Фармацевти
Контакт

<< Назад

Препарати за сончање

јули 27, 2016

Душан Гољиќ
м-р по фармација

За време на топлите сончеви денови препораките на вашиот фармацевт се да го дочекате сонцето добро подготвени, со насмевка на лицето, да носите очила за сонце и памучна облека во светли бои, и, секако, да користите препарати за заштита на кожата од сонце, како и за нега по изложување на сонце

Препарати за заштита на кожата од сонце: Долготрајната изложеност на сончеви зраци може да предизвика промени на кожата како што се: црвенило, меури, алергиски реакции или може да доведе до други потешки токсични или имунолошки заболувања.

Сончевите зраци припаѓаат на зрачењето од УВ-спектарот. На површината на Земјата допираат УВА и УВБ-бранови. УВБ-бранови се со пократки бранови должини и се одговорни за промените на површината на кожата. УВА-брановите продираат во подлабоките слоеви на дермисот и се одговорни за посериозни последици кои можат да настанат по несоодветното изложување на сонце.

Формулацијата на препаратите за заштита од сонце претставува предизвик за фармацевтската индустрија. Тие содржат супстанции кои оптимално ги впиваат или ги одбиваат зраците. УВБ-зрачењето носи помала енергија, па е полесно да се постигне заштита со користење супстанции кои ја впиваат. Од друга страна, УВА-зраците потешко се апсорбираат. За таа цел се користат соединенија на титаниум или цинк, фино распоредени во текстурата на заштитниот препарат, кои при нанесувањето формираат бел (млечен) слој на површината на кожата чија функција е одбивање на УВА-зраците.

Референтната вредност која го опишува овој вид на производ е SPF (фактор за заштита од сонце). Генерално, таа покажува колку пати кожата премачкана со соодветен слој од заштитно средство е поотпорна на сончеви зраци од незаштитената кожа. SPF вредност помеѓу 12 и 30 претставува умерен степен на заштита, додека сите вредности над 30 спаѓаат во висок степен на заштита. Важно е да се напомене дека SPF се однесува првенствено на УВБ-заштита. Иако препаратот има висока SPF вредност, не значи дека сме потполно заштитени од штетните зраци. Потребно е на декларацијата на производот да се побара информација за тоа дали и колку штити од УВА-зрачење.

Препаратите за заштита од сонце се помасни, па се попостојани на кожата и потешко се отстрануваат. Во нивниот состав обично влегуваат билни масла од авокадо, јојоба или кокос, кои придонесуваат за еластичност и отпорност на кожата. Маслиновото масло е посебно корисно зашто истовремено ја штити кожата, ја храни и ѝ дава убав бронзен изглед на правилно исончаната кожа.

Производите од тој тип ги наоѓаме во вид на креми кои се соодветни за лице и рамена. Емулзиите и лосионите се потечни, полесно се размачкуваат и се посоодветни за нега на целото тело. Тие се во облик на спрејови, поради што се поекономични и рамномерно се распрскуваат по телото.

Кај алергии на сонце се препорачува употреба на специјални формули кои содржат хипоалергиски подлоги. За кожа склона кон црвенило и иритации постојат производи на база на термални води или стерилни билни подлоги кои гарантираат минимум иритации од компонентите на козметичкиот производ. Кај промени на кожата кај кои се јавуваат точки дополнителен естетски ефект се постигнува со тонирани креми кои штитат, но истовремено ги покриваат неправилностите на кожата и ѝ даваат рамномерно исончан тен.

Препарати за нега по изложување на сонце: Посебните лосиони или емулзии за нега ѝ обезбедуваат на кожата неопходна хидратација по изложување на сонце. Обично содржат пантенол, витамин А, Ц, Е, билни масла кои имаат регенеративно дејство, како што се маслиново, бадемово, кантарионово, невеново масло и др.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>