Фармацевти
Контакт

<< Назад

ПУБЕРТЕТ И АДОЛЕСЦЕНЦИЈА

ноември 1, 2016

Премин од детство во зрелостд-р Радмила Косиќ
педијатар

Иако во текот на овој бурен период адолесцентите најмногу бараат поддршка од своите врсници, родителите се сојузници во борбата за независност и изградба на идентитетот, па во овој чувствителен период од животот со детето треба да се биде трпелив, зашто како што во раното детство сте му дале корен, низ пубертетот и адолесценцијата му помагате да добие крила за самостоен живот

Пубертет (pubertas – полово созревање) е животен период кога детето созрева во возрасна личност. Под влијание на хормоните настануваат сложени промени во организмот кај момчињата и девојчињата. Тоа е период на најголеми телесни, психички и социјални промени за една личност, период кој завршува со престанување на растењето во висина и постигнување физички одлики кои ја карактеризираат возрасната личност.

Кога пубертетот ќе започне големо влијание имаат генетски, расни, географски, општествено-економски и социјални фактори. Сите надворешни влијанија влијаат на созревањето на централниот нервен систем, а тоа влијание се пренесува на невроендокриниот систем на жлезди, па почнува лачење на машки и женски полови хормони, со појава на надворешни и внатрешни знаци на пубертет.

Непропорционален изглед
Времето и брзината на појавата на пубертетот многу се различни. Прво се забележува растењето во висина – со исклучок на првите три години од животот, ова е единствен период на интензивен раст. Најбрзо е растењето кај момчињата околу 14, а кај девојчињата околу 12 година.

Се случува и поединечни делови од телото да нè растат со подеднаква брзина – па  во првите години од пубертетот адолесцентите имаат непропорционален изглед (долги раце и нозе, големи стапала и шаки). Истовремено се зголемува телесната маса и распоредот на мускулите и масното ткиво, формирајќи карактеристичен облик на машко и женско тело. Се зголемуваат и внатрешните органи, се зголемува и бројот на црвените крвни зрнца и хемоглобинот.

Промени кај момчињата и девојчињата
Прв клинички знак за пубертет кај момчињата е растот на половите органи, појава на пубична, аксиларна влакнетост, како и влакнетост по лицето и под пазувите. Кај голем број момчиња ќе се појават и акни по лицето и минливо, послабо или појако, еднострано или зголемување на двете дојки. Со нагло растење, се зголемува и мускулната маса, крвниот притисок и концентрација на хемоглобин, момчињата стануваат посилни и поспособни за физички напор.

Девојчињата прво ќе забележат раст на дојките, влакнетост во пубичниот и аксиларниот предел. Развојот на внатрешните полови органи, како и ширење на карличниот појас рано се јавуваат кај девојчињата, а првата менструација просечно се јавува околу 13 година. Потоа растот се забавува, а месечните крвавења се регулираат по обем и должина на траење.

Индивидуален развој
Почетокот и динамиката на пубертетскиот развој се индивидуални и можат просечно да се очекуваат околу 11 година кај девојчињата и околу 13 година кај момчињата. Преран или доцен почеток на созревање во возрасна, полово способна единка секогаш бара зголемен надзор од лекар.

Треба да се запознаеме детално со фамилијарната анамнеза на развојот на родителите и евентуално да се упати детето кај ендокринолог. Врз основа на клиничкиот преглед, снимка на шаките и лабораторски резултати за концентрација на хормоните, се проценува дали е потребно лекување.

Во пракса најчесто се сретнуваме со проблемот на лажен, преран пубертет кај девојчињата (изолирано зголемување на гради, појава на влакнетост) и доцен пубертет кај момчињата (обично по тој образец растеле и се развивале и родителите). Поретко се случува пореметувањето во пубертетот да е прв знак за сериозно ендокринолошко или генетско заболување. Сепак, на нив треба да се посомневаме доколку изостане кој било од знаците на пубертет во очекуваното време.

Градење на идентитетот
Адолесценцијата е премин од детство во зрелост низ кој личноста треба да оствари независност и функционалност на возрасна личност. Младата личност (adolescentio – младост) треба да се приспособи на своето тело променето во пубертетот, емотивно да се осамостои од родителите и да воспостави односи со околината.

Најголем предизвик е градење на сексуалниот идентитет и односите меѓу половите. Во раната адолесценција вообичаено е дружење со врсниците од ист пол со кои се преживуваат предизвиците на трансформација на телото и размислувањата. Подоцна со прифаќањето на сопственото тело се развива апстрактно мислење, се експериментира со ризични однесувања, се бираат идоли...

Борбата за независност продолжува, сè почесто со одбирање „посебна личност“ од ист или спротивен пол. Доцната адолесценција е период на завршување на физичко и емотивно созревање, кога расте самодовербата и самопочитта, со повторно приближување кон семејството. Младите се способни за трајни партнерски врски.

Родителите како сојузници
Доколку се согласиме дека наша цел е основање семејство и потомство, тогаш пубертетот и адолесценцијата се најзначајни скали на тој пат. Иако во текот на овој бурен период младите бегаат од семејството и бараат поддршка во групата врсници, родителите им се сојузници во борбата за независност. Дајте му на својот адолесцент поддршка, обидете се да го разберете и посоветувате. Трпението во овој период повеќекратно се исплати – низ раното детство сте му дале корен, а низ пубертетот и адолесценцијата крила за самостоен живот.

Поддршка, разбирање и простување
Сигурно ќе ве изненадат, а можеби и шокираат големите промени во изгледот и однесувањето на вашиот пубертетлија. Ако помислите дека губите контрола над растењето на своето дете, сетете се на себеси во таа возраст. Бегање од родителскиот авторитет во групата врсници, отпорот кон сè што припаѓа на детството ве следеле и вас во созревањето и растењето. Ако вие сте успеале неповредени да излезете и да станете одговорни родители, зошто мислите дека тоа нема да му успее на детето кое вие сте го воспитувале?

Родителската грижа сега е на најголем испит. Ќе ви треба многу трпение, постојан надзор над ризично однесување, часови разговор и чекање додека не се врати од ноќна забава.

Дозволете му на пубертетлијата слободен избор на гардероба, накит, музика и филмови, иако не ги разбирате или не се по ваш вкус. Побарајте стручна помош од психолог доколку во таа улога не се снаоѓате. Советувајте се со своите родители кои го преживеале вашиот пубертет. Нека семејството му биде сигурно пристаниште  во кое секогаш ќе се враќа да ја пронајде снагата за освојување нови слободи.

Поддршката, разбирањето и простувањето ќе направат стабилен мост за надминување на генерацискиот јаз, по кој ќе премине меѓу возрасните и по кој со задоволство ќе се враќа во родителската прегратка. Не се сомневајте во тоа дека секогаш со задоволство ќе се сеќава како сте биле покрај него во бурните времиња на растење и дека на тоа ќе ви биде искрено благодарно.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>