Присебноста на родителите е драгоцен сојузник на лекувањетод-р Радмила Косиќ
педијатар
Како детето ќе реагира на престојот во болница зависи од степенот на неговата општа приспособеност и односот во семејството, како и од смиреноста и присебноста на родителите. Престојот во болница не е време за воспитување на детето, туку за давање чувство на сигурност
Одењето во болница за детето значи промена на секојдневниот начин на живот и низа непријатни, обично болни процедури. Детето страда поради одвојувањето од родителите, стравува поради болките и повредите, изложено е на непозната околина и случувања, мора да го издржи ритамот на исхрана и спиење. Искуството на болничкиот персонал вели дека вознемиреноста на родителите има поголемо влијание на детето отколку која било дијагностичка или тераписка процедура. Присебноста на мајката (или друг придружник на лекувањето) е драгоцен сојузник на лекарот и на малиот болен. Исплашено или плачливо лице на родител ќе ги вклучи сите аларми на тревога. Имајте на ум дека никој нема да задржи дете на болничко лекување доколку не е неопходно и во интерес на детето.
Вознемиреност, плачење, изливи на бес, агресивност, повлекување во себе, пореметувања во навиките за спиење, и уште многу нешта можете да очекувате во текот и по престојот во болница. Ова не е време за воспитување на детето, туку за преиспитување на сопствената сила да му дадете сигурност.
ДНЕВНА БОЛНИЦА: Современата медицинска наука е насочена кон намалување на хоспитализацијата на најмала можна мера. Тоа се постигнува со подобрување на амбулантното лекување во ординации на примарна здравствена заштита и организирање дневни болници, каде детето престојува само неколку часа во денот. Строгите критериуми за престој на мајката со детето во текот на лекувањето одамна се заминати во историјата. Голем број планирани анализи и процедури може да се направат и пред доаѓање во болница (резултати од крвна слика, брис од нос и грло, одредување крвна група), а болничкиот персонал со драго срце ќе ви ја препушти секојдневната грижа за хранење и одржување на хигиена. Потрудете се да бидете дел од тимот кој е на иста задача – лекување на вашето дете. Доколку детето е помало, вашето присуство ќе ја ублажи целата необичност на секојдневието во болница. Ќе бидете присутни и во можност да му објасните сè што се случува, а детето нема да мора да го трпи и болниот факт дека не сте со него. Меѓу постарите деца може да се јават пореметувања во однесувањето кои ќе ги донесат дома и по напуштање на болницата.
ПЛАНИРАНОТО ЗАМИНУВАЊЕ НА БОЛНИЧКО ЛЕКУВАЊЕ ви дава можност да се подготвите себеси и детето на отсуство од дома и процедурите кои го очекуваат. Основно правило е дека нема да го лажете (на пример, „ништо нема да те боли“, „нема инјекции, ни крв“, „штом се разбудиш ќе одиме дома“), бидејќи во спротивно ризикувате детето да не ви верува повеќе.
Обидете се малото дете преку игра да го подготвите за престој во болница, одглумете доктор или медицинска сестра, споредете ја болката при инјекција со болка која веќе ја претрпело (мали изгореници, исеченици или гребаници здобиени во игра), заземете позитивен и непоколеблив став дека одењето во болница е неопходно и неизбежно и дека сите се трудат од болница да се врати здраво и без тегоби. Не давајте ветувања кои нема да ги исполните – во операциона сала вас сигурно нема да ве пуштат, но ветете му дека ќе бидете покрај него кога ќе се разбуди. Во болница мора да се држите до строгите правила за одржување хигиена, но дозволено е да ја земе својата пижама, цуцла или омилена играчка.
НЕНАДЕЈНОТО ОДЕЊЕ ВО БОЛНИЦА ќе ви го ускрати ова драгоцено време за подготовка. Ненадејното задржување на детето од која било возраст во болница секогаш значи дека е толку болно што мора да биде под постојан стручен надзор, терапијата не може да се спроведе во вонболнички услови или мора итно на операција. Тешко болното дете не може да прифати поопширни објаснувања и подготовки. Во оваа ситуација стресот повеќе ги совладува родителите отколку болното дете. Не си потврдувајте себеси и на околината колку ви значи детето така што ќе го малтретирате персоналот. Вие сте возрасни, зрели, одговорни и разумни – сè што преземаат е дел од процедурите за која се многу поподготвени од вас. Не ја трошете енергијата на паника – тој луксуз не можете да си го дозволите додека детето од вашето лице ја чита сериозноста на ситуацијата. Малото дете, дури и доенче, инстинктивно ја чувствува вашата психичка состојба, а на адолесцентот чувствата на немоќ и губење на контрола ќе му додадат уште поголемо неразбирање во идните односи.
ХРОНИЧНО БОЛНОТО ДЕТЕ повеќе пати ќе престојува во болница. Возраста на болниот овде е од поголемо значење. Помалите деца ги прифаќаат упатствата при лекувањето – ако хоспитализацијата се повторува, ќе го прифати просторот и персоналот како повремено опкржување. Најмногу проблеми имаат адолесцентите – стравот и загриженоста некогаш може да се претворат во бунт против секоја институција (семејство, училиште, болница). Кога на тоа ќе се додадат и чувствата на родителите кои ќе бидат соочени со сериозна дијагноза, напнатоста се заканува да го загрози правилното лекување. Повеќето хронично болни деца наоѓаат смирување во врсничката група на одделението, а во трпеливиот лекар имаат поддршка која е пресудна. Во повеќето болници можете да добиете совет од психолог или социјален работник во врска со проблемите со однесување на детето, како и корисни совети како вашето семејство да се избори со моменталната или хроничната ситуација.
Како што имате право да останете со детето во болница, имате право да знаете што ве очекува во болница. За планираниот тек на лекувањето и должината на престојот ќе ве извести лекарот при приемот, или лекарот на одделението (во зависност од видот на болеста и огранизацијата на болничката служба). Разговарајте со сестрите и лекарите кои ќе ве посетуваат во текот на денот, со минимално вознемирување на останатите болни. Старо правило е дека мајките на најтешко болните најмалку прашуваат. Тоа, се разбира, не значи дека немате право на информација, протест или изрази на благодарност. Запишете ги прашањата, искористете ја визитата или времето кое со куќниот ред е предвидено за разговор со лекарот.
Децата ја разбираат невербалната комуникација многу повеќе отколку што го разбираат значењето на зборовите. Лекарите и сестрите мора да бидат свесни дека нивната смиреност, убедливост и сигурност во знаењето и звањето го олеснуваат прифаќањето на дијагнозата, предложеното болничко лекување и исход од болеста. Напнатоста и стравот ќе бидат значително помали доколку персоналот го прифатите како „рака за спас“ и понудите соработка и разбирање. Никогаш не заборавајте дека не сте вие болни, немате ни право на поголем страв од детето. Како ќе реагира детето на престојот во болница, а посебно со какви промени во однесувањето ќе излезе од неа, зависи од степенот на неговата општа приспособливост и односите во семејството.