Фармацевти
Контакт

<< Назад

ПСОРИЈАЗА

ноември 1, 2019

Опасност за целиот организам

 

Ова заболување може да настане во кој било период од животот, но најчесто се јавува помеѓу 10 и 20 година. Заболуваат подеднакво и мажи и жени, но забележано е дека порано се јавува кај жените.

 

Автор: д-р Александар Макевиќ

 

Псоријазата (Psoriazis vulgaris) е хронична, системска, воспалителна болест, која примарно ја зафаќа кожата, оптоварувајќи ги пациентите со воспалителни, болни промени кај кои се појавува јадеж и лупење, а кои може да траат дури и со години. Заболувањето се карактеризира со непредвидливо менување на кожните промени и мирни периоди. Основни карактеристики на оваа болест се набуеност на кератиноцитите и воспалителни промени во епидермот и дермата. На сите кератиноцити кај псоријазата им се потребни три до четири дена да се обноват. Во нормален епидерм за исти промени се потребни од 28 до 56 дена! Тоа е сложена болест на која влијаат многу фактори, некои од нив се генетски, имунолошки и фактори од средината.

 

Генетски фактори

Околу 30 % од пациентите во своето семејство имаат лице заболено од псоријаза, па така, доколку двајцата родители се заболени склоноста е дури 50-70 %, а доколку само еден родител е заболен, ризикот изнесува 25 %.

 

Имунолошки пореметувања

Денес се смета дека набуеноста на кератиноцитите и воспалението настануваат поради ослободување на фактор на воспалението во текот на имунолошкиот одговор со посредство на клетките. Овој имунолошки одговор е последица на презентирања на некои, за сега неидентификувани, антигени во самата кожа.

 

Фактори од средината

Овие фактори, исто така, се важни и може да доведат до влошување на псоријазата кај генетски предиспонирани лица. Во фактори од средината спаѓаат: бактериски инфекции на горните респираторни патишта, а особено стрептококна инфекција, вирусни инфекции како што е ХИВ, некои лекови како што се соли на литиум, кои се користат во лекување психијатриски болести, бета блокатори и нестероидни антиинфламаторни лекови. Траума може да провоцира настанување псоријатични промени. Во настанување на псоријазата посебно внимание треба да се посвети на психолошките фактори, како што е стресот.

 

Акутен и хроничен облик

Во рамки на клиничката слика се разликува акутен и хроничен облик на болеста. Местата на кои промените најчесто се јавуваат се главата, надворешните страни на екстремитетите (лакти, колена) и лумбалниот дел од грбот. Промените се симетрични, а може да постои само една плоча или стотина промени кои меѓусебно се спојуваат прекривајќи дури и голема површина кожа. Промените се јасно ограничени, овални или тркалезни, со црвеникава боја, прекриени со седефесто-белузлава скрама. Врз основа на големината на промените постои точкеста псоријаза, псоријаза во вид на капки, со облик на метална пара, во вид на плака (најчеста форма) или на географска карта. Може да се јави само на едно место или на карактеристични места и тогаш го олеснува поставувањето дијагноза. Ноктите, исто така, може да бидат зафатени дури и како прв знак на болеста. Постојат два кардинални знака на оваа болест и тоа се феноменот капки од свеќа (во текот на гребење на промената воздухот продира во промената, таа станува бела и се споредува со капка од восок кога ќе капне на ткаенина станува бела при гребење) и феноменот црвена роса (со натамошно гребење настанува точкесто крвавење од оштетените папили). Покрај типичниот изглед, постојат и атипични форми на болеста, кои се потешки за препознавање и лекување, а некои може да доведат и до смртен исход како што е генерализираната гнојна псоријаза.

 

Придружени пореметувања

Кај псоријазата настануваат и придружени пореметувања и тие се псоријазен артритис како најчесто пореметување, потоа воспалителни болести на цревата и психијатриски пореметувања. Може да настанат и кардиоваскуларни болести, атероклероза, масен црн дроб, лимфоми, остеопороза, Паркинсонова болест и др.

 

Периоди на влошување и подобрување

Псоријазата има хроничен тек со периоди на влошување или подобрување на болеста. Најголем број пациенти наведуваат подобрување и губење на тегобите во текот на летниот период при изложување на сончеви зраци. Должината на траење на мирниот период може да биде со месеци или години. Почетокот на псоријазата во детство е лош знак за прогноза, бидејќи тие лица често имаат подоцна и потешки форми на заболувањето.

 

Дијагноза и лекување

Дијагноза псоријаза се поставува со клинички преглед и хистолошки преглед на примерок од промената на заболената кожа. До денес не е пронајдена терапија која може пациентот целосно да го излекува. Лекувањето може да биде локално или општо и секогаш мора да биде под контрола на лекар. Редовните контроли се многу битни за лекарот да ја следи состојбата на заболувањето и за да може навремено да ја коригира започнатата терапија. Локално се аплицираат кератолитици во вид на креми или масти, антиинфламаторни лекови, препарати со катран, кортикостероиди, емолиенти, индиферентни креми, фототерапија (лекување со УВ-зраци), П+УВА терапија, ласеротерапија. Се советува сончање во летните месеци. Општата терапија е поврзана со потешки форми и компликации на болеста, па во тој случај се применуваат антибиотици, имуносупресиви, цитостатици, анксиолитици, понови биолошки лекови и друго. Во зависност од тежината на болеста се потребни и хоспитализации на пациенти во специјализирани дерматолошки одделенија. Поради долготрајниот тек на болеста може да настанат компликации во областа на ревматологијата, гастроентерологијата, неврологијата, хематологијата, како и физикалната медицина, па се потребни консултации и лекување кај специјалисти од овие области.

Со својот изглед псоријазните промени кај лаик често влеваат страв, поради што неретко постои дискриминација на заболените и нивна принуденост да го кријат заболувањето и да се срамат од него. Лицата кои заболеле од псоријаза може да се чувствуваат социјално изолирани. Последица на тоа е склоност кон депресија. Во одредени случаи може да биде потребно да се обезбеди психотераписка поддршка за лицата да можат да научат како да реагираат на исклучително негативните реакции на општеството.

Бидејќи псоријазата е хронична болест која се карактеризира со менување на периодот на ерупција на кожните промени и мирни периоди, најзначајно е лекувањето кое го спроведува дерматолог, но важна улога во понатамошното лекување имаат исхраната, психијатриската и телесната рехабилитација на заболените.

 

 

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>