Која е нивната улога за раст и развој на здраво бебед-р Снежана Палчевска, специјалист педијатар
Клиничка болница Аџибадем Систина
Физичкиот раст и развој на вашето бебе зависи од фактори кои дејствуваат уште пред раѓањето, фактори поврзани со самиот акт на раѓање и секако многубројните фактори кои се случуваат по раѓањето. Адекватен физички раст на здраво новородено во првите месеци од животот се постигнува преку доењето, кое освен нутритивна и емотивна компонента обезбедува пребиотици и пробиотици кои ќе помогнат во интестиналната колонизација на новороденото. Гастроинтестиналниот тракт на секое доенче е уникатен по неговиот цревен микробиом, т.е. видот и бројот на пробиотските бактерии кои го населуваат и штитат. Основата на микробиомот на едно новороденче е она што се случува со микробиомот во текот на раѓањето.
Начин на породување Бебињата кои се родени спонтано со вагинално породување, ја добиваат првата голема доза микроорганизми од своите мајки при поминување низ родилниот канал. Тоа кај здравите мајки се доминантно бактерии од групата на лактобацилус, кои помагаат во разградување на лактозата од млекото.
Новородените родени со царски рез не се колонизираат со пробиотските бактерии од родилниот канал на мајката, туку ја добиваат првата доза микроорганизми од контактот со кожата на мајката и вработените во родилната сала.
Доење Втората фаза на колонизација на цревото на новороденото е колонизацијата преку колострумот во првите денови по раѓањето. Доењето е најважен фактор за раниот раст и развој на вашето бебе. Тоа во целост ги задоволува нутритивните потреби во првите неколку месеци од животот. Мајчиното млеко содржи пребиотици- тоа се недигестибилни јаглехидрати кои стимулираат раст на пробиотици и баланс на интестиналната флора. Новите истражувања покажуваат дека мајчиното млеко содржи и пробиотици од типот бифидобактерии кои овозможуваат баланс на интестиналната флора и развој на здрав имун систем кај доенчињата. Кај доенчињата кои се хранат со доење, 80-90% од интестиналната флора отпаѓа на бифидобактериите. Затоа најдобар избор за доенчињата кои не се дојат се формулите кои содржат пробиотици од групата бифидобактерии.
Улогата на пробиотските бактерии во растот и развојот на доенчињата е во:
– намалување на инфантилните колики, надуеноста, гасовите и гастроезофагеалниот рефлукс,
– воспоставување на нормална цревна перисталтика,
– намалување на атописките кожни реакции и алергиските манифестации воопшто,
– како и подобрување на имунитетот.
Улогата кај предвремено родените новороденчиња е намалување на ризикот од некротизирачки ентероколитис и подобрување на цревната одбрана од рота вирусите.
Новороденчињата родени со царски рез, оние кои примаат антибиотици или се хранети со адаптирана формула која не содржи пробиотици треба да примаат суплементација со пробиотици.
Исхрана По навршување на првите 5-6 месеци од животот, доенчето треба да осознае и да почне да јаде храна со различни вкусови, со различна конзистенција на намирниците кои ќе му ги понудиме како оброк, но паралелно со овие процеси доењето треба да се продолжи. Бебето треба да се храни полека и со трпение, да се охрабрува да пробува нови вкусови. Во оваа возраст се создаваат здравите прехранбени навики и образец на исхрана кој ќе трае низ целиот живот. Сепак, ние сме тоа што го јадеме, т.е. стандардот на исхрана го дефинира во физичка смисла здравјето на децата и возрасните.
Здраво дете е она дете кое има адекватен психофизички и емотивен раст и равој. Само здравото дете е среќно дете и може да порасне во здрава, среќна и реализирана личност.
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци