Фармацевти
Контакт

<< Назад

Први брчки

мај 1, 2017

Правилна нега за мазно лицеМилица Алексиќ

Првите брчки на лицето се појавуваат во регијата околу очите, усните и на челото. Тој природен процес може да се забави со здрав начин на живот, кој опфаќа урамнотежена исхрана, уредно спиење, избегнување стрес, силно сонце и цигари, правилна козметичка нега и гимнастика на лицето, како и вежби за целото тело и престој на свеж воздух.

Урамнотежена исхрана: За кожата да ја одржи еластичноста, неопходен е доволен внес на витамини А, Ц и Е, антиоксиданти, флавоноиди и минерали, што се постигнува со урамнотежена исхрана во која секој ден на трпезата е застапен зеленчук, пред сè, зелен, со листови, потоа до 50 г јаткасти плодови, како и цитрусно и друго овошје. Неопходно е дневно да се внесуваат и 2 литра течности.

Здраво спиење: На појавата на брчки влијае недостигот од сон и неуредно спиење. За мазно лице треба да се спие секоја ноќ осум часа, а важно е во кревет да се оди приближно во исто време, со што се воспоставува ритам на уредно спиење. За квалитетот на сонот да биде добар, треба да се спие во проветрена просторија, на квалитетен душек и перница.

Гимнастика на лицето: Под кожата на лицето се наоѓаат мускули со чие вежбање се одржува нивниот тонус и се постигнува цврстина и еластичност. Добра вежба за секој ден е да броите до 50, така што секој број ќе го изговарате на глас, максимално нагласувајќи и истегнувајќи ги усните. Корисно е и наизменично да ги дуете образите, па да го издувувате воздухот како да гасите свеќички, десет пати. Челото вежбајте го така што десетина пати ќе ги подигнувате веѓите колку повеќе можете, задржете ги на највисоката точка неколку секунди, па потоа спуштете ги. Избегнувајте муртење.

Масажа и маски: Нежна масажа со врвовите на прстите, со кружни движења ја подобрува циркулацијата на лицето и е добра превенција против брчки. Може да се користат различни масла, како маслиново, бадемово и кокосово. Корисни се и домашни маски од мед, белка и глицерин, свежа краставица и банана.

Правилна козметичка нега: Отстранувањето шминка пред спиење со тоници и лосиони кои одговараат на вашиот тип кожа се подразбира. За дневни и ноќни креми најдобро е да се консултирате со дерматолог и козметичар, кои ќе ги одредат оние што најмногу одговараат на вашето лице и години. Ако се изложувате на сонце, кожата на лицето заштитете ја со креми со заштитни фактори и носете очила за сонце.

Избегнување стрес: Стресните ситуации кои ги доживуваме оставаат траги и на лицето, па треба да ги избегнувме и да се фокусираме на позитивното мислење, рационално решавање на проблемите и пријатноста која ни ја носат малите работи и задоволствата, како релаксација во природа и дружење со пријателите.

Физичка активност: Прошетка на свеж воздух и занимавање со спорт придонесува за подобра циркулација на целото тело, па и на лицето.

Оставете ги цигарите: Цигарите се еден од најголемите непријатели на кожата. Пушењето е виновно за раното создавање брчки, сив тен и дехидратација.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>