Фармацевти
Контакт

<< Назад

ПРЕДВРЕМЕ РОДЕНО ДЕТЕ

јануари 3, 2017

Како да ги стигне врсниците...д-р Радмила Косиќ
педијатар

Психомоторниот развој на недоносеното дете може да доцни неколку недели или месеци од врсниците, вооружете се со трпение и имајте разбирање за посебниот почеток кое вашето новороденче морало да го совлада, бидејќи колку побрзало да дојде на свет, повеќе време, внимание, нега и трпение ќе му требаат за да го запознае и да го совлада...

Предвреме роденото дете (недоносено) е новореденче кое е родено пред навршени 37 недели од бременоста. Порано во истата група го сврстувале и секое новороденче кое било полесно од 2500 грама.

Предвреме роденото дете има мала тежина поради пократкото траење на бременоста – новороденчето немало прилика да порасне во последните недели од престојот во идеални услови, во матката на мајката, а бебињата родени навреме со мала тежина имале застој во развојот токму во тие услови.

Овие две групи новороденчиња спаѓаат во ризични бебиња и бараат посебна нега и надзор. Од медицинска гледна точка имаат заеднички особини во приспособувањето кон условите на надворешната средина. Доколку недоносеното е родено без вродени аномалии и нема некоја од потешките компликации на предвремено породување, има големи шанси да ги стигне, па и престигне врсниците.

ПРИЧИНИТЕ ЗА ПРЕДВРЕМЕНО ПОРОДУВАЊЕ се бројни: лоша здравствена состојба на мајката (акутни и хронични болести, болести на зависност), поранешни предвремени породувања, кратко растојание помеѓу бременостите, близначка бременост, инфекции или аномалии на плодот, болести на постелката и друго. За повеќе од 50 насто од ваквите породувања никогаш не се утврдува причината.

Кога ќе изостанат податоците кои ги даваат родителите за должината на траење на бременоста, за староста на новороденчето лекарот одлучува врз основа на клиничкиот преглед: мајчината неразвиена брадавица и млечни жлезди, неразвиена ՚рскавица во ушните школки на бебето, отсуство на бразди на табаните, должина на бутната коска...Во наши услови постои добро развиена мрежа на гинеколошко-акушерски центри во кои се контролираат и породуваат најголем број трудници, па веќе на самиот почеток на бременоста се пресметува и очекуваниот термин за породување.

НАДВОРЕШНИОТ ИЗГЛЕД на предвреме родено бебе е карактеристичен. Недоносеното има непропорционално голема глава во однос на трупот. Спонтаните движења се оскудни, ретко плаче, со слаб глас. Поради послабиот тонус на мускулите лежи опуштено, со испружени екстремитети. Градниот кош е мек, при дишење се забележува вовлекување на градната коска. Кожата е тенка и проѕирна, без влакна. Нема поткожно масно ткиво. Чести  се отоците на шаките и стапалата. Тестисите се во препонските канали, а кај девојчињата големите усни не ги прекриваат малите. Од овие надворешни карактеристики многу е позначајна функционалната незрелост, која без посебна нега и лекарски надзор може да го загрози животот на новороденото дете.

ФУНКЦИОНАЛНАТА НЕЗРЕЛОСТ се гледа, пред сè, во незрелост на центарот за дишење. Овие бебиња имаат склоност кон „периодично дишење“, со повремени  прекинувања (недоносеното „заборава“ да дише). Количината на сурфактант (тое е материја која спречува белите дробови да се слепат) е многу мала пред 34 недела од бременоста. Покрај мекиот граден кош и незрелост на нервната регулација на дишењето, тоа придонесува овие бебиња да бидат во посебен ризик за бројни компликации на системот за дишење. Рефлексите на цицање и голтање созреваат со траење на бременоста – ќе бидат понезрели колку детото е порано родено. Панкреасот и црниот дроб не ги развиле сите сложени ензимски системи за варење млеко, а бубрезите сè уште немаат способност да ја регулираат размената на вода и минерали. Мали резерви храна во црниот дроб и поткожното ткиво не се доволни за одржување постојана температура на телото. Кај предвременото породување многу се чести крвавења во централниот нервен систем, а жолтицата е поинтензивна и подолго трае. Недоволно е развиен имунолошкиот систем, па овие деца се склони кон инфекции.

