста на холивудските филмови, морнарската маица станува планетарно популарна. По угледот на Марлон Брандо, кој ја носи во филмот Wild One, како и на Џејм Дин, која ја прослави во филмот Rebel Without a Cause, ја носат мажите од целиот свет, додека жените се угледуваат на Брижит Бардо, Мерлин Монро и Одри Хепберн, кои, исто така, не му одолеале на шармот на морнарските маици. Исто така, постојат и голем број на фотографии на славниот сликар Пабло Пикасо, како позира во својата омилена морнарска маица со широки пруги.

Со времето, морнарската маица станува незаобиколно парче облека во колекциите на славните креатори, како Жан Пол Готје, Долче и Габана и Гучи, кои ја редизајнираат и си поигруваат со кројот и пругавиот дезен, а модните икони како Кејт Мос велат дека без морнарска маица не одат ни на спиење. Денес, морнарска маица носат сите, а моделите се толку различни што задоволуваат сечиј вкус и потреба, со долги и со кратки ракави, кроени како топ, толку кратки што се гледа и папокот, па сè до долги кои ги покриваат бутините, колената, или се протегаат дури до глуждот. Класичната морнарска маица секогаш добро прилега со бел шорц, или долги панталони, па никако не треба да се заборави во куферот за годишен одмор. Се подразбира дека модерната морнарска маица воопшто не мора да биде со бело-сини пруги, бидејќи отстапувањата се повеќе од шик, па може да се види и во сите други комбинации на бои, како црвено-бела, жолто-зелена, сино-розева итн.

Поткошула за самци

Модните советувачи со причина велат дека кога не знаете што да облечете, а сакате да се чувствувате убаво и опуштено, обичната бела, памучна маица со овален изрез во комбинација со фармерки, е вистински избор. Инаку, токму таквата маица била задолжителен дел од воената униформа на американската војска во Втората светска војна. Мажите ја носеле и како цивили, како дел од долната облека или поткошула, сè до моментот кога ги освоила срцата на филмските ѕвезди, како што се Марлон Брандо и Џејмс Дин, на кои толку добро им стоела во секоја прилика, што преку ноќ од долна облека е унапредена во модна икона.

Оваа година маицата, која цел свет ја нарекува t-shirt го слави 113 роденден, бидејќи пред точно толку години американската компанија Cooper, инаку специјализирана за долна облека, ја објавила рекламата „поткошули за самци“, со која го открива производството на маици со кратки ракави со овален изрез. Илустрацијата на рекламата била слика од маж кој срамежливо гледа на страна, бидејќи на поткошулата која ја носи £ недостигаат копчиња, кои тој невешто ги заменил со безопасни. Покрај него е маж, вистински мачо, со бркови и со цигара во уста, кој  задоволно го носи новиот изум – маица без копчиња, доволно растеглива да може лесно да ја облече преку глава. „Без сигурносни  игли, без копчиња, без конец и игла да се пришијат“, гласела рекламната порака „за самци“, бидејќи пред 113 години, мажот без жена која би му ги шиела скинатите  копчиња бил осуден на немарен изглед, бидејќи во тоа време било незамисливо мачо мажот од сликата да земе игла и конец во рака. Маицата „без копчиња“ веднаш ја прифатила и војската, како и милиони мажи кои веднаш ја сфатиле целата практичност на изумот на растеглива маица со овален изрез низ кој лесно „минува главата“.

Ако памучната машка поткошула е своевиден „татко“ на маицата, тогаш едноделниот модел со долги гаќи и незаобиколните копчиња, познат од вестерн филмовите, е нејзин „дедо“. Оваа стандардна едноделна долна облека се носела во 19 век во западна Европа, за модните креатори да ја трансформираат, така што прво ги отфрлиле ногавиците, а потоа и копчињата. Револуцијата ја донел растегливиот израз околу вратот, кој се носи и денес, во многу варијанти. Но, не секаде t-shirt  лесно и без проблеми го поминал патот од поткошула до „парче горна облека“. Во почетокот на 20 век во некои средини тоа се сметало за несоодветно облекување и појавување во јавност во долна облека. Во Хавана, на пример, на работниците им е заповедано на работа да доаѓаат во кошули на закопчување, со долги ракави, никако во маица, која на почетокот се нарекувала и „памучен пуловер“.

Комотни или тесни

Изразот t-shirt според Оксфордскиот речник прв го употребил писателот Ф. Скот Фицџералд околу 1920 година. За неколку децении маиците ги освојуваат срцата на мажите и жените на цела планета. Според статистиката во САД, произведувачите на маици секои 10 години ја менуваат големината на броевите, бидејќи Американците сè се повисоки и покрупни, а многу и подебели, со тоа што се популарни покомотни модели. Тесни маици влегуваат и излегуваат од мода, а ги преферираат жени и мажи за да го истакнат телото.

Било да се еднобојни или во боја, со долги или кратки ракави, со големо или мало деколте, украсени со некој духовит натпис или слика од популарен јунак, за памучните маици навистина може да се каже дека се најдемократско парче облека, бидејќи го носат сите, и возрасни и деца, во секое време од денот и ноќта, и во секакво време.

Поло маици

Иако компанијата Cooper помпезно ги отфрлила копчињата на своите маици, факт е дека копчињата се незаобиколен детаљ на поло маиците, кои на почетокот на  20 век ги дизајнира Рене Лакоста (1904-1996). Познати во тоа време и како „маици за голф и тенис“, тие имаат јака, кратки ракави, три копчиња и бела боја. Во 1926 на  U.S. Open, Рене Лакоста, француски бизнисмен и тенисер, кој освоил 7 грен слемови, ја носи токму својата креација. Од тоа време полото, односно тенис маиците стануваат незаобиколно парче облека, кое се носи во спортски, но и во работни и вечерни варијанти. Покрај белата, модерни се и во сите пастелни бои. Она што модните диктатори никако не го препорачуваат се маици со силни бои и шарени, а не поминува ни голем принт. Ако поло маицата има некој натпис или лого, тој мора да биде мал и дискретен.

За сите прилики

До Втората светска војна, маицата ги освојува не само мажите туку и учениците и спортистите, а во многу училишта станува дел од стандардната униформа. Од прилика во тоа време почнува и украсувањето на маиците со најразлични пораки, од спортски до мотивациони, духовити и сосема лични. Некои од нив влегуваат во легенда и многу се барани на аукции, најчесто поради тоа што ги носеле славни личности. Така оригиналниот модел на маица од компанијата Fillmore West, која се поврзува за името на Френк Запа, е продаден за 1500 американски долари.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>