Фармацевти
Контакт

<< Назад

ПРОБИОТИЦИ

јули 1, 2017

Превенција на летни инфекцииДушан Гољиќ
м-р по фармација

На квалитетот и функцијата на цревната микрофлора влијае составот на храната, лековите, стресот, инфекциите и возраста. На летување често ги менуваме навиките во исхраната, изложени сме на непознати патогени, а и патувањето може да биде стрес за целиот организам, па постои препорака за превенција и лекување на тегобите со примена на пробиотски препарати за повторно воспоставување на баланс на цревната микрофлора

Наједноставната поделба на нашата цревна микрофлора е на добри, односно корисни бактерии или пробиотици, и на оние лоши или патогени. Корисните бактерии помагаат нашиот организам од храната да добива важни хранливи нутритиенти, истовремено создавајќи неповолни услови за развој на патогени бактерии, кои се причинители за различни инфекции и болести.

Стомачни тегоби: До пореметување на рамнотежата на добри и лоши бактерии во нашата цревна флора може да дојде кога земаме терапија со антибиотици, поради пад на имунитетот, стрес и замор, на пример, од долго патување, промена во исхраната, односно консумирање намирница на кои не сме навикнале, или кои не се бактериолошки исправни, што често се случува на годишен одмор, кога има летни горештини. Причинител на летни инфекции може да биде и бактериолошки неисправна вода, како и капење, бидејќи додека пливаме тешко можеме да избегнеме во носот или устата да не ни влезе некоја капка вода.

Добри и лоши бактерии: Дисбалансот во функционирањето на цревната микрофлора отвора врати на штетните бактерии, олеснувајќи го нивното размножување и развој на заболувања. Бројот на корисни бактерии се намалува а бројот на патогени се зголемува, што доведува до непријатни гастроинтестинални пореметувања, кои се манифестираат со болки, пролив, висока температура и други симптоми и можат да бидат причинители на многу други болести.

Цревната флора има клучна улога во процесите на варење на храната и изградба на имунолошкиот систем. Цревните бактерии ги ферментираат хранливите материи, произведуваат дигестивни сокови, создаваат витамини од Б-групата и витамин К, ги редуцираат токсините кои ги внесуваме преку храната и така нè штитат. Ако дојде до промена во функционалноста на овој систем, трпи целиот организам.

Пробиотици: Производите кои содржат одбранбени соеви на микроорганизми т.н. „добри бактерии“ и служат за регулација на цревната флора се пробиотици. Ставајќи ја цревната флора во рамнотежа, тие придонесуваат за отстранување на симптомите.

Индицирани се за лекување акутна инфективна дијареја, потоа дијареја предизвикана од антибиотици, дијареја при патување, како и кај други функционални пореметувања на цревата. Безбедни се и практично немаат контраиндикации. Можеме да ги најдеме во аптека во вид на капсули, таблети или капки за доенчиња и мали деца. Меѓусебно се разликуваат по видовите микроорганизми кои ги содржат, како и по јачината, па нивната употреба е различна.

Соевите  бактерии кои се наоѓаат во пробиотските препарати се оние кои се обично застапени во нормалната микрофлора, како што се Lactobacilus, Biffidobacter, Enterobacter и др. Дополнително, пробиотските препарати можат да содржат и цинк, магнезиум или витамин Д. Во нив можат да се најдат и органски молекули на база на комплексни шеќери кои ги нарекуваме пребиотици.

Пребиотик е храна која ја користи цревната микрофлора. Со земање пребиотици обезбедуваме чиста енергија за метаболизам и раст на корисни бактерии, со што дополнително го подобруваме ефектот на лековите. Производите кои содржат пробиотик и пребиотик ги нарекуваме симбиотици.

Акутна инфективна дијареја најчесто настанува поради вирусни инфекции на цревниот тракт. Често се јавува во текот на летување и е проследена со температура, мачнина, зачестен нагон за повраќање и интензивни водени дијареи. „Стомачен вирус“ најчесто се внесува во организмот преку нечисти раце или консумирање расипана храна или вода. Се препорачува диета, одмор, земање раствори за рехидратација и пробиотик со мешан микробиолошки состав. Ако е потребно, индицирани се и лекови за намалување на температурата.

Дијареја предизвикана од антибиотици е честа појава. Најчести причинители на ова заболување се антибиотици со широк спектар на дејство, на пр., амоксицилин, цефалексин, клиндамицин, еритромицин и др. Тие покажуваат ниска селективност и покрај штетните бактерии, ја уништуваат и цревната микрофлора. Веќе по вториот ден од антибиотската терапија може да се појави подуеност, болка во стомакот, отежнато варење и дијареја. Во овој случај, битен е изборот на пробиотици со сојот на бактерија која е резистентна на антибиотикот кој го пиеме. Дополнително се препорачува земање на производи на база на габичката Saccharomyces bulardii, која и сама е отпорна на антибиотик, па истовремено земање нема да влијае на ефикасноста на примарната терапија.

Дијареја при патување најчесто е предизвикана од бактерии, вируси и некои амеби. Симптомите можат да варираат од лесна мачнина, до тешки водени дијареи кои бараат хоспитализација. Честа појава се кај патувањата во тропски и егзотични краишта. Најдобро е седум дена пред патување да се почне со земање пробиотици или симбиотици и да се продолжи со земање во текот на летувањето.

Микрофлората на организмот е предмет на константни истражувања на полето на медицината и биотехнологијата и пробиотиците наоѓаат сè поголема примена во модерната терапија. Важно е редовно да внесуваме пробиотици зашто се клучни за нашето здравје, позитивно дејствувајќи на имунолошкиот систем, одржувајќи баланс на цревната микрофлора и превенирајќи инфекции. Пробиотици има и во ферментираните млечни производи, како што се јогурт и кисело млеко, а можат да се земаат и како фармацевтски производи, додатоци на исхраната.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>