НЕГАТА И ИСХРАНАТА мора да бидат приспособени на незрелоста на сите витални функции. Предвреме роденото дете се сместува во инкубатор, каде ќе му биде обезбедена оптимална температура и влажност на воздухот. Прецизно му се дозира кислород и интравенско хранење додека не биде способно за земање и варење на млекото. Во таа затворена средина е заштитено од микроорганизми, а по потреба се изложува на фототерапија поради интензивна жолтица. Должината на престој во инкубатор зависи од степенот на незрелост и брзината на приспособување на условите на надворешната средина.

ИСХРАНАТА на недоносените бебиња мора да ги задоволи потребите за енергија и да  поттикне голема брзина на раст. Ова не е лесно, со оглед на малиот капацитет на желудникот и неразвиен рефлекс на цицање. Доколку е можно (и во зависност од степенот на незрелост), му се даваат мали количини издоено мајчино млеко и посебни адаптирани млечни формули кои специјално се  приспособени за предвреме родени деца. Млекото може да се дава преку сонда во болнички услови, а дома на лажичка или шише. Бидејќи овие деца се посклони кон инфекции, потребни се посебни мерки на зголемена хигиена при нега и хранење.

ДОАЃАЊЕТО ДОМА со предвреме родено бебе сите го очекуваат со нетрпение. Кога еднаш ќе го совладате шокот и разочарувањето што вашето бебе не е од првиот ден со вас и што не го напуштате родилиштето по неколку дена, обидете се да разберете дека болницата е моментно вистинско место за вашето дете. Ќе одите дома кога вие и вашето бебе ќе бидете подготвени за самостојна секојдневна грижа која е доволна за децата родени во термин. Обидете се да го одржите лачењето млеко – мајчиното млеко секогаш е најдобра храна за здраво новороденче. Дополната на исхраната со специјални формули се советува онолку долго колку што е детето порано родено. Психомоторниот развој може да доцни неколку недели или месеци од врсниците, вооружете се со трпение и имајте разбирање за посебниот почеток кој вашето новороденче морало да го совлада. Не го споредувајте со постари деца во семејството или околината. Колку побрзало да дојде на свет, повеќе време, внимание, нега и трпение ќе  му бидат потребни за да го запознае и совлада.

Иако современите медицински средства ја олеснуваат успешната нега на превреме родените деца, и денес семејството е најважен фактор за успех во надминување на тешкотиите во развојот. Детето веќе поминало огнено крштавање на одделението за интензивна нега и одвојување од мајката. Дајте му многу поттикнувања за развој на нервиот систем преку допир, звук, облици, бои, мириси. Нека го дели со вас дневниот престој без опасност дека ќе го разгалите. Во топла домашна атмосфера детето ќе ги има сите услови за правилен развој во иднина.

ПЕДИЈАТРИТЕ ВО СОВЕТУВАЛИШТАТА секогаш со посебно внимание го прегледуваат и го следат предвреме роденото. Во текот на првата година се следи напредувањето во тежина и должина, видот и количината храна која ја зема, раст на обемот на главата, како и психомоторниот развој.

Постојат специјализирани установи во кои тимови од физијатар-невролог-терапевт со внимателно избрани вежби му помагаат на бебето правилно да се развие, проговори и прооди на време. Во денешните услови на модерна медицина нема причина за загриженост доколку детето успешно ги пребродило првите недели по предвременото раѓање, ќе ги стигне, а можеби и престигне врсниците.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>