Фармацевти
Контакт

<< Назад

Превентивни гинеколошки прегледи

јануари 4, 2016

[vc_column width="1/1"]

Значење на раната дијагностика

д-р Лолита Грковска, гинеколог
д-р Билјана Сиљановска, гинеколог
Специјалистичка ординација по гинекологија и акушерство
„д-р Ложанковски“, Скопје

Превентивните прегледи и активности во промоција на здравјето на жената се темел на добра здравствена грижа, бидејќи со вистинска информација и навремено дејствување можат да се зачуваат животи, да се избегнат скапи операции, долготрајни лекувања, боледувања и отсуства од работа, процедури на вештачко оплодување, лекување полово преносливи болести, како и скршеници од остеопороза...

Местото на гинекологот во здравствениот систем на државата е на примарно ниво, поради  потребата за брза и ефикасна здравствена заштита на жените, кои се особено ранлив дел од популацијата. Во описот на работни задачи на гинекологот  превентивните прегледи имаат важно место, како и промоција на здравјето и здравиот начин на живот.

Ако тргнеме хронолошки, од првата посета на гинекологот, која, за жал, за еден број  жени претставува непознаница и причина за неоснован страв, преку заштита од несакана бременост или заштита од полово преносливи болести, па сè до контролите во седмата или осмата декада од животот, гинеколошките прегледи, од една страна, имаат за цел превенција и рана детекција на голем број заболувања, а, од друга страна, промоција на здравјето и здравиот начин на живот.

ПРВАТА ПОСЕТА НА ГИНЕКОЛОГ: Треба да се планира пред првиот сексуален однос, за девојката да  добие информации за полово преносливи инфекции, кои може да предизвикаат последици по нејзиното репродуктивно здравје, односно неможноста да зачне. При првата посета на гинеколог, девојката треба да добие информација како да се заштити од полово преносливи болести со употреба на механички заштитни средства, односно кондоми и нивната улога во заштита од несакана бременост. Покрај информациите за кондомите, при првиот преглед  младата жена треба да биде информирана и за другите контрацептивни средства и методи, како што се пилулите, имплантите, спиралите, како и природните методи на контрацепција.

При тоа се разбиваат голем дел од заблудите, како, на пример, дека пилулите се штетни бидејќи сигурно предизвикуваат рак на дојка,  дека спиралата ја користат само жени кои менуваат повеќе партнери, дека најдобра заштита е прекинатиот однос, иако тој тип на контрацепција има докажано најмал процент на успех, или дека „ако се пие кока-кола нема шанса да се зачне“.

Доколку пациентката пред првата контрола веќе претходно имала сексуален однос, треба да се направи гинеколошки превентивен преглед, при што се зема брис за ПАП-тест, односно цитолошка анализа на грлото на матката, кое е особено осетливо на вирусни инфекции од хуман папилома вирус, полово пренослива инфекција, која  би можела да предизвика одреден степен на клеточна атипија, односно преканцерозни промени.

Овие ПАП-тестови треба да станат дел од редовните превентивни гинеколошки контроли со динамика на повторување од  една до најмногу три години. Позитивните наоди во смисла на т.н. ЦИН-промени  или вирусни ХПВ-инфекции, не треба и не смеат да бидат причина за паника, бидејќи во најголем дел се транзиентни, односно се повлекуваат сами од себе во тек на неколку години само и само со подобрување на имунолошкиот одговор кај жената.

За тоа треба и мора да се даде правовремена и точна информација. Доколку промените се поопсежни или понапреднати во некои случаи треба да се преземат некои интервенции, за кои пациентката треба да добие целосна информација. Информацијата вклучува и објаснување за евентуалните последици од интервенциите по нејзиното идно репродуктивно здравје, односно можноста да забремени или да ја доноси бременоста до крај. При овој прв преглед жената добива информација и за состојбата на матката, големина, облик, нејзините јајчници, односно репродуктивни можности.

