Фармацевти
Контакт

<< Назад

Прослава на Нова година во светот

јануари 3, 2017

Бакнеж на полноќИвана Коцевска

Иако новогодишната ноќ обично ја поврзуваме со временските прилики кога штипе мраз и паѓа снег, во Австралија таа се прославува на 30 Целзиусови степени, покрај базен или на плажа, додека Дедо Мразовците сурфаат по брановите...

Обичаите за подготовка и дочек на Нова година се разликуваат од земја во земја. На Сицилија во новогодишната ноќ задолжително се јадат лазањи, макарони ни случајно бидејќи носат несреќа. Во Норвешка од благо се служи пудинг од ориз во кој има само еден бадем (кој ќе го најде ќе биде среќен цела година), додека Холанѓаните за Нова година јадат крофни бидејќи се со облик на круг, што на сите им носи среќа. Швеѓаните, меѓу другото, се гостат со тврди бонбони со бадеми во облик на срце, ѕвезда и коза, а во Австралија, покрај останатото, задолжителен е сладолед од ментол во облик на детелина со четири листа. Во Германија за Нова година задолжително се јаде и риба „бидејќи плива напред“, што осигурува добра иднина во наредните 12 месеци.

Бакнување во најлудата ноќ
Американците за Нова година задолжително се бакнуваат на полноќ, што се смета за наследство на стариот обичај на терање зли духови. Во најлудата ноќ се бакнуваат и многу други народи, што не е необично бидејќи бакнежот отсекогаш значел наклоност, делење на чувства и убави желби, како и срдечен поздрав. Историчарите тврдат дека полноќниот бакнеж бил практикуван уште во Стар Рим за време на Сатурналиите, како што тогаш се нарекувал дочекот на Нова година. Во Европа стотина години во  мода биле новогодишни балови на кои маските се симнувале точно на полноќ, а луѓето меѓусебно се бакнувале како знак за прочистување и надеж дека во наредната година ќе влезат неизвалкани и безгрешни.  Се верува дека бакнежот на полноќ симболично осигурува 12 месеци љубовна и друга среќа, а неговиот изостанок можни расправии и неприлики.

Новогодишно дрво
Во целиот свет постои обичај куќата да се кити со гранчиња од бор, а накитени елки и борови се поставуваат и на градските плоштади. Во Вашингтон, САД, големо градско дрво е накитено со светики кои лично ги пали претседателот на државата, додека во Колорадо на врв на планина се поставува огромна светлечка ѕвезда која се гледа од далеку. На Хаваи се смета дека свеченоста почнува со доаѓање на брод со новогодишни дрвца.

Не се сите елки природни, туку се прават од различни материјали. Во Гинисовата книга на  рекорди влегла бразилската елка, висока 85 метри и тешка повеќе од 500 тони, која плута по пристаништето во Рио де Жанеиро, поставена на осум платформи, осветлена со над 3 милиони светилки. Меѓутоа, за најскапо новогодишно дрво, сепак, се смета она во Арапските Емирати, поставено во холот на палатата „Емирати“, накитено со дијаманти, сафири, смарагди и бисери, накит кој вреди повеќе од 11 милиони долари.

Белгијците елката во Брисел ја замениле со модерна светлечка инсталација, а Британците својата светлосна конструкција, која ја потпишал дизајнерот Гери Кард, ја поставиле во северен Лондон, на Filing station, која има посебен архитектонски идентитет. Инаку, Британците сакаат за Нова година да ги украсуваат и вратите на своите куќи со венчиња од имели. Италијанците во Венецијанската лагуна, на островот  и плоштадот Свети Стефан, поставиле фантастичка елка од илјада цевки направени од мурано стакло, дело на венецијанскиот уметник Симоне Ченедезе, висока 8,5 метри и тешка 3 тони.

Прослава во различно време
Иако нема прецизни податоци кога луѓето почнале да го слават заминувањето на старата и доаѓањето на Новата година, постојат записи дека на овој настан му се веселеле уште во Вавилон, пред четири милениуми и дека славењето траело 11 дена. Меѓутоа, не слават сите народи на светот Нова година во исто време. Старите Римјани, на пример, ја славеле во март, но кај нив со секоја нова влада се менувал и календарот, па со самото тоа и датумот за прослава на Нова година. Едно индијанско племе отсекогаш ја славело Нова година во август, кога се бере пченка, па тоа време се сметало за вистинско и за таа важна прослава.

Кинеската Нова година почнува со првата млада месечина во новата година (од 20 јануари до 19 февруари), кога се слави Небо и Земја, се прославува крајот на зимата и почетокот на пролетта, се јаде месо од патка, се игра по улиците и се пукаат петарди, а завршува со Фестивалот на светилки, кога во воздух се пуштаат хартиени црвени лампиони. Во Кина сите ножеви се тргаат од куќата на еден ден, бидејќи ако некој се повреди во новогодишната ноќ, тоа би најавило несреќа во текот на наредната година. Слично се слави и во Тајван, на Корејскиот Полуостров, во Виетнам. Еврејската нова година (Рош Ашана) се нарекува празник на трубите, трае 2 дена и почнува првиот ден од месецот  тишри, кој се паѓа помеѓу 6 септември и 5 октомври, но никогаш во недела, среда или петок, како ни за време на полна месечина. Еврејските години се бројат од митскиот настанок на светот 3761 година пр.н.е. (по нашиот календар).

Без оглед на месецот во кој се прославува или на годишното време, дали штипе мраз или сјаје летно сонце, славењето Нова година е прилика за позитивни желби на блиските, познатите, со класичната честитка: Среќна Нова година!

Каде живее Дедо Мраз
Има многу легенди за тоа каде точно живее Дедо Мраз. Во Норвешка тој се вика Olausen Julenise, а Норвежаните се уверени дека живее во градот Дробнак. Во Данска тврдат дека седиштето му е на Гренланд, близу до островот Уманак. Во Русија домот на Дедо Мраз е во местото Велики Устјуг. Канаѓаните велат дека куќата му е на нивна територија, а Американците дека му е на Алјаска. Во Калифорнија е обичај Дедо Мраз да пристигне на штица за сурфање.

Најмногу луѓе веруваат дека тој живее во Лапонија, на северот на Финска. Таму, на работ на Арктичкиот круг, каде поларната ноќ трае речиси еден месец , во близина на градот Рованиеми, постои и село на Дедо Мраз кое е посетено од голем број туристи. Тие доаѓаат да ја видат и поларната светлина (Аурора Бореалис), која според легендата ја произведуваат лисиците така што со опашките удираат по снегот, правејќи искри. Селото на Дедо Мраз е опкружено со древна шума, заледена река и Ушестата планина (Корватунтури), која личи на глава со две џиновски уши кои му служат на Дедо Мраз да ги слушне желбите на децата од целата планета.

Календар на Јулије Цезар
Во средниот век Нова година во земјите во Европа обично се славела на 25 март. Први јануари, како ден на почетокот на Нова година, е прифатен во 1582 година, со воведување на Грегоријанскиот календар. Многу народи продолжиле да го користат календарот на Јулије Цезар и нивниот календар секои 127 години се оддалечува за еден ден од официјалниот за денес да е оддалечен 13 дена. Затоа Нова година по стариот календар се слави  на 13 Јануари.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>