Фармацевти
Контакт

<< Назад

ПУБЕРТЕТ

мај 1, 2019

Мост помеѓу детството и зрелоста

 

Формирање сопствено семејство и потомство им посакуваме на своите деца пубертетот е неизбежно скалило кон таа цел.

 

Автор д-р Радмила Косиќ

 

Периодот од животот кога детето израснува во возрасна личност го нарекуваме пубертет. Називот потекнува од латинскиот збор pubertas – полово созревање. Истовремено со половото созревање настапуваат големи телесни, психички и социјални промени во животот на момчето или девојката. Периодот на пубертетот завршува со престанување на растот во висина и постигнување надворешни и  внатрешни карактеристики кои ја одбележуваат возрасната личност, способна за самостоен живот, партнерски односи и добивање сопствено потомство. Возраста кога ќе настапи пубететот повеќекратно се разликува меѓу расите. Големо влијание имаат генетските и општествено-социјалните фактори. Сите надворешни влијанија влијаат на созревање на централниот нервен и невроендокрин систем од жлезди –  често се чини дека овој складен оркестар лошо звучи, затоа периодот на пубертетот е предизвик за целото семејство.

 

Време на промени

Времето, начинот и брзината на почеток на пубертетот се многу различни. По третата година од животот детето расте изедначено од 4 до 6 сантиметри годишно, сè до пубертетот кога прво за забележува интензивен раст во висина. Максимално забрзување на растот кај момчињата е околу четиринаесеттата, а кај девојчињата две години порано. Телото расте неизедначено – адолесцентите имаат несразмерно долги раце и нозе, големи шаки и стапала, незадоволни се со големината на носот и распоредот на масното ткиво. Се зголемуваат внатрешните органи, расте просечниот број на црвени крвни зрнца и количината на хемоглобин. Масното ткиво се зголемува и се распоредува така што телото добива контури карактеристични за полот.

Растот на половиот орган и појавата на влакнетост укажуваат на тоа дека голобрадото момче зачекорило во светот на возрасните. Ова се случува обично околу тринаесеттата година. Ќе го загрижи појавата на акни на лицето и минливо зголемување на едната или на двете дојки. Со интензивен раст, зголемување на мускулната маса и масното ткиво момчињата стануваат посилен пол. Девојчињата околу единаесеттата година прво ќе забележат раст на дојките, влакнетост во пубичниот и аксиларниот дел. Рано ќе започне развојот на внатрешните полови органи и ширината на карлицата. Појавата на прва менструација е завршно случување во пубертетот на девојките. Потоа брзината во растот во висина ќе забави, месечните крвавења се регулираат во време и должина на траење. Девојката станува способна за бременост и раѓање.

 

Кога треба да се посети лекар

Прерана или предоцна појава на првите знаци на пубертет секогаш бара консултација, преглед и надзор од лекар. Потребно е детално да се испита семејната и лична историја на пубертетскиот развој на родителите, поранешни болести, повреди и досегашниот развој на младата личност. Некогаш детето се упатува на ендокринолог, кој врз основа на дополнителни испитувања утврдува дали е потребна каква било терапија или само следење на нормалната варијација на полово созревање. Најчесто се јавува лажен пубертет кај девојчињата (изолирано зголемување на дојките, појава на влакнетост) или доцен почеток на пубертетот кај момчињата (обично се докажува ист, доцен образец кај родителите). Поретко се случува пореметувањето во пубертетот да е знак за сериозно ендокринолошко или генетско заболување, сепак, треба на тоа да се мисли доколку изостане или прерано започне пубертетското созревање на детето.

 

Турбулентен период

Пубертетот е период на премин од детство во зрела доба. Младата личност треба да оствари функционалност на возрасна личност во сите сфери на животот. Појавата на преобликување на телото често предизвикува дилеми кај младата личност, незадоволството од сопствениот изглед се прелива во бунт кон сè што од неа се очекува. А се очекува многу – да воспостави емотивни односи надвор од семејството и да изгради сексуален идентитет. Во раната адолесценција е карактеристично поистоветување со врсничка група од ист пол. Така се делат предизвиците од трансформацијата на телото и душата, се разменуваат искуства од несогласување со возрасните. Бунтот кон родителите, училиштето, нормите на однесување и облекување често ја пореметуваат семејната идила. Родителите кои запловиле во мирни води после непроспиени ноќи со мали деца и ги прележале детските болести се соочуваат со нова личност во семејството.

 

Поддршка и разбирање се неопходни

Борбата за независност во семејството и војна со целиот свет завршуваат со прифаќање на полот, половите карактеристики и сопствената личност. Со завршување на физичкото и емотивното созревање расте самодовербата и самопочитувањето со повторно приближување кон семејството. Момчињата и девојките стануваат способни за трајни партнерски врски. Пубертетот е стрмно искачување кое родителите полесно или потешко го совладуваат. Парадоксално звучи дека родителите се најголеми сојузници во борбата за независност. На младата личност ѝ е потребно многу разбирање на тој пат. Родители, не се срамете да побарате стручна помош доколку го изгубите трпението. Важно е да не ја  изгубите довербата на детето кое се подготвува да се одвои од вас.

 

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>