Како да се ублажи ПМСд-р Вјара Џонгова
гинеколог
ПМС не е болест, но во некои случаи предизвикува сериозна непријатност, бидејќи се манифестира со болки, промени во расположението, отекување и замор, што може да се ублажи со исхрана богата со витамини, минерали и влакна и физичка активност
Предменструалниот синдром (ПМС) претставува збир од синдроми кои се поврзани со објективни и субјективни промени во организмот на жената кои се јавуваат во период по овулацијата сè до доаѓањето на следната менструација.
Кои се најчести симптоми на ПМС?
ПМС опфаќа над 150 симптоми, од кои најчести се болки и напнатост во градите, отекување и болки во стомакот, задржување течности, зголемен апетит за слатки, главоболка, чувство на лесен замор, чести промени во расположението, депресивна состојба, намалена концентрација, неоправдана агресија, несигурност, неодлучност, пореметување во сонот, забрзана работа на срцето и други.
ПМС може да има неколку облици:
Невропсихолошки облик: Доминантни се симптомите како промени во расположението – со ништо предизвикан премин од состојба на плачливост до веселост, агресивност, раздразливост, депресија.
Облик на цефалгија или главоболка: Доминираат главоболка (најчеста е мигрена), вртоглавица, мачнина.
Облик на отекување: Најизразени се отоците на екстремитетите, напнатост и болка во градите, подуеност на стомакот, силно и често потење.
Кризен облик: Ова е најтежок облик на ПМС кој може да прерасне во предменструално дистрофично пореметување (ПМДД). Него го карактеризираат забрзана работа на срцето, чувство на притисок во градите, трнење и ладни екстремитети, неоправдан страв од смртта. Во овие случаи станува збор за адреналинска криза. Оваа состојба е сериозна и бара испитувања, зашто зад ваквите кризи многу често се кријат непрепознаени или неразјаснети заболувања на кардиоваскуларниот или ендокриниот систем, болести на бубрезите, преддијабетес или дијабетес, психички пореметувања кои само се влошуваат во периодот пред менструација.
Може ли ПМС да се класифицира како болест?
Потежок облик на ПМС се класифицира како посебен ентитет и се нарекува предменструален дистрофичен синдром (ПМДД). Поради него жената не е способна да извршува ни наједноставни секојдневни активности. Ставот кон ПМС се движи од апсолутно негирање до потполно прифаќање и користење на ПМС како изговор за лошото дејство и пореметување во однесувањето во овој период. Во некои земји ПМС и ПМДД се земаат како олеснувачка околности при судење. Други автори не сметаат дека ПМС е физиолошко пореметување и го припишуваат на друштвените околности. Како доказ го земаат фактот дека плацебото влијае на голем процент жени. Меѓутоа, нивните противници истакнуваат дека плацебото влијае и на голем број пациенти од контролните групи кај кои се дијагностицирани сериозни заболувања.
Кои се причините за ПМС?
Причините за ПМС се комплексни. Во основа на хормонската теорија за појава на ПМС е промена во рамнотежата на двата основни хормони (естрадиол и прогестерон) кои ги синтетизираат јајчниците, пречувствителност на прогестерон и намалено лачење на серотонин (хормон на среќа), како и зголемено лачење на простагландин. На тоа се додаваат и стресот, нездравата исхрана, неактивен начин на живот, нездрави навики (алкохол и пушење), диети.
Дали е карактеристичен за одредена возраст?
Утврдено е дека ПМС се јавува почесто во пубертет и во предменопауза. Според различни истражувања, зачестеноста варира помеѓу 20 и 80%. Од ПМС почесто страдаат жените со висок социоекономски статус. За разлика од ПМДД, ПМС не е болест, но во некои случаи предизвикува сериозна непријатност кај жената. Важно е и да се разликува ПМС од некои заболувања со слични симптоми (анемија, дијабетес, болести на црниот дроб и половите органи и др.). Доколку симптомите на ПМС не престанат со менструацијата, потребна е консултација со лекар.
Можеме ли да ги ублажиме симптомите на ПМС?
Да, можеме! Во овој период потребни се помали но почести оброци. На тој начин нема да се преоптовари стомакот. Исхраната би требало да биде разновидна и да содржи повеќе овошје и зеленчук, богати со влакна и витамини многу потребни на организмот во овој период. Би требало да се внесува помалку сол за да се намали задржување на течноста во организмот, а се препорачува избегнување масна храна и месо, кое може да се замени со риба (богата е со незаситени масни киселини омега-3 и омега-6). Неопходните количини на калциум може да ги обезбедат млекото и млечните производи. Зголемениот апетит за слатки и чоколадо може да се намали со овошје (свежо или сушено). Пожелно е да се намали внесот на кафе. Едно кафе може да се замени со билни чаеви. Треба да се намали внесот на алкохол и цигари.
Зголемување на физичката активност е, исто така, од исклучителна важност. Со спортските активности се зголемува лачењето на ендорфин (хормон на среќа), се намалува и стресот, што поволно влијае на ПМС. Спортови кои се препорачуваат се пливање, возење велосипед, јога, како и танцување. Дури и кратки прошетки во парк или планина влијаат позитивно.
Во зависност од лекарските проценки, во некои случаи како додаток во исхраната можат да се вклучат и витамини (А, Е, Ц, Б6), минерали (калциум, магнезиум, цинк, селен).
Не се препорачува самолекување, зашто во овие случаи правилната доза е од исклучителна важност. Може да помогнат и хомеопатски средства, лековити билки, диуретици, како и хормонски препарати и нестероидни противвоспалителни средства.