Фармацевти
Контакт

<< Назад

Природна нега

август 1, 2017

За поубава боја после сончањеМилица Алексиќ

Негата на кожата по изложувањето на сонце е многу важна, дури и кога се сончаме умерено и користиме заштитни креми. Негувајќи ја кожата после сончање, ја одржуваме подолго убавата боја, го избегнуваме лупењето на кожата и ја правиме помека, хидрирана и сјајна. За нега на кожата после сончање препорачуваме природни маски од зеленчук и овошје, вода, млеко, јогурт и нерафинирани масла.

Вода: Познато е дека на сонце и со пливање лесно се дехидрира. Затоа на плажа, но и по враќањето, задолжително испијте вода со лимон (без шеќер), а телото истуширајте го со млака вода и оставете да се исуши без бришење.

Алое: Гелот од алое нанесете го на влажна кожа по туширање. Друга варијанта, која ја освежува кожата и ја лади, е да сварите зелен чај и да го изладите, помешајте го со гел од алое и нанесете го на кожата. Сончањето секогаш ја дехидрира и ја исцрпува кожата, па благодетите од ваквиот третман ќе ги почувствувате веднаш.

Јогурт и млеко: Ако лесно сте поцрвенети и чувствувате како кожата ви е затегната и чувствувате јадеж измијте ја солената вода од телото со туширање и исушете со нежно тапкање со мек пешкир. Потоа на кожата нанесете тенок слој од јогурт и оставете петнаесетина минути, па повторно истуширајте се со млака вода. Наместо јогурт, кожата можете да ја намачкате и со ладно млеко. Чувството на топлина ќе се намали, а протеините од млекото ќе ја нахранат.

Краставица и банана: Исечете тркалца од краставица, па со нив нежно намачкајте ја кожата на целото тело, а на лицето наредете ги така што ќе го оставите делот  околу очите слободен. Почекајте 20 минути, па истуширајте се со млака вода. Слично можете да направите и со тркалца од банана.

Морков: Изрендајте морков или иситнете го во блендер, па ставете го на лицето и деколтето. Маската од морков држете ја десетина минути, па измијте ја со млака вода и нанесете хранлив крем.

Масла: Секое нерафинирано масло е одлично за нега на кожата после сончање. На чиста кожа, која претходно сте ја истуширале со млака вода, нанесете маслиново, кокосово, бадемово или некое друго масло, и почекајте кожата добро да го впие (а секогаш е „гладна“ после сончање), па облечете се. Многу е благотворно и масло од крин, бидејќи го спречува лупењето на кожата, како и од невен, кое ја хидрира кожата и ја прави мека, што важи и за маслото од кантарион.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>