Фармацевти
Контакт

<< Назад

Прилеп

јуни 29, 2015

[vc_column width="1/1"]Градот на жолтото златоИвана Коцевска
Фото Влатко Петревски

Распослан во плодната Пелагонија, надалеку познат по тутунот, квалитетниот мермер, ширденот, ве пречекува Прилеп, градот на Цепенков, на Крале Марко, на Итар Пејо, на прилепчани познати мајтапџии

Во североисточниот дел на плодната Пелагонија, односно во Прилепското поле, на надморската височина од 620 до 650 метри, е сместен градот Прилеп. Опкружен е со планините Бабуна и Дрен Планина. Низ Прилеп течат Дабничка, Оревоечка и Селечка Река, а сите заедно ја формираат Градска Река, која на југот од градот преку реката Блато се влева во Црна Река. Градот е крстосница на многу патишта, кои водат до Западна и Источна Македонија.

Постојат две преданија за името на градот. Едното вели дека кога луѓето почнале да се населуваат во подножјето на Маркови кули ги лепеле куќите до кулите и така се формирала прво населбата, а потоа и градот, кој бил наречен Прилеп. Второто предание, пак, вели дека луѓето кои се населиле правеле многу леб, па местото се прочуло како прилебно место, додека, според Блаже Конески, основоположникот на современиот македонски јазик, кој е роден во прилепското село Небрегово, Прилеп го добил името од личните имиња Прилепка и Прилепа.

Денешната местоположба потекнува од раниот среден век, кога Прилеп бил многу важен трговски и воено-стратегиски град. Токму тука кога ги видел своите ослепени војници, царот Самоил починал од срцев удар. По неговата смрт градот потпаднал под византиска власт, за во 1334 година Прилеп со цела Македонија да станат дел од Српското Кралство, на чело со Стефан Душан.

Во 1371 година Прилеп станал престолнина на Волкашин, кој го создал Прилепското Кралство. По неговата смрт го наследил неговиот син, Крале Марко, кој и по доаѓањето на Турците сè до неговата смрт во 1395 година владеел со Прилеп и поширокиот регион на западна и југозападна Македонија. Кралот Марко се издигнал на ниво на легендарен национален херој бидејќи народот во неговото    владеење се чувствувал заштитен и поспокоен во однос на соседните народи. Марко Крале е познат по своите натприродни сили и моќи, опишани во народните преданија и приказни.

Во 19 век во градот се формирал трговски центар со познатата стара чаршија. Прилеп претставувал значајно средиште на словенската, односно македонската писменост, литература и култура. Од тој период од особено значење е дејноста на познатиот собирач на македонски народни умотворби, Марко Цепенко.

Од поновата историја, особено значаен е 11 Октомври 1941 година, кога е нападнат Участокот во центарот на градот и со тоа е означен почетокот на вооруженото востание на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор. Оттаму и името „град-херој“. Споменикот „Могилата на непобедените“ е паметник изграден во чест на загинатите од НОБ.

Градот на тутунот

Поволната клима и почва се главната причина зошто Прилеп и неговата околина се едни од најголемите светски центри за производство на ориентален и полуориентален тутун. Во недогледните прилепски полиња се засадува најквалитетното жолто злато од марката „Прилеп“. Од преплавените со тутун прилепски полиња се чувствува мирисот на ориенталниот тутун. Таа макотрпна и тешка работа на нивите обезбедува егзистенција на многу семејства. Во август дворовите во секоја улица се полни со скелиња за сушење тутун. Бојата на лисјата е од светло зелена, штотуку набрани, до окер жолта, кои веќе се исушени. Во тој период од годината и градот Прилеп и околните села живеат, спијат и сонуваат со тутунот.

Во Прилеп можете да го посетите „Музејот на тутун“, отворен во 1973 година, по повод еден век тутунопроизводство и 400 години откако оваа култура била засадена  во Македонија за време на Отоманската Империја. Музејот е единствен од ваков вид на Балканот. Има над 2 600 експонати, ретки и скапи примероци на лулиња, чибуци, пепеларници, наргилиња, водни лулиња за тутун и опиум, и др., направени од злато, сребро, слонова коска, коска од носорог, скапоцени и полускапоцени камења, бисерна и седефна школка, кои припаѓале на аристократијата и на познати личности од историјата. Интересно е што народните експонати се од дрво и од кожа,  бидејќи народот бил сиромав, па предметите бргу пропаѓале. Особена гордост на Музејот се чибуците, еден од изложените чибуци му припаѓал на цар Романов.

