Фармацевти
Контакт

<< Назад

Пробиотици и антибиотска терапија

мај 1, 2017

проф. д-р Снежана Стојковска, инфектолог

Здравјето е идеална хармонија на психофизички, емоционални, ментални и социоекономски состојби и влијанија на околината кои се вклопени во една индивидуа.

Со векови борбата со инфекции претставува предизвик. Во раните години на минатиот век со откривањето на првите хемотерапевтици и антибиотици ентузијазмот за сувереноста на антибиотската терапија е голем. Совладани се бројни проблеми на глобално ниво, но не без големи промени и по микро и по макроорганизмите.

Долгогодишните искуства во примената на антибиотиците  налагаат сè повеќе крајна критичност при употребата на антимикробната терапија или крајно едноставно кажано антимикробната терапија треба да е неопходна  за да се ординира. Корисно е она ординирање на антибиотска терапија кога корисноста од препишувањето го надминува ризикот од настанување на несаканите ефекти. Честа е и употребата на  комбинирана антибиотска терапија каде настојуваме со синергистичкото дејство да се преброди инфектот и  секогаш сме исправени пред се побројните споредни  ефекти на терапијата кои може да преминуваат во сериозни компликации и поради тоа  бараат селективност и одговорност во лекувањето.

Антимикробните лекови се важна група на лекови. Објективно се работи за делотворни лекови кои значително го смениле исходот на многуте, пред сè, бактериски заболувања. Ги применуваат многу профили на лекари и нивната секојдневна потрошувачка е значително поголема од  кој било друга група на лекови.

Тоа не поминува без последици.

Освен проблемот со резистенција, сè повеќе сме свесни за влијанието на антибиотиците освен на патогената и на нормалната флора, која како обвивка ја чува внатрешноста на организмот.

Почнувајќи од усната празнина, целиот дигестивен тракт, гениталните органи, микрофлората е чувар на стабилноста, а секое вложување во нејзиниот состав  е влог за иднина и долговечност. Имено, стерилниот  дигестивен тракт на стартот на животот брзо се населува со најдобриот пробиотик – бактериите од мајчиното млеко. Веќе повеќе од 70 години во науката егзистира поимот пробиотик.

Добро е позната дефиницијата дека се работи за живи микроорганизми, бактерии или квасници, кои доколку се консумираат во доволен број, покажуваат поволен ефект за здравјето на домаќинот, или според Fuller, додатоци во исхраната добри за одржување или подобрување на интестиналниот микробиолошки баланс. Со технолошкиот напредок за подобрување на пробиотската отпорност стигнавме и до четвртата генерација на пробиотици.

Постојат научни докази кои го поддржуваат концептот дека одржувањето на здравата интестинална флора може да го заштити организмот од гастроинтестинални нарушувања, вклучувајќи и гастроинтестинални инфекции, воспалителни болести на цревото, дури и канцер.

Бидејќи антибиотиците, кои ни се неопходни, значително а некои и драстично ја менуваат флората, ги уништуваат добрите чувари на хармонијата од првите редови, исклучително е важно дозирањето и правилното селектирање на пробиотикот за минимизирање на дејствата на антибиотиците. Некои пробиотски соеви имаат природна резистенција кон антибиотици. Тоа се квасници, пред сè, Saharomyces boulardi, сигурни и безбедни за примена во сите возрасни групи.

Антибиотската терапија со себе го носи тој товар за многу чест развој на постантибиотски пролив, кој кај одредени пациенти,  посебно  од  најмалата и постарата возрасна група, може да даде многу тешки манифестации. Многу е важна правилната примена на лекот, соодветно долго, во соодветни временски интервали и со соодветна заштита во превенирањето на можните компликации.

Поедини пробиотски препарати е задолжително  да се внесат со временско растојание од антибиотикот да се одржи адекватна тераписка доза на пробиотикот или да се применуваат пробиотици на чии концентрации и тераписки ефект самиот антибиотик нема влијание.

Како лекар инфектолог целиот свој работен век сметам дек нема подобро лекување од превенција. Ако не сме во можност да превенираме појава на многу болести кои бараат задолжителна, често долготрајна антибиотска терапија, многу е важно правовремено да ги  превенираме или лекуваме ефектите од антибиотската терапијата. Тоа е навистина често голем предизвик.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>