Фармацевти
Контакт

<< Назад

РАЧЕН ЧАСОВНИК

мај 1, 2018

Секогаш е време за елеганција

Aвтор: Милица Ѓокиќ

Изминувањето на времето е вечен противник на човековата страст за скротување на природните појави. Незапирливото чукање на часовникот нè потсетува на минливоста и ни дава поттик секој момент да го искористиме што подобро.

Уредите за мерење на времето спаѓаат во најстари човекови изуми. Сончевиот часовник својот прв предок го имал во стапот забоден пред пештера. Следува откривање на часовници на вода, и ним блиските песочни часовници. Најстарите опишани вакви уреди се споменуваат во древните индиски и кинески списи, а постојат докази дека се користени во Египет околу 1600 пр.н.е.

Грчката и римската цивилизација во механизмот на часовникот воведуваат запченици. Тајните на умешноста на часовничарите патуваат следејќи ги освојувачките походи и геополитичките промени, доживувајќи бавен, но сигурен напредок. Кон крајот на 12 век, во Европа се појавуваат понапредни механизми кои наместо вода користат тегови. Во 15 век е вообичаено користењето пружини, а часовничарскиот занает станува сè побаран. Голем напредок остварил Кристијан Хајгенс кога во 1657 година ја применил Галилеевата идеја за нишало како двигател на механизмот на часовникот.

Потребата за прецизно мерење на времето растела со порастот на моќта на тогашните светски империи. Причина за тоа е навигацијата на отворено море, а во историјата на хорологијата со златни букви е впишано името на англискиот часовничар Џон Харисон. Неговите изуми го обележале 18 век. Првиот патентиран часовник е забележан во 1797 година, а пријавата во Патентниот завод ја поднел Ели Тери. Тој се смета за основач на американската индустрија на часовници.

Време за носење

Во текот на 18 век започнала модата за носење лични часовници. Технолошкиот напредок овозможил сместување на механизмот во куќишта доволно мали за некој без проблем да ги стави во џеб. Поседувањето личен часовник станува потреба, луѓето сфатиле дека времето може да го носат секаде со себе, како и дека не мораат да зависат од јавните часовници, кои во тоа време биле составен дел од градските кули и камбанарии. Паралелно со тоа, кај луѓето се јавува свест за тоа дека поседувањето часовник не е само корисно во смисла снаоѓање во времето, туку и дека тој предмет е своевиден статусен симбол. Дури и оние поевтини модели не биле лесно достапни за сите, а своето богатство стекнато во деловни активности индустријалците од тоа време го покажувале преку посебно нарачани луксузни часовници. Вложувањето во часовник претставувало некој вид инвестиција или осигурување за евентуални црни денови. Според архивски податоци, секој втор предмет оставен во американските заложни куќи во првата половина на 19 век бил токму часовник.

Украс на женската рака

Европските часовничари од тоа време, со посебен акцент на легендарните швајцарски мајстори на овој занает, биле дел од беспоштедниот пазарен натпревар. Довербата секако била примарна, но дизајнот полека станал дополнителен фактор, чие значење не било можно да се занемари. Не се знае со сигурност кога точно почнала модата за носење часовници околу рачниот зглоб, но повеќето податоци укажуваат на тоа дека е во прашање самиот почеток на 19 век. Оваа пракса била резервирана за жените во текот на целиот век. Тука мораме да напоменеме и тоа дека жените многу ги ценеле како мајстори во светот на изработка на часовници. Префинетата умешност на изработка и склопување на ситните запченици изискува прецизност, вештина и трпение, кои недостигаат кај многу припадници на посилниот пол. Мажите за тоа време со гордост гледале во своите џебни часовници и со потсмев ги коментирале женските модни лудории. Дури и водвиљските претстави карикатурно го прикажувале носењето часовник на рака како особина на оние на кои не им е сите запченици на број. Жените многу не се осврнувале на тоа, со оглед на тоа што новата мода имала и многу практична страна. Имено, доколку навистина сте сакале да знаете колку е часот, што е и основна цел при носење часовник, тогаш било далеку поедноставно да се погледне кон рачниот зглоб, отколку да се претура по комплицираните кроеви на тогашните фустани.

Мажи на новото време

Првата светска војна донесе дефинитивно промена на локацијата на која личниот мерач на протокот на времето во иднина ќе биде сместен. Напредокот на воената технологија изискувал прецизна синхронизирана комуникација. Практично решение е најдено во изместување на часовникот од џеб на рачниот зглоб. По завршувањето на судирите во колективната свест останале слики на херои на новото време ‒ авијатичарите. А тие како незаобиколен дел од опремата носеле и рачен часовник.

Автомобилизмот станува сè попопуларен, а смелите возачи, исто така, ја прифатиле новата мода. Џебниот часовиот станува нешто што го носеле генерации кои се возеле со железница, генерации на татковци чие време изминало. Добро знаеме колку секоја нова генерација се стреми да се разликува од претходната, така што сè им одело во корист на часовниците кои се носат на рака. Во периодот помеѓу двете војни производството на рачни часовници скоро во целост ги потиснало своите џебни претходници. Во текот на 1931 година се појавил и прв механизам за автоматско навивање кој ги користел движењата на зглобот на сопственикот на часовникот.

Дигитална револуција

Во наредните децении рачниот часовник станува незаобиколен дел од секојдневната гардероба, задржувајќи ја улогата на статусен симбол. Иако првиот електричен часовник е направен уште во 1840 година, развојот на електрониката допуштил намалување на компонентите на разумна мера. Резултат на тоа била нова револуција во светот на часовници, која официјално започнала во 1969, кога се појавил првиот сериски произведен кварцен часовник на батерии. Евтини и доверливи, главно јапонски, ја преплавија планетата. Рачниот часовник, од предмет кој се купувал со желба да го наследат внуци, станал нешто што се фрла кога ќе се распе или ќе остане без батерии. Произведувачите на класични механизми, сепак, опстанаа насочувајќи се кон купувачи на луксузни производи.

Времето е повторно во џеб

Мобилните телефони дополнително ја загрозија позицијата на рачниот часовник, особено кај помладата популација. Покажувачот на времето повторно се смести во нашите џебови. Модерното време носи брзи промени, така што смената на трендови сега е далеку почеста. Дека е така покажува и појавата на т.н. паметни часовници. Од оние поедноставни кои имаат исклучително практична функција во комуникација со вашите деца, до часовникот на Епл, кој главно служи да ги нервирате оние кои го немаат.

Вечен моден детаљ

Сепак, по два века престојување на рачните зглобови, веројатно часовникот тука и ќе остане. Понудата е таква што секој може за себе да го пронајде токму тоа што го бара. Материјалите и боите навистина се разновидни и се вклопуваат во сите модни стилови што може да се замислат. Некои нешта во деловниот свет остануваат како стандард, како метални или кожени ремчиња, додека поопуштена варијанта на облекување дозволува на својот часовник да му дадете личен печет. Се разбира дека е добро секогаш да имате некој часовник чие секое отчукување е наменето токму за вас.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>