Маркови кули

Додека шетате по тесните сокачиња и тивките улички во Прилеп од каде и да фрлите поглед кон север, ќе дофатите дел од тврдината Маркови кули или Маркукуле како што ја нарекуваат прилепчани. Овде бил средновековниот град на легендарниот владетел Крале Марко. Во XIV век служел како прибежиште на жителите од доаѓањето на Турците. По смртта на кралот Марко оваа населба била заземена од турската стража, поради што животот во неа згаснал, па жителите побарале засолниште во блиската околина и во подножјето на Маркови кули се развила населба поделена во неколку маала во кои секое имало своја црква. Оваа нова населба од XIV век го добила името Варош, име под кое и ден-денес таа постои.

Движејќи се кон Маркови кули ќе ви биде потребно да ги активирате слухот и очите да ви се широко отворени, за да ја чуете, видите, почувствувате и доживеете цивилизациската, културната и историската приказна што ја раскажуваат околу вас карпите, камењата, дрвјата, тревата. Овде може да се видат стари гробници, древни живеалишта, прастари карпести цртежи, потоа царски тврдини, кули и градби од стари цигли и камења. Марковите кули е збиен комплекс кој сведочи за најстарите цивилизациски времиња. За посмртните ритуали и култови кои се изведувале порано дознаваме од остатоците на гробниците.

Пред вас се наоѓаат грандиозни карпи во различни форми, вистинско ремек-дело на природата, чиниш ниту вајар-виртуоз не би можел да ги изваја. Лоцирани се на височинки и мали платоа, па имате чувство дека во секој момент ќе се придвижат. Камената фигура во облик на слон која се наоѓа во подножјето е една од најатрактивните и претендира да биде заштитена и од УНЕСКО. Висока е повеќе од осум и широка околу пет метри и од тука Прилеп се гледа како на дланка. Постојат и повеќе верувања дека Слонот се користел и во религиозни обреди.

Марковите кули се и голема инспирација за режисерите кои барале соодветна локација за своите дела, па овде се снимани филмовите Пред дождот, Збогум на 20 век, Прашина и многу други. Поетската манифестација „Маркукуле“ е замислена како дружење на сите љубители на пишаниот збор и секоја година се збогатува со учесници.

Комплексот Маркови кули во последниве години се поврзува со болдерингот. Тоа е необичен спорт, предизвикувачки и моќен во исто време, каде карпите се освојуваат со сопствените сили на раце и нозе и се освојуваат височините.

Манастирот Трескавец

Манастирот Трескавец, познат и како Света Богородица, се наоѓа на 10 км од Прилеп, под Златоврв. До него може да се стигне само со пешачење по тесна, кривулеста патека која поминува покрај неверојатни карпи.

Трескавец е комплекс од градби, урнатини и доградби кој датира од IX век и во целото свое постоење претрпувал промени и дооформување. Оттука имате необично убав поглед кон небесната шир и кон хоризонтот, може да се види цела Пелагонија, планините Бабуна, врвот Пелистер и Кајмакчалан на Ниџе, а кога ќе падне ноќта се гледа и прекрасната панорама на Битола, Прилеп и Крушево.

Внатре во ѕидините се наоѓа црквата Успение на Богородица. Манастирот е богат со византиски фрески, има кујна и трпезарија од 14 век. Конаците околу манастирот се подигнати во XIX век, а во 2013 беа зафатени од силен пожар.

За манастирот Трескавец се вели дека е најнепристапното и најскриеното светилиште во Македонија, еден е од најубавите манастири во Македонија и е значаен монашки и духовен центар на Охридската архиепископија.

Името Трескавец е поради бројните громови кои го погодуваат врвот кој  претставува една конусна хрпа од крупни камени блокови - болдери. На врвот стои и громобран во облик на златно јаболко, кој поради честите удари на громови често мора да се обновува.

Прилеп е познат по тутунската индустрија, мермерната и рудникот Сивец, прехранбената индустрија ,,Витаминка“, каде се произведуваат надалеку познатите смоки. Според последниот Крал, Крали Марко е наречено и најбараното пиво, кое се произведува во Прилепската пиварница. Фестивалот на пивото се одржува во јули и е посетен од луѓе од цела Македонија и од околните земји.

Но, во Прилеп празник е и кога се одржува театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“. Прилепчани се мошне духовит и гостопримлив народ, ова го потврдуваат и итроштините на Мариовецот Итар Пејо, а и запишаните приказни на Марко Цепенков. Народот овде живее со духот на минатото, не заборавајќи ги народните традиции и обичаи за сите верски празници. Прилепчани знаат да празнуваат, за нив важи мотото: „шест дена работи, а седмиот одморај“.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>