Надминување штетни обрасциМарија Брашиќ
дипл. специјален педагог и интегративен психодинамски психотерапевт, О.Л.И. метод
Личната промена или промената во однесувањето бара време и вложување енергија. Промената е процес, а не случување. Некогаш нешто ни успева од прв пат, нешто не, но ако сакаме тоа да го задржиме, би требало да го повторуваме она што ни оди добро
На сите ни се познати советите за здравјето, попозитивeн или поквалитетен начин на живот: хранете се правилно, бидете физички активни, избегнувајте стресни ситуации, дружете се со позитивни луѓе, бидете отворени во комуникацијата и размислувајте позитивно во тешки ситуации. Едноставно, водете сметка за тоа да живеете во комфорно опкружување и бидете задоволни со себе (физички и психички).
И сите овие препораки се точни и добри. Но, како да ги примениме кога не можеме да се ослободиме од однесувањата кои ни ги нарушуваат промените, нè оддалечуваат од поставените цели или нè кочат, па имаме впечаток како да тапкаме во место?
Често кај себе препознаваме некои модели на однесување кои не ни носат многу добро, но упорно ги повторуваме. Дури кога тие ќе ни станат пречка или, подобро кажано, кога ни го нарушуваат напредувањето и доаѓањето до саканите цели, се јавува желба нешто да преземеме и да промениме.
Иако до тогаш сме се правдале дека тие однесувања се дел од нашиот карактер или личност, стануваме свесни дека мораме да ги промениме. Ова сознание е одлично, но е ретко лесно остварливо. Речиси секогаш се јавуваат некои препреки кои ја нарушуваат леснотијата на промената. Меѓутоа, препреки секогаш постојат, без разлика дали се во нас или во нашата околина, но тоа не значи дека треба да се откажеме. Ќе ви наведеме неколку причини кои се во нас поради кои се јавува отпор кон напуштање на старите обрасци на однесување и постигнување лични промени.
Секундарна добивка
Колку и да нè држело некое однесување во застој и нè ограничувало во напредувањето, треба да се има предвид дека тоа однесување, како и секое друго, е мотивирано од некое наше задоволство или корист. Секое однесување се изразува и се зацврстува само доколку ни носи некое задоволство.
Задоволствата може да бидат различни, но во основа се емотивни. Исто така, и однесувањата кои нè држат во застој постојат зашто ни даваат некоја корист. Несвесно ни носат задоволство иако свесно знаеме дека не се добри за нас. Звучи парадоксално, но така е. Понекогаш постојат за да избегнеме некое непријатно чувство (страв, чувство на вина), а понекогаш за да добиеме на важност и го зголемиме чувството на сигурност. Иако сме свесни дека ни штетат, несвесно од тие однесувања имаме некоја емотивна добивка.
Во психотерапијата таа добивка се нарекува секундарна добивка. Луѓето често размислуваат само за тоа како да променат некое однесување, а малку се занимаваат со прашањето што навистина нè мотивира да го одржуваме тоа однесување. Со освестување на мотивот од одредено штетно однесување доаѓаме до тоа да го отстраниме отпорот или препреката кон негова промена. Кога ќе видиме која е секундарната добивка од одредено однесување, тогаш можеме свесно да работиме на промената.
Меѓутоа, откривањето на секундарната добивка не е автоматско решение за промената. Тоа е само увид во мотивот на нашето однесување, односно зошто нешто правиме. Оној потежок дел потоа следува, а тоа е како да го смениме образецот кој ни штети или нè држи во статус на непроменетост.
Недостиг на храброст да се напушти зоната на комфор е често причина за одложување на промените или за останување на оние однесувања кои не ни се развојно корисни. Секоја промена носи неизвесност, влез во нешто непознато и несигурно. Никој не сака несигурност, зашто ако е така не би тежнееле сите кон постигнување сигурност.
Зоната на комфор е позната и трасирана стаза по која се движиме и во која се чувствуваме сигурно. Промената бара излез од постоечката зона на комфор. За личноста да се промени, неопходно е да се изложи на нови околности. Потребно е да ги тестира своите однесувања во нови ситуации, да воспоставува нови обрасци на функционирање и да ја толерира фрустрацијата. Чувството на страв дека можеби нема да успееме зашто околностите не ни се познати често е придружник на промената.
Меѓутоа, тоа не би требало да биде причина за наше откажување и поместување на личните граници. Храброста да се зачекори во непознатото е неопходна ако сакаме да се менуваме. Тоа не значи стравот да го потиснуваме или да се правиме дека го нема, туку да го препознаеме и да го прифатиме како составен дел од промената на која сме се одлучиле. Реченицата „чувстувам дека се плашам, но тоа нема да ме спречи да направам што сакам“, може да биде корисна да се тргне напред.
Вежбање нови облици на однесување и повеќе труд
Личната промена или промената во однесувањето бара време и вложување енергија. Промената е процес, а не случка. Некогаш нешто ќе ни успее од прв пат, нешто не, но ако сакаме тоа да го задржиме, би требало да го повторуваме она што ни носи добро.
Постепеното воведување ново однесување во нашиот спектар на функционирање го намалува чувството на непријатност поради промената кон која тежнееме, но и ги намалува фрустрациите кои се јавуваат со почетните грешки. Откажувањето после грешка или губење волја нè враќа во зоната на комфор, но, исто така, нè држи далеку од саканата цел.
Чувството на амбиваленција е честа препрека во промените. Чувствуваме во исто време дека го сакаме и не го сакаме тоа што ќе се промениме. Имаме причини и за напуштање на одредено однесување или начин на функционирање и причини против тоа. Некогаш со желба да си олесниме, се приклонуваме кон едната страна на амбиваленцијата. Замижуваме на патиштата кои бараат наше поголемо ангажирање, носат неизвесност и одрекување од нешто што го познаваме и се враќаме во познатото.
Понекогаш поради амбивалентните чувства никако да донесеме одлука да почнеме со промената, зашто се придржуваме до добро познатиот принцип на неразмислување, а понекогаш се прашуваме зошто сето тоа ни беше потребно.
Амбиваленцијата е често причина за отпор кон промената, па би било добро пред почеток на која било промена добро да расчистиме со причините за и против промената. Така ќе бидеме посигурни што сè добро може да ни донесе промената, од поместување на личните граници до тоа што сè губиме во тој процес.
Кога промената ни претставува поголем проблем, односно кога не можеме сами да ја реализираме, корисно решение е помош од психотерапевт. Луѓето посетуваат психотерапевт зашто сакаат да се ослободат од тензијата која ја чувствуваат поради некој проблем. Барање помош од психотерапевт, всушност, претставува барање поддршка во остварување на саканите промени. Преку процесот на запознавање на своите чувства, сила и развивање нови обрасци на функционирање, лицата ги надминуваат сите проблеми, односно се менуваат и со задоволство продолжуваат успешно да живеат.