ПРЕВЕНЦИЈА: Во делот на првентивните активности гинекологот ја советува пациентката да води менструален календар и ја информира за тоа што што се смета за вообичена, нормална и очекувана фреквенција на менструални одливи, за количина на месечни крвавења, зависно од возраста.

На пример, за девојче од 12 години, фреквенцијата од неколку циклуси годишно не е патолошка. Ако возрасна полово зрела жена менструира нормално 13 пати годишно, за девојче не е болест ако менструира половина од таа фреквенција. И обратно, доколку  фреквенцијата на менструални одливи е поголема, битна е состојбата со крвната слика. Имено, девојчето може да има долги и неуредни крвавења, но крвната слика да биде уредна, што зборува дека крвавењето не е обилно.

МЕНОПАУЗА И КЛИМАКТЕРИУМ: Превентивните прегледи кај гинекологот за време на менопауза и климактериум секогаш содржат и разговор со пациентката за можноста од неуредни крвавења и последиците по општото здравје, пред сè, за можноста од појава на болести на слузницата на матката, како рак на телото на матката, кој, за среќа, не е многу чест а и доколку постои сомнеж брзо се детектира и успешно се лекува.

Кај овој проблем гинекологот обрнува посебно внимание ако пациентката има зголемена телесна тежина, шеќерна болест и висок крвен притисок, неуредни менструални крвавења, како и крвавења во менопауза. Доколку жената прокрвави во менопауза, правило е да се направи хистолошка анализа со киретажа.

ФАМИЛИЈАРНА ИСТОРИЈА:  Треба да се знае дека ракот на јајчниците е сериозен проблем, кој многу тешко се детектира, скоро никако не се превенира, и уште потешко се лекува. Поради тоа е многу важно да се знае фамилијарната склоност! Жените кои во семејството ја имаат оваа болест треба да бидат многу внимателни. Помагаат упорни ултразвучни прегледи на малата карлица кај гинеколог и одредени туморски маркери. Тие некогаш знаат да бидат покачени кај пушачи и да предизикаат непотребна загриженост и кај пациентката и кај докторот.

КАРЦИНОМ НА ДОЈКА: Иако лесно може да се детектира во рана фаза, по кардиоваскуларните болести е најчеста причина за смрт кај жените. Дури 40 жени од 1000, на возраст од 40 до 60 години, заболуваат од карцином на дојка. Бројката е застрашувачка и расте секоја година. Толку за лошата страна на болеста. Од друга страна, болеста е превенибилна, рано детектибилна и излечива. Доколку се детектира на време, во преканцерозната фаза или во ран стадиум, излекувањето е  скоро 100-процентно.

За ова секој гинеколог треба да разговара со својата пациентка, да ја советува и да ја научи на самопреглед и тоа еднаш месечно од адолесценција, односно младоста сè до крајот на животот. По 40-тата година од животот еднаш на две години се препорачува радиолошка мамографија. Кај жените во климактериум треба да се дискутира за можноста за развој на остеопороза поради падот на естрогените,  сексуални хормони и можноста од скршеници, особено на вратот на колкот поради деминерализација на коските. Мора да се укаже на значењето на физичката активност, внесот на витамин Д, калциум и сончањето.

ПРОБЛЕМИ НА ТРЕТАТА ДОБА: Превенцијата и забавувањето на неволното испуштање на урина, како и превенција на спуштање на органите од малата карлица поради попуштање на мускулите на карличното дно, опфаќа давање совети и обука за вежби кои ќе ги одложат, забават или сосем отстранат овие проблеми на третата  доба, кои иако имаат повеќе социјален отколку медицински карактер, силно го влошуваат квалитетот на живот .

БИОЛОШКИ ЧАС: При секоја гинеколошка контрола треба да се зборува за потребата за планирање на семејството правовремено, да се искористат најдобрите години за репродукција. Иако современиот живот ги помести тие граници, биолошкиот часовник сè уште чука како и пред сто години, без оглед на желбите и очекувањата.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>