Како да ги усовршиме своите способностиДа се менуваме себеси за да бидеме поуспешни и позадоволни е предизвик и процес кој бара фокусираност, реално согледување на желбите и целите, но и подготвеност да се биде искрен спрема себе во текот на креирањето и реализацијата на плановите за лично усовршување
Марина Брашиќ, специјален педагог и ОЛИ интегративен психодинамиски терапевт
Луѓето се склони да прават работи кои не се во целост корисни за нив. Иако гледаат дека некои однесувања, реакции или уверувања не им носат многу добро, тврдоглавно се држат за нив и не ги менуваат. Ги доживуваат како дел од својата личност или карактер, како нешто непроменливо. За своите незадоволства вината ја бараат во другите луѓе или околности и одбиваат да видат дека тие се одговорни за себе. Наместо да прифатат дека промените се можни и да работат на себе, тие остануваат во желбите кои не се исполнети, во плановите кои се одложени и жалат за пропуштените прилики. Јасно е дека времето не можеме да го вратиме, но она што можеме е да ги унапредиме и да ги подобриме своите сегашност и иднина.
Процес на откривање на своите потенцијали: Сè почесто во употреба е терминот „работа на себе“. Секој од свој агол може да ја дефинира работата на себе во зависност од тоа на кој аспект од животот моментално има фокус. На пример: „работам на себе за да имам подобра врска со партнерот“ или „работам на себе за да бидам поуспешен во работата“ или „работам на себе за да се чувствувам поздраво или позадоволно“. Општо кажано, работата на себе е процес на откривање на своите сила и потенцијал, како и менување на оние способности кои нè ограничуваат во постигнување на саканите цели. Работата на себе подразбира менување на себеси, усовршување на емоционалните состојби и практични способности за личноста да напредува.
Да се промениш себеси не е лесно. Тоа бара постојано почитување на принципот на реалност: реално согледување на себе (како мана и како доблест), реално согледување на своите потреби и желби, како и реално поставување планови и цели. Задоволството доаѓа дури тогаш кога ќе научиме да не ја искривуваме реалноста, да не гледаме само низ очилата на желби и потреби, значи ‒ тогаш кога ќе ја преземеме одговорноста и за сопствените постапки.
Како да се менуваме себеси: Искуствата кои ги стекнуваме низ животот влијаат да се менуваме и да ги приспособуваме своите одлуки, да ги прошируваме емотивните доживувања, да ги приспособуваме или менуваме животните цели. Промените се составен дел од животот и тие се неминовни. Ако сме незадоволни од некои сегменти од животот неопходно е да се менуваме во тој аспект за да постигнеме успех. Ако промената изостане, тогаш доаѓа до стагнација во напредувањето, а со тоа и до незадоволство. Менувајќи се себеси, унапредувајќи ги своите способности, човек станува поуспешен и позадоволен од својот живот.
Без оглед на тоа дали сте одлучиле самите да работите на промените или во тоа да ви помогне стручно лице, потребно е да донесете одлука за промена. Одлуката вклучува повеќе работи: подготвеност да се придвижите, подготвеност да бидете искрени спрема себе и подготвеност да преземете одговорност за своите успеси и неуспеси.
Пет предизвици: Ако сте подготвени да зачекорите во истражување на овој свет и да се менувате себеси, ви подготвивме пет предизвици за да ви ја олесниме работата на себе. Овие предизвици го поттикнуваат ширењето на свеста за себе и ви даваат прилика да согледате во кои аспекти би можеле да се менувате. Подгответе молив и хартија за она на што работите да ви биде попрегледно, и подгответе се за многу размислувања за себе.
- предизвик: Запознајте се и истражувајте се себеси
Обидете се да се дефинирате. Кои сте, што работите, кого имате од семејството и пријателите, која е вашата животна мисија, што е тоа што сакате да го имате, а што е она што го сакате а го немате, што одложувате да направите за себе, што сте успеале да промените до сега а што не ви поаѓа од рака... Направете листа од сите оние работи кои ги имате и ги сакате, а потоа оние кои ги немате, а ги сакате.
- предизвик: Инвентар по животните области
Размислете за тоа каков живот водите, што имате или ви недостасува во следните области: како ви е партнерскиот однос или љубовниот живот? Каква ви е финансиската ситуација или работата која ја работите? Каков ви е социјалниот живот? Какво ви е здравјето и како го негувате?
- предизвик: Дефинирајте ги целите
Ако искрено сте го согледале она со што располагате, појасно можете да видите што ви недостига и што сакате. Она што сакате можете да го добиете само ако ги дефинирате целите. Целта би требало да биде јасно поврзана со желбата (на пример: сакам да имам витко тело или сакам да работам интересна и динамична работа итн.). Потрудете се прво да ги излистате своите цели, а дури потоа да тргнете во нивна реализација по приоритети. Не заборавајте дека вашата главна цел е да бидете задоволни со себе. Исто така, кога избирате начини на реализација, изберете активности кои можат да бидат забавни, а воедно да водат кон остварување на целите.
- предизвик: Преземете одговорност
Преземањето одговорност не се однесува само на она што не сме го постигнале туку и на она што сме го постигнале. Ако во прв чекор сте го дефинирале она што го имате а го сакате, веднаш ќе можете да размислите и како сте дошле до тоа ‒ што сте правеле за да го остварите, кои вештини сте ги користеле, како сте се чувствувале, на кој начин сте размислувале... Размислете што сега работите со она што го немате а го сакате. Околностите можат да бидат различни, но вие сте одговорни за тоа како ги согледувате и на кој начин ги користите за себе.
- предизвик: Управување со емоциите
Иако желбите и емоциите нè движат, тие можат да бидат и камен на сопнување на патот кон успехот. Размислете добро што сè чувствувате во дадени околности и ситуации. Напишете кои чувства ги следат вашите цели, дали тоа е страв, чувство на вина, чувство дека нешто не можете и слично. Обидете се да одговорите на прашањата зошто тие емоции се јавуваат и како можете да ги надминете за да дојдете до саканата цел.