За природен изглед и заштита на кожатаМилица Алексиќ
Модерната жена ја избира пудрата според својот тип на кожа и бојата на тенот со цел да изгледа што поприродно. За изборот да биде вистински (нежно розе, жолтеникав или беж), пудрата секогаш се тестира на дневна светлина и се нанесува на лице а не на рака, бидејќи само така со сигурност можеме да знаеме дека сме ја избрале вистинската нијанса. Исто така, постојат повеќе видови пудра:
Минерална пудра: Има особина да не ги затнува порите, добро ја поднесуваат сите типови на кожа и успешно ги прекрива недостатоците. Се нанесува од средина на лицето кон рабовите, со нежни кружни движења на четкичката.
Течна пудра: На пазарот има многу видови течна пудра, за различни типови кожа, па при изборот треба внимателно да се прочита декларацијата и да се избере соодветна нијанса која е најслична на бојата на вашата кожа, бидејќи само така, нанесувајќи ја, се постигнува природен изглед. Ако кожата ви е масна, изберете мат течна пудра, а доколку е сува, изберете пудра со сјај (luminizing).
Пудра во прав: Се нарекува и „компактна пудра“, а се препорачува да се нанесува со четкичка. Кога ќе завршите со нанесување, вишокот пудра отстранете го така што уште еднаш ќе поминете со четкичката преку лицето, со лесни кружни движења.
Тониран крем: Треба да се избере соодветна нијанса која е во склад со бојата на тенот. Може да се нанесува со врвовите на прстите (со кружни движења), но и со четкичка за течна пудра. Тонираниот крем е многу практичен, бидејќи брзо и лесно се нанесува, па е добар избор кога немате многу време за шминкање.
Камена пудра: Добро ги покрива недостатоците на кожата на лицето, а се препорачува да се нанесува со посебно сунѓерче кое се користи само за таа цел. Треба да се обрати внимание на хигиената на сунѓерот и да се пере што почесто.
Подлоги за пудра: Пред да нанесете пудра, секогаш добро исчистете го лицето и деколтето и нанесете соодветен крем, најдобро по препорака на козметичар. Ако кожата ви е сува, потребен ви е хидратантен крем, а ако е масна, тогаш вашиот крем покрај хидратација на кожата треба да влијае на маснотијата и да ја „матира“. Денес се користат и т.н. подлоги за пудра, со цел да ја подготват кожата, да ги „испеглаат“ брчките, да го заштитат епителот и да не дозволат да ви се затнат порите. Подлогата за пудра треба да се нанесе со мерка, значи во мали количини, добро да се размачка и да се почека неколку минути.
Совет: Ако носите деколтирана облека, никогаш не заборавајте да нанесете пудра и на вратот и на деколтето, а ако носите подигната коса, не заборавајте пудра да нанесете и на ушните школки. Кога ќе завршите со шминкање, секогаш уште еднаш погледнете се во огледало, и ако е потребно, направете корекции. Секогаш водете сметка за чистотата на четкичките и сунѓерчињата.