Фармацевти
Контакт

<< Назад

Пушење

мај 10, 2016

Репрогамирање – одвикнување во пет чекориНаташа Митровска, психолог
http://koncepcija.mk/ne_pusete.html

Новиот, револуционерен метод за одвикнување од пушење по пат на „репрограмирање“, заснован е на когнитивно-бихејвиорални техники, познати во психологијата како едни од најуспешните за надминување несакани навики, однесувања и зависности од секој тип

Науката денес има решение. Едноставно, но револуционерно. За да се збогатите, велат, не треба да работите повеќе, туку попаметно. Тоа важи и за пушењето. За конечно да ги оставите цигарите, не ви треба посилна волја или поцврст карактер, туку да го знаете најдобриот начин. И да го примените.

Овој метод е сосема спротивен на вообичаените методи, каде навиката на пушење се сузбива со помош на силата на волјата. Тука станува збор за еден вид „репрограмирање“ на умот – процес кој трае околу 3 недели или 21 ден, после што престанувањето со пушење се одвива природно и спонтано, без поголем напор и без вообичаените „кризи“ со кои апстинентите се соочуваат кога престануваат со пушење. Најголемата придобивка за оние кои престануваат да пушат на овој начин е тоа што, за кратко време, тие потполно ја губат желбата и потребата за цигара и во најголем број случаи никогаш повеќе не се враќаат на старата навика. Некогашните пушачи на релативно лесен и едноставен начин се доведуваат во психофизичка состојба како пред да започнат со пушењето, односно пред да станат зависни од никотин. Со овој метод поранешниот пушач не само што конечно се ослободува од самонаметнатото никотинско „ропство“, туку драстично го подобрува квалитетот на своето живеење, преземајќи ја повторно контролата врз себе и својот живот.

Што треба да направите? Прво и основно, да се ослободите од некои илузии и заблуди во врска со пушењето кои веројатно ги негувате со години наназад, како што се: верувањето дека пушењето претставува уживање и задоволство; дека цигарата ве смирува кога сте нервозни или сте под стрес; дека пушењето ви помага да се концентрирате или да се опуштите; раширеното верување дека ако престанете да пушите ќе се здебелите итн. Сте размислувале ли за овие свои ставови, верувања, стравови? Време е да ги преиспитате, зашто, ако еднаш порано на почетокот од вашата „пушачка кариера“ сте ги усвоиле, тоа не значи дека тие сè уште важат и дека се точни. Всушност, тие само ви помогнале да се „навлечете“ на цигарите и да останете долго време зависник од никотин! Тие се вашето „оправдување“.

Следниве пет чекори ве делат од вашиот нов статус на непушач:

Донесете одлука да престанете со пушење.
За потсетување – ќе имате уште најмалку 21 ден додека го започнете процесот на одвикнување. Со сите предизвици, стравови и сомнежи ќе можете да се соочите додека уште пушите. Токму ова е тоа што го прави овој метод полесен и далеку поефикасен од другите. Ве очекува промена, но ќе имате сосема доволно време да се подготвите.

Сега е важно да го направите првиот чекор, а тој е: да решите дека ќе престанете да пушите! Да изразите намера дека сакате да инсталирате нова, подобра програма во вашиот потсвесен ум, програмата „Јас сум непушач“.

Пронајдете ги вашите мотиви.
Направете листа со причини „ЗА“ и “ПРОТИВ“ престанување со пушење. Почнете со првата – вашите причини „ЗА“. Поради што сè сакате да станете непушач? Како тоа ќе го подобри вашиот живот? Запишете сè што ви паѓа на ум, од главните причини, па сè до најбаналните ситници. Потрудете се да ги најдете вашите лични причини за да станете непушач, оние што најмногу ви значат.

Потоа земете друг лист и на него запишете ги сите причини ПРОТИВ престанување со пушење. Напишете поради што би ви било тешко да го направите тоа, од што се плашите, што мислите дека би ви недостигало ако не пушите? Овие се обично многу помалку на број од првите. Причините поради кои мислите дека нешто не можете да направите се само ваши верувања. Станете свесни дека сите овие верувања ги одржувате и понатаму чисто од навика. А тие се главни компоненти на вашата  „пушачка програма“, која треба да ја промените. Затоа, запрашајте се следново: Ако овие верувања ми се главната препрека на патот да станам непушач, тогаш кои верувања ќе ме однесат до таа цел?

Седнете и пронајдете ги! Се разбира, тоа ќе бидат верувања спротивни на овие што ве ограничуваат. Отворете го својот ум и креирајте ги!

Одберете датум од кога ќе престанете да пушите.
Овој чекор ја покажува вашата решеност да станете непушач. Датумот на престанување одредете го така да биде минимум 21 ден отсега, односно отприлика 21 ден откако ќе почнете да визуелизирате (следниот чекор). На потсвесниот ум му се потребни околу 3 недели (21 ден) да ја апсорбира, односно „инсталира“ новата програма што ќе му ја понудите. Значи, одредете датум кога ќе престанете, а дотогаш можете слободно да пушите. Само следете ги сите потребни чекори.

Започнете со визуелизирање.
Да визуелизирате значи да го гледате на вашиот ментален екран, односно да го замислувате она што сакате да го постигнете, во случајов – да се замислувате себеси како непушач; да се гледате себеси како живеете живот на непушач. Со овој акт, вие му испраќате на вашиот потсвесен ум нови мисловни обрасци и чувства на непушач. Целиот трик тука е да го направите ова со интензивна желба и верување во крајниот исход. Бидете сигурни во тоа колку непушењето ќе ви го направи животот подобар! Внесете оптимизам и ентузијазам, радувајќи се однапред на резултатот што ќе го имате за 21 ден! Правете го ова пет минути навечер пред спиење и пет минути наутро по будење, во текот на 21 ден. Проверете како ќе изгледате, како ќе се чувствувате и како ќе се однесувате кога вашата цел – да станете непушач – ќе се оствари.

Употребувајте афирмации.
Напишете 5-6 афирмации поврзани со вашата цел да станете непушач. Афирмациите секогаш пишувајте ги во сегашно време. Составете ги така што тие да имаат лично значење за вас. Не да бидат само општи фрази кои автоматски ќе ги повторувате. Употребувајте зборови кои имаат силно мотивирачко дејство на вас.

Повторувајте ги во себе или гласно афирмациите што поенергично и со полна верба дека тоа што го кажувате е вистина. Однесувајте се како сето тоа да е навистина така, како актерите кога глумат одреден лик. Ова важи и за визуелизациите и за афирмациите. Влезете во својата нова улога! Однесувајте се како веќе да станувате непушач, кој има 3 недели за да се привикне сосема на новите околности.

После само 3 дена непушење ќе бидете среќни што сте ја донеле оваа, можеби најважна одлука во вашиот живот. Знаете ли која е основната разлика меѓу пушачи и непушачи? Непушачите не чувствуваат потреба да пушат и не мора да се воздржуваат за да не запалат. Тоа е она што вие сега го правите. Станувате непушач.

Знаете ли колку е убаво кога веќе не морате да пушите за да уживате во животот?